Навлечени на насилство
СВЕТОТ е навлечен на насилство. Точно е дека во забавната индустрија насилството не е ништо ново. Меѓутоа, „во последниве години“, вели организацијата Media Awareness Network, „нешто се смени. Една работа е дека сега во медиумите има сѐ повеќе насилство“. Друга работа е дека насилството е „поексплицитно, посадистичко и сѐ почесто е поврзано со секс“. Размисли за следново.
Музика: Според истата организација, песните во кои се зборува за насилство се „сѐ позастапени и поприфатени во музичката индустрија“. Во некои песни, со вулгарности се величаат убиство и силување, дури и на сопруги и мајки.
Видеоигри: „Алармантен е фактот што видеоигрите се многу крвави“, наведе едно британско списание наменето за вљубениците во видеоигри. Потоа додава: „Донекаде, за да сакаш видеоигри, треба да сакаш и насилство“. На пример, во една популарна игра играчот претепува жени до смрт со бејзбол палка. Некои стручњаци сметаат дека, затоа што видеоигрите се интерактивни може да имаат посилно негативно влијание врз децата отколку телевизијата.
Филмови: Истражувањата покажуваат дека во филмовите има сѐ повеќе насилство, секс и вулгарности, и дека категоризацијата, која покажува за која публика се наменети, не е доволно добар показател за содржината. Освен тоа, не се насилни само „негативците“. Според едно истражување, речиси половина од насилството што се прикажува на ТВ, во филмовите и во видеоспотовите е извршено од страна на „добрите ликови“.
Вести: Во поглед на вестите, многу ТВ-куќи се водат по начелото „колку повеќе црна хроника толку поголема гледаност“. Вестите се голем бизнис — новинарите знаат дека насилството привлекува гледачи, а високата гледаност привлекува рекламери кои ги спонзорираат ТВ-куќите во многу земји.
Веб-страници: На Интернет може да се видат и виртуелни и реални сцени со мачење, осакатување, касапење и убивање. На овие веб-страници одат и многу деца.
Како насилството во медиумите влијае врз тебе
Дали насилството на телевизија, во филмовите, во книгите, во музиката и во други видови забава влијае врз луѓето? Точно, оние што профитираат од насилството застапено во медиумите често тврдат дека никому не нанесуваат штета со тоа што го прикажуваат. Но, размисли за ова: За да влијаат врз размислувањето на луѓето, компаниите плаќаат милијарди долари за реклами, иако една реклама може да трае и само 30 секунди. Според тоа, дали е логично да мислиме дека еден филм од 90 минути, во кој главните ликови се можеби неморални и насилни, ќе има мало или нема да има никакво влијание, особено врз децата кои впиваат сѐ како сунѓер?
Нашиот Творец, Јехова Бог, ја познава човечката природа многу подобро од нас. Што рекол тој за дружењето со насилни луѓе, во кои спаѓаат и оние што нѐ забавуваат преку медиумите? Размисли за следниве библиски стихови:
● „Јехова го испитува и праведниот и злиот, а душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството“ (Псалм 11:5).
● „Не дружи се со оној што е склон кон лутина и не оди со човек кој лесно се разгневува, за да не се навикнеш на неговите патишта, па да си поставиш замка за душата“ (Изреки 22:24, 25).
Се разбира, не можеме да се заштитиме од сите лоши влијанија. Но, можеме да избереме што ќе гледаме и слушаме и со кого ќе се дружиме. Затоа прашај се: ‚Каква личност сакам да бидам?‘ Потоа дружи се со такви луѓе, луѓе кои имаат исти вредности и цели какви што сакаш да имаш и ти (Изреки 13:20).
Изборот на пријатели и забава може да влијае врз нашиот став кон насилството, но влијание може да имаат и други фактори. Кои?
[Слика на страница 4]
Изборот на забава може да влијае врз нашиот став кон насилството