Поглед во светот
„Од 6 милијарди во 1999 год.“, при крајот на 2011 год. светското население ја помина бројката од 7 милијарди (МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ХАРВАРД, САД).
„Вкупно 58,8% од жителите на [Обединетото Кралство] изјавиле дека нивното семејство би имало корист ако си одреди време без технологија, време кога сите средства за комуникација ќе бидат исклучени... Секој трет човек е толку презаситен од технологијата што има потреба да побегне од неа“ (УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО КЕМБРИЏ, БРИТАНИЈА).
„Од 1976 год. наваму, соборот на католички бискупи во Америка издава прогласи... пред секои претседателски избори за да им помогне на католиците во својот политички избор да ја вклучат и својата вера“ (УНИВЕРЗИТЕТОТ ФОРДАМ, САД).
„Ако доволен број криминалци решат да создадат хаос на улиците, ќе успеат во тоа... Група млади Британци имаат изгубено секакво чувство за морал. Иако мала, оваа група е сепак доволно голема за да ја тероризира и да ја деградира земјата“ (THE ECONOMIST, БРИТАНИЈА).
Колку видови постојат на Земјата?
„Неверојатно е тоа што сѐ уште не сме сигурни колку точно видови постојат, што истакнува дека има голема празнина во нашите сознанија за животот на Земјата“, велат научниците чие истражување беше објавено во списанието PLoS Biology. Иако тие проценуваат дека има 8,7 милиони видови живи организми, плус-минус еден милион, други експерти проценуваат дека би можело да има некаде помеѓу 3 и 100 милиони. Досега се класифицирани само околу 1,2 милиони од овие видови и се смета дека со сегашното темпо, би биле потребни 1.000 години за да се евидентираат преостанатите видови. „Со ваквата бавна класификација може да се случи некои видови да исчезнат уште пред да станеме свесни дека воопшто постоеле“, велат истражувачите.
Сателитска археологија
Археолозите имаат нова метода за откривање потенцијални археолошки локалитети. Користат компјутерски програми со чија помош ги анализираат инфрацрвените сателитски снимки со висока резолуција за да ги лоцираат урнатините. На пример, се вели дека со помош на фотографиите направени од сателит поставен 700 километри над Египет се откриени локациите на 17 пирамиди за кои порано не се знаеше, на 1.000 стари гробници и на околу 3.000 изгубени населби. Инфрацрвените зраци продираат длабоко под земјата, па затоа фотографиите направени со таа техника овозможуваат да се откријат некои одамна заборавени или затрупани градби, кои инаку не би можеле да се видат.