Гледиште на Библијата
Како гледа Бог на насилството?
НАСИЛСТВОТО е многу раширено и се пројавува во многу облици. Освен насилство во војните, има насилство во спортот, во училиштата, на работното место, меѓу бандите, насилство поврзано со дрогата, како и насилство во забавата. Изгледа дека во многу семејства е вообичаено дури и насилство во домот. На пример, едно неодамнешно истражување покажало дека во Канада, 1,2 милиони мажи и жени биле насилнички нападнати од сопствениот брачен партнер барем еднаш во последниве пет години. Друго истражување заклучило дека околу 50 проценти од оние што ги тепаат своите жени, насилнички ги малтретираат и своите деца.
Несомнено, таквите чинови на насилство се шокантни и за Вас и за повеќето други луѓе. Сепак, насилството станало важна состојка на голем дел од денешната забава. Публиката е восхитена не само од инсценираното насилство во филмовите туку и од делата на физичка агресија од вистинскиот живот, кои се прикажуваат на телевизија. Боксот и други насилнички спортови се омилени во многу земји. Но, како гледа Бог на насилството?
Долгата историја на насилството
Насилството има долга историја. Во Библијата, во Битие 4:2—15, е запишан првиот чин на физичко насилство што го извршил човек. Каин, првиот син на Адам и Ева, му станал љубоморен на својот брат Авел и ладнокрвно го убил. Како реагирал Бог? Библијата објаснува дека Јехова Бог строго го казнил Каин затоа што му го одзел животот на својот брат.
Во Битие 6:11 читаме дека повеќе од 1.500 години по тој настан, земјата ‚се наполнила со насилства‘. И овој пат, како реагирал Бог? Му заповедал на праведниот Ное да изгради една арка во која тој и неговото семејство ќе бидат на безбедно додека Јехова нанесува потоп на земјата, ‚уништувајќи го‘ тоа насилничко општество (Битие 6:12—14, 17). Но, што било причина тоа општество да биде толку склоно кон насилство?
Влијанието на демоните
Извештајот од Битие открива дека Божјите синови, непослушните ангели, се материјализирале како човечки суштества, се женеле со жените и имале потомство (Битие 6:1—4). Потомците, познати како Нефилими, биле невообичаено големи и прочуени мажи. Под влијание на нивните демонски татковци, тие станале насилни силеџии. Кога водите на потопот се кренале и ја покриле земјата, овие злобни силеџии изумреле. Но, демоните очигледно се дематеријализирале и се вратиле во духовното царство.
Библијата јасно покажува дека оттогаш, овие бунтовни ангели вршат силно влијание врз луѓето (Ефешаните 6:12). Нивниот водач, Сатана, е наречен првиот „човекоубиец“ (Јован 8:44). Затоа, насилството што се случува на земјата со право би можело да се нарече демонско, односно сатанско.
Библијата предупредува на заводливата моќ на насилството. Во Пословици 16:29 наведува: „Насилникот го заведува својот ближен и го наведува на лош пат“. Мнозина денес биле заведени да одобруваат, да унапредуваат или да извршуваат чинови на насилство. Исто така, милиони луѓе биле намамени да уживаат во забава што велича насилство. Зборовите од Псалм 73:6 би можеле исправно да се користат за да се опише денешната генерација. Псалмистот вели: „Гордоста е ѓердан на нивниот врат, а насилството облека што ги покрива“.
Бог го мрази насилството
Како треба христијаните да се однесуваат во еден насилен свет? Библискиот извештај за Јакововите синови Симеон и Леви ни дава здраво водство. Нивната сестра Дина отишла во друштво на неморалните луѓе од Сихем. Како резултат на тоа доживеала сексуално насилство од еден Сихемец. Како одмазда, Симеон и Леви немилосрдно извршиле масакр врз сите мажи во Сихем. Подоцна, под божествена инспирација, Јаков го проколнал неконтролираниот гнев на своите синови со зборовите: „Симеон и Леви се браќа! Мечевите им се оружје на насилство. Јас не учествував во нивните советувања, не зедов дел од нивните собранија!“ (Битие 49:5, 6).
Во склад со овие зборови, христијаните избегнуваат да се дружат со оние што унапредуваат или извршуваат насилство. Јасно, Бог ги мрази оние што унапредуваат насилство. Библијата наведува: „Господ ги испитува: праведниот и неправедниот, од дното на душата го мрази силникот [секој што го љуби насилството, NW]“ (Псалм 11:5). Христијаните се опоменати да ги избегнуваат сите облици на неконтролиран гнев, дури и вербалното насилство (Галатите 5:19—21; Ефешаните 4:31).
Дали насилството некогаш ќе заврши?
Древниот пророк Хабакук го молел Јехова: „До кога, Господи, ќе викам за помош . . . Да викам кон Тебе ‚Насилство!‘ “ (Хабакук 1:2). Можеби и Вие сте поставиле некое слично прашање. Бог му одговорил на Хабакук, ветувајќи му дека ќе го отстрани ‚нечестивиот‘ (Хабакук 3:13). Пророчката книга Исаија исто така ни дава надеж. Таму Бог ветува: „Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твое подрачје“ (Исаија 60:18).
Јеховините сведоци се уверени дека многу скоро Бог ќе ги отстрани од земјата сите облици на насилство и оние што го унапредуваат. Во тоа време, наместо да биде исполнета со насилство, „земјата ќе се наполни со знаењето на Господовата слава, како што водите го покриваат морето“ (Хабакук 2:14).
[Слика на страница 24]
Насилството започнало кога Каин го убил Авел