Обединета Европа — зошто тоа би било важно?
ТАПИТЕ од шампањското летнаа во воздух. Огномет го осветли небото. По кој повод? Нов милениум? Не, овој настан беше неоспорно позначаен од самото менување на цифрите на календарите во светот. Беше 1 јануари 1999. Тој ден беше официјално воведена новата единствена валута за Европската унија (ЕУ) — паричната единица наречена евро.
Многу Европејци сметаат дека воведувањето на една заедничка валута е историски чекор во долгата потрага на Европа за да дојде до единство. Холандскиот весник De Telegraaf го поздрави воведувањето на еврото како „круна на обединувањето на Европа“. Всушност, после децении соништа, дипломатија и одложувања, европското единство изгледа поблизу од кога и да е порано.
Се разбира, луѓето кои не живеат во Европа можеби се прашуваат зошто се крева толкава врева околу тоа. Можеби изгледа дека пристигнувањето на еврото и напорите за обединување на Европа немаат некое големо влијание врз нивниот секојдневен живот. Сепак, со обединувањето на Европа ќе се создаде еден од најголемите економски блокови во светот. Затоа, би било тешко да се игнорира една обединета Европа — без оглед на тоа каде живеете.
На пример, Помошникот на државниот секретар на САД, Марк Гросман, неодамна изјави пред јавноста во Северна Америка: „Нашиот просперитет е поврзан со Европа“. Зошто? Тој забележа дека меѓу останатите причини е и тоа што „секој 12. фабрички работник во САД е вработен во едно од 4.000-те претпријатија во САД кои имаат сопственик од Европа“. Исто така, се известува дека новата европска валута може да влијае врз цената на увезените стоки — па дури и врз цената на хипотеките — во земјите кои се далеку од Европа.
Земјите во развој можат да имаат корист. Како? Едно истражување забележува: „Заменувањето на различните европски валути со еврото ќе ги поедностави трговските односи меѓу земјите во развој и ЕУ“. Освен тоа, некои предвидуваат дека ќе имаат корист и фирмите од Јапонија и САД кои имаат бизнис во Европа. Со воведувањето на еврото, нема да има флуктуација на девизниот курс меѓу европските земји. Водењето бизнис во Европа би можело да стане поекономично.
Ако планирате да патувате низ Европа, и Вие можете да ги почувствувате користите од обединувањето на Европа. Наскоро ќе можете да купувате стоки и услуги во различни европски земји само со една валута, еврото, која има речиси иста вредност како американскиот долар. Деновите кога збунетите туристи се плеткаа со гулдени, франци, лири, германски марки и џепни дигитрони ќе бидат минато.
Сепак, потегот што го направи Европа кон тоа да стане обединет континент нуди нешто уште попривлечно — надеж. Само помислете, пред неколку децении Европа беше проголтана од војна. Гледано од таа перспектива, обединувањето на Европа е зачудувачки феномен. Луѓе од целиот свет го забележуваат тоа.
Многумина не можат а да не се прашуваат дали, сепак, светското единство би можело да биде реалистично очекување. Ваквите изгледи навистина будат копнеж! Дали чекорот кон единство што го направи Европа ќе го доведе човекот поблизу до еден обединет свет? Пред да одговориме на ова прашање, треба отворено да го разгледаме обединувањето на Европа. Уште кои препреки кои стојат на патот до обединувањето треба да се отстранат?
[Рамка/табела на страница 4]
ОБЕДИНУВАЊЕ ВО ТЕК?
Идејата за обединување на Европа не е сосема нова. Одреден степен на единство имало во времето на Римската империја, потоа под владеењето на Карло Велики и подоцна под Наполеон I. Во таквите случаи, единството се темелело на сила и освојување. Меѓутоа, по II светска војна, неколку земји во кои беснееше војната чувствуваа потреба од единство кое ќе се темели на соработка. Овие земји се надеваа дека таквата соработка нема да води само до нивно економско закрепнување туку и до забрана на војната. Некои од историските чекори кои водеа до сегашнава ситуација се следниве:
• 1948 Стотици европски политички водачи се собираат во Хаг (Холандија), и свечено ветуваат: „Никогаш повторно нема да водиме меѓусебна војна“.
• 1950 Франција и Германија почнуваат да соработуваат за да ги заштитат своите индустрии за јаглен и челик. Им се придружуваат и други земји, а тоа води до формирањето на Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ). ЕЗЈЧ почнува да работи во 1952 и ги вклучува Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија.
• 1957 Шесте членки на ЕЗЈЧ формираат уште две организации: Европската економска заедница (ЕЕЗ) и Европската заедница за атомска енергија (Евроатом).
• 1967 ЕЕЗ се соединува со ЕЗЈЧ и Евроатом за да ја формираат Европската заедница (ЕЗ).
• 1973 ЕЗ ја прима Данска, Ирска и Обединетото Кралство.
• 1981 Грција станува членка на ЕЗ.
• 1986 Португалија и Шпанија стануваат членки на ЕЗ.
• 1990 ЕЗ се проширува кога се соединуваат Источна и Западна Германија, со што во организацијата влезе поранешна Источна Германија.
• 1993 Напорите околу поголемо економско и политичко единство на членките на ЕЗ водат до создавањето на Европската унија (ЕУ).
• 2000 ЕУ се состои од 15 земји членки — Австрија, Белгија, Германија, Грција, Данска, Ирска, Италија, Луксембург, Обединетото Кралство, Португалија, Холандија, Финска, Франција, Шведска и Шпанија.
[Слика на страница 3]
Еврото ќе замени многу европски валути
[Извор на слика на страница 3]
Еврата и симболите на еврата на страници 3, 5, 6 и 8: © European Monetary Institute