Деветто поглавје
Постапувај со другите онака како што сака Бог
1-3. а) На што помислуваат многу христијани кога ќе се спомне древниот град Тир? б) Опиши ги односите помеѓу царот Хирам и Израел. в) Што можеме да научиме од она што се случило со Тир?
НА ШТО помислуваш кога некој ќе го спомне древниот град Тир? Многу христијани ќе помислат на едно пророштво што се исполнило кога Александар Велики ги собрал камењата од урнатините од копнениот дел на Тир и со нив изградил насип до новиот островски дел на градот и го уништил (Езекиел 26:4, 12; Захарија 9:3, 4). Но, дали некогаш би помислил дека она што се случило со Тир има врска со тоа како треба а како не треба да постапуваме со нашите духовни браќа и со другите луѓе?
2 Зошто бил уништен Тир? „Поради трите престапи на Тир... зашто му ги предадоа сите изгнаници на Едом, и не се сетија на братскиот сојуз. И ќе испратам оган врз ѕидиштата на Тир“ (Амос 1:9, 10). Во минатото, тирскиот цар Хирам бил во добри односи со Давид и обезбедил градежен материјал за храмот на Соломон. Соломон склучил сојуз со Хирам и му дал неколку градови во Галилеја. Хирам му се обраќал на Соломон со „брате мој“ (1. Царевите 5:1-18; 9:10-13, 26-28; 2. Самоилова 5:11). Кога Тир ‚не се сетил на братскиот сојуз‘ и продал во ропство некои припадници на Божјиот народ, тоа не поминало незабележано кај Јехова.
3 Што можеме да научиме од тоа што Бог ги казнил Ханаанците во Тир затоа што биле сурови со Неговиот народ? Една важна поука се однесува на тоа како постапуваме ние со нашите духовни браќа. Во претходните поглавја од оваа книга разгледавме некои совети на 12-те пророци за тоа како да постапуваме со другите, на пример, да бидеме праведни во деловните работи и да се однесуваме чесно. Но, во овие 12 книги има и други поуки од кои гледаме како сака Бог да постапуваме со другите.
НЕ РАДУВАЈ СЕ НА ТУЃАТА МАКА
4. Во која смисла Едомците им биле „браќа“ на Израелците, но како постапувале со нив?
4 Можеме да научиме нешто од зборовите со кои Бог го прекорил Едом, земја близу до Израел: „Не требаше да му се ситиш на денот на брата си, денот на неговата несреќа, ниту да се радуваш на денот кога гинеа синовите на Јуда“ (Авдија 12). Тирците им биле „браќа“ на Израелците во таа смисла што меѓу нив постоела трговска соработка, но Едомците им биле „браќа“ во вистинска смисла на зборот, затоа што биле потомци на Исав, братот близнак на Јаков. Дури и Јехова ги нарекол Едомците „браќа“ на Израел (5. Мојсеева 2:1-4). Затоа, било многу злобно од страна на Едомците што се радувале на неволјата на Евреите кога паднале во рацете на Вавилонците (Езекиел 25:12-14).
5. Во кои ситуации може да се случи да бидеме како Едомците?
5 Очигледно, Бог не бил задоволен од тоа како постапувале Едомците со своите браќа, Евреите. Но, добро е да се запрашаме: ‚Што мисли Бог за начинот на кој јас постапувам со моите браќа?‘ Едно подрачје за кое треба да размислиме е како постапуваме и како гледаме на нашите браќа кога работите меѓу нас не одат подмачкано. На пример, замисли си дека еден христијанин те навредил или се замерил со некој твој роднина. Дали упорно ќе му се лутиш на братот против кого ‚имаш жалба‘? Дали постојано ќе размислуваш за недоразбирањето и нема да направиш ништо за да се реши? (Колошаните 3:13; Исус Навин 22:9-30; Матеј 5:23, 24). Тоа може да влијае врз твоето однесување со братот — можеби ќе бидеш ладен со него, ќе го избегнуваш или ќе зборуваш лошо за него. Замисли си тој брат подоцна да направи некој грев и дури да треба да добие совет или укор од собраниските старешини (Галатите 6:1). Дали ќе бидеш како Едомците и ќе се радуваш на маката на својот брат? Како би сакал Бог да постапиш?
6. Според Захарија 7:10, што не треба да правиме, а според Михеј 7:18, што треба да правиме?
6 Преку Захарија, Јехова кажал дека бара од нас да ‚не смислуваме зло во срцето свое еден против друг‘ (Захарија 7:9, 10; 8:17). Многу е важно да го имаме овој совет на ум кога мислиме дека некој брат нѐ навредил или му згрешил на некој од нашето семејство. Кога ќе се случи такво нешто, многу лесно може да почнеме да ‚смислуваме зло во своето срце‘, а потоа тоа да се види и во нашето однесување. Од друга страна, Бог сака да го следиме неговиот добар пример. Сети се на зборовите на Михеј, кој напишал дека Јехова „ги простува грешките и преминува преку престапот“a (Михеј 7:18). Како можеме да го примениме ова во животот?
7. Зошто е добро едноставно да заборавиме некоја навреда?
7 Можеби нѐ повредило нешто што некој ни го направил нам или на некој од нашето семејство. Но, искрено речено, зар тоа е навистина толку трагично? Во Библијата е наведено кои чекори треба да ги преземеме за да ги решиме несогласувањата со некој брат, дури и да се работи за грев. Сепак, честопати е најдобро да поминеме преку грешката или навредата, односно ‚да преминеме преку престапот‘. Запрашај се: ‚Дали можеби ова е еден од 77-те пати кога треба да му простам на братот? Зошто едноставно да не заборавам што се случи?‘ (Матеј 18:15-17, 21, 22). Дури и ако навредата ни изгледа голема сега, како ќе ни изгледа по илјада години? Да научиме една важна поука од Проповедник 5:20, каде што се зборува за еден работник што ужива во јадењето и пиењето: „Човекот не размислува често за деновите на животот свој, бидејќи вистинскиот Бог му го исполнува срцето со радост“. Кога човек се концентрира на она што сега му носи радост, ги заборава секојдневните проблеми. Можеме ли и ние слично да гледаме на проблемите? Ако се концентрираме на убавите работи што ги имаме во нашето христијанско братство, ќе можеме да ги заборавиме проблемите кои, долгорочно гледано, воопшто не се важни и на кои нема ни да се сеќаваме во новиот свет. Ако гледаме така на работите, нема да се радуваме на туѓата мака ниту ќе ги памтиме навредите, туку ќе постапуваме сосема спротивно.
ЗБОРУВАЈ ИМ ЈА ВИСТИНАТА НА ДРУГИТЕ
8. Со каков предизвик се соочуваме кога станува збор за искреноста?
8 Во книгите на 12-те пророци е нагласено дека Бог сака секогаш да бидеме искрени. Се разбира, даваме сѐ од себе за да им ја кажуваме ‚вистината, односно добрата вест‘ на другите (Колошаните 1:5; 2. Коринќаните 4:2; 1. Тимотеј 2:4, 7). Но, понекогаш може да биде вистински предизвик да ја кажуваме вистината во секојдневните разговори со семејството и со духовните браќа — разговори што опфаќаат најразлични теми и ситуации. Зошто?
9. Кога може да се најдеме во искушение да не ја кажеме целата вистина, но за што треба да размислиме?
9 Кој од нас не рекол или не направил нешто нељубезно и потоа му било укажано на тоа? Веројатно сме се засрамиле или сме почувствувале вина. Таквите чувства можат да нѐ наведат да ја негираме грешката или да се обидеме да ја „објасниме“, извртувајќи ја вистината за да се оправдаме или за да излезе дека, всушност, сме постапиле исправно. Или, ако се најдеме во незгодна ситуација, можеби ќе бидеме во искушение да кажеме само некои детали, прикривајќи други за да ги извртиме работите во своја корист. Технички гледано, она што ќе го кажеме ќе биде точно, но ќе остави сосема погрешна слика. Иако тоа можеби не е отворено лажење, што е вообичаено во светот денес, дали може да се каже дека ‚сме му ја зборувале вистината на својот ближен‘, односно на својот брат? (Ефешаните 4:15, 25; 1. Тимотеј 4:1, 2). Што мислиш, како гледа Бог на тоа кога еден христијанин ги кажува работите на начин со кој знае дека ќе ги наведе браќата на погрешен заклучок, односно ќе ги наведе да поверуваат во нешто што не е точно?
10. Како пророците ја опишале состојбата во древните Израел и Јуда?
10 Пророците биле свесни дека дури и мажите и жените што му се заветувани на Јехова понекогаш не го прават она што тој го бара од нив. Осија кажал како гледал Бог на некои луѓе од тоа време: „Нека ги стигне пропаст, зашто ми згрешија! Јас сакав да ги откупам, а тие кажуваат лаги против мене!“ Освен што кажувале директни и очигледни лаги за Јехова, некои кажувале и ‚клевети и измами‘ за да ги извртат фактите и да ги измамат другите (Осија 4:1, 2; 7:1-3, 13; 10:4; 12:1). Осија ги запишал овие зборови во Самарија, во северното царство. Дали работите стоеле подобро во Јуда? Да видиме што ни кажува Михеј: „Неговите богаташи се полни со насилство, а неговите жители кажуваат лаги и лукав е јазикот во нивната уста“ (Михеј 6:12). Треба да имаме на ум дека овие пророци ги осудиле „измамите“ и оние чиј ‚јазик е лукав‘. Затоа, дури и христијаните, кои сигурно не би лажеле намерно, треба да се запрашаат: ‚Дали понекогаш се служам со измама? Дали понекогаш имам „лукав јазик“? Што очекува Бог од мене во тој поглед?‘
11. Што дознаваме од пророците во врска со тоа како сака Бог да зборуваме?
11 Од друга страна, преку пророците Бог јасно ни покажал кои убави постапки ги очекува од нас. Во Захарија 8:16 се вели: „Ова треба да го правите: Зборувајте ја вистината еден со друг! На градските порти судете според вистината и донесувајте пресуди што водат кон мир“. Во времето на Захарија, градските порти биле јавни места каде што старешините ги решавале правните случаи (Рут 4:1; Неемија 8:1). Но, зборовите на Захарија не значат дека тоа било единственото место каде што требало да се кажува вистината. Мораме да бидеме искрени кога зборуваме на јавно место, но мораме и да ‚ја зборуваме вистината еден со друг‘. Тоа значи и дома, кога разговараме со брачниот другар или со другите во семејството. Ова се однесува и на секојдневните разговори со нашите духовни браќа и сестри, сеедно дали зборуваме со нив лично, на телефон или на некој друг начин. Тие со право очекуваат да им ја кажеме вистината. Родителите треба секогаш да им нагласуваат на своите деца дека е многу важно да не се лаже. Така, децата ќе растат свесни дека Бог не сака да имаат ‚лукав јазик‘, туку да ја зборуваат вистината (Софонија 3:13).
12. Кои вредни поуки можеме да ги извлечеме од книгите на пророците?
12 И младите и возрасните кои се решени да ја зборуваат вистината, го прифаќаат поттикот на Захарија: „Сакајте ги вистината и мирот!“ (Захарија 8:19). Забележи ги зборовите на Малахија со кои Јехова кажува за што е пример Неговиот Син: „Законот на вистината му беше на устата, и неправда не му се најде на усните. Во мир и во чесност одеше со мене“ (Малахија 2:6). Зарем Јехова ќе очекува нешто помалку од нас? Не заборавај, ние денес ја имаме целата Библија, вклучувајќи ги и книгите на 12-те пророци со сите поуки што можеме да ги извлечеме од нив.
БЕГАЈ ОД НАСИЛСТВО
13. За кој друг проблем дознаваме од Михеј 6:12?
13 Од Михеј 6:12 дознаваме дека припадниците на Божјиот народ постапувале лошо со другите така што ‚кажувале лаги и лукав бил јазикот во нивната уста‘. Но, овој стих ни кажува и за уште еден сериозен проблем. Во него се вели дека ‚богаташите биле полни со насилство‘. По што можело да се види тоа, и што учиме од овој стих?
14, 15. По што биле познати народите што живееле околу Божјиот народ?
14 Размисли на каков глас биле некои од народите што живееле околу Божјиот народ. На североисток била Асирија, со главниот град Ниневија, за кој Наум напишал: „Тешко му на крволочниот град! Полн е со измама и грабеж! Никогаш не е без плен!“ (Наум 3:1). Асирците биле познати по тоа што биле многу воинствени и многу сурови со воените заробеници — некои затвореници биле палени или живи дерени, а на други им биле вадени очите, отсечувани носовите, ушите или прстите. Во книгата Богови, гробови и научници (Gods, Graves, and Scholars) се вели: „Во мислите на луѓето, Ниневија останала запаметена само по убиствата, грабежите, угнетувањето и газењето на слабите, по војните и по насилствата“. Во книгата на Јона се запишани зборовите на еден очевидец (а можеби и учесник) во тие насилства. Откако ја чул пораката на Јона, царот на Ниневија за својот народ рекол: „Нека се покријат со козина и луѓето и стоката! Нека го повикуваат Бог со сета сила и нека се одвратат сите од својот лош пат и од насилството што е во нивните раце!“ (Јона 3:6-8).b
15 Но, суровото насилство не било карактеристично само за Асирија. Казна го чекала и Едом, кој се наоѓал југоисточно од Јуда. Зошто? „Едом [ќе се претвори] во пустина, во гола пустелија, поради насилството над синовите на Јуда, во чија земја пролеаја невина крв“ (Јоил 3:19). Дали Едомците сериозно го сфатиле ова предупредување па прекинале со насилството? Околу два века подоцна, Авдија напишал: „Јунаците твои, Темане [град во Едом], ќе ги фати страв... Поради насилството над твојот брат Јаков... ќе бидеш истребен засекогаш“ (Авдија 9, 10). Но, каква била состојбата со Божјиот народ?
16. За кој проблем од нивното време ни кажуваат Амос и Авакум?
16 Амос кажал каква била состојбата во Самарија, главниот град на северното царство: „,Погледнете го големиот неред и угнетувањето во неа! Не знаат да го прават она што е исправно‘, вели Јехова, ‚оние што во своите утврдени дворци го натрупуваат она што го собрале со насилство и со грабеж‘“ (Амос 3:9, 10). Можеби си мислиш дека во Јуда, каде што се наоѓал Јеховиниот храм, работите стоеле поинаку. Но Авакум, кој живеел во Јуда, го прашал Бог: „До кога ќе те викам на помош поради насилството, а ти нема да спасиш? Зошто ме тераш да гледам зло и зошто гледаш неволја? Зошто се пљачката и насилството пред мене?“ (Авакум 1:2, 3; 2:12).
17. Која е една можна причина зошто меѓу Божјиот народ се раширило насилството?
17 Можно ли е насилството да му станало нешто сосем нормално на Божјиот народ затоа што дозволил врз него да влијае начинот на кој гледале на насилството Асирија, Едом или другите народи? Соломон предупредил дека е можно да се случи такво нешто: „Не завидувај му на насилен човек и не тргнувај по ниту еден од неговите патишта“ (Изреки 3:31; 24:1). Подоцна, Еремија директно кажал: „Вака вели Јехова: ‚Не учете се на патот по кој одат народите‘“ (Еремија 10:2; 5. Мојсеева 18:9).
18, 19. а) Да е Авакум жив денес, како би гледал на насилството во кое тоне денешниов свет? б) Што мислиш ти за насилството денес?
18 Да е Авакум жив денес, зарем нема да биде запрепастен од насилството околу нас? Мнозина се изложени на насилство уште од мали. Мали деца занесено гледаат цртани филмови во кои се прикажува насилство — еден лик се обидува да го смачка, да го разнесе или на друг начин да го уништи другиот. Децата многу брзо преминуваат од цртани филмови на видеоигри во кои се обидуваат да победат така што ќе ги убијат, ќе ги кренат во воздух или ќе ги парчосаат противниците. „Па, тоа се само игри“, можеби ќе речат некои. Сепак, насилните игри, било да се играат на компјутер дома или во флиперница, ги внесуваат играчите во светот на насилството и управуваат со нивното размислување и постапки. Вистина е она што го велат вдахновените зборови: „Насилникот го заведува својот ближен и го наведува на пат што не е добар“ (Изреки 16:29).
19 Авакум бил присилен да ги ‚гледа неволјата и насилството пред него‘, и тоа му паѓало многу тешко. Сега запрашај се: ‚Дали на Авакум би му било пријатно да седи со мене и да ги гледа програмите што јас обично ги гледам на телевизија? Дали би трошел време за да гледа насилни спортови, во кои играчите дури носат заштитна опрема слична на опремата што ја носеле гладијаторите во древно време?‘ Некои гледачи уживаат кога на некој спортски натпревар ќе дојде до тепачка меѓу играчите или меѓу разулавените навивачи. Во некои култури, нормално е да се гледаат насилни филмови со воени теми или во кои се прикажуваат боречки вештини. Мнозина ги гледаат овие филмови под изговор дека сакаат да се запознаат со историјата или културното минато на народот. Но, дали тоа го прави насилството поприфатливо? (Изреки 4:17).
20. Во врска со кој облик на насилство Малахија го изнел гледиштето на Јехова?
20 Малахија спомнал уште еден облик на насилство кога кажал како гледа Јехова на тоа што некои Евреи си ги изневерувале жените. „,Јас го мразам разводот‘, вели Јехова, Богот на Израел, ‚и оној што ја прекрива својата облека со насилство‘“ (Малахија 2:16). Има различни мислења во врска со значењето на хебрејската фраза „ја прекрива својата облека со насилство“. Според некои изучувачи, тоа значи некој жестоко да нападне некого и да си ја испрска облеката со крв. Како и да е, Малахија јасно го осудил малтретирањето на брачниот другар. Да, тој зборувал за насилството во семејството и јасно дал на знаење дека Бог го осудува.
21. Во кои ситуации христијаните не смеат да бидат насилни?
21 Нема никакво оправдување за насилството во домот на еден христијанин, било физичко било вербално, како што нема оправдување за насилството во која и да било друга прилика — Бог гледа сѐ (Проповедник 5:8). Иако Малахија зборувал за случаи кога мажот е насилен кон жената, ништо во Библијата не укажува дека насилството врз децата или остарените родители заслужува помал прекор. Нема никакво оправдание ни ако жената е насилна кон мажот, кон децата или кон родителите. Точно, во семејство составено од несовршени луѓе ќе дојде до проблеми, нервози и лутина. Но, Библијата нѐ советува: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (Ефешаните 4:26; 6:4; Псалм 4:4; Колошаните 3:19).
22. Од каде знаеме дека е можно човек да не биде насилен иако живее меѓу насилни луѓе?
22 Некои си наоѓаат изговор за тоа што се насилни, велејќи: ‚Ваков сум зашто пораснав во семејство во кое сите беа насилни‘, или: ‚Таму каде што израснав луѓето се потемпераментни и поизбувливи‘. Меѓутоа, кога Михеј ги осудил ‚богаташите полни со насилство‘, тој не рекол дека имаат оправдание затоа што живееле меѓу насилни луѓе (Михеј 6:12). Ное живеел во време кога Земјата била ‚полна со насилство‘, па и неговите синови израснале во таква средина. Дали тие станале насилни? Не! „Ное најде милост во очите на Јехова“, а неговите синови се угледале на него и биле спасени во Потопот (1. Мојсеева 6:8, 11-13; Псалм 11:5).
23, 24. а) Што ни помага да не бидеме познати како насилни луѓе? б) Што мисли Јехова за оние што постапуваат со другите онака како што сака тој?
23 Во цел свет, Јеховините сведоци се познати по тоа што се мирољубиви луѓе, а не насилни. Ги почитуваат законите што „цезарот“ ги поставува против насилството (Римјаните 13:1-4). Тие ‚ги прековале своите мечеви во плугови‘ и се трудат да живеат во мир со сите (Исаија 2:4). Се трудат да ја облечат „новата личност“, која им помага да не бидат насилни (Ефешаните 4:22-26). Освен тоа, го следат примерот на христијанските старешини, кои не смеат да бидат насилни ниту физички ниту вербално (1. Тимотеј 3:3; Тит 1:7).
24 Да, ние можеме — и мораме — да постапуваме со другите онака како што сака Бог. Осија вели: „Кој е мудар, па да го разбере сето ова? Кој е разборит, па да го спознае? Зашто, патиштата на Јехова се прави, и праведни се оние што одат по нив“ (Осија 14:9).
[Фусноти]
a Во врска со изразот „преминува преку престапот“, еден изучувач вели дека оваа хебрејска метафора „укажува на патник кој поминува низ некој предел без да го загледува она што не го интересира. Овој стих [не значи дека Бог не го забележува гревот] туку дека во некои случаи не му обрнува внимание во таа смисла што нема намера да казни. Тој не казнува туку простува“.
b Околу 35 километри југоисточно од Ниневија се наоѓал градот Кала (Нимруд), кој го обновил Асурнасирпал. Во Британскиот музеј се изложени ѕидни релјефи од Кала, а во врска со нив се вели следново: „Асурнасирпал до најситни детали опишал со колкава крволочност и суровост ги водел своите воени походи. Затворениците биле обесувани или приковувани на столбови покрај ѕидиштата на опколените градови... млади момчиња и девојки биле живи дерени“ (Археологија на Библијата — Archaeology of the Bible).
ШТО ОЧЕКУВА ЈЕХОВА ОД НАС?
• Како примерот на Јехова ни помага да постапиме исправно кога некој брат ќе нѐ навреди? (Осија 14:2; Михеј 7:18; Малахија 2:10, 11).
• Ако ги споредиме Осија 4:1 и Захарија 8:16, што гледаме, како очекува Јехова да постапуваме со другите?
• Во што би можел да се поправиш кога се во прашање односите со другите?
СПРОТИВНО НА СВЕТОТ
• Што покажува дека мнозина во светот ‚пијат насилство‘? (Изреки 4:17; Софонија 1:9; Малахија 2:17).
• Како можеш да ги примениш зборовите од Михеј 4:3 во собранието и во семејството?
• Како ти помогна ова поглавје да сфатиш дека можеме многу да научиме од библиските стихови што не се спомнуваат толку често?
[Слика на страница 113]
Што не треба да правиш ако некој те навреди?
[Слика на страница 121]
Многу цртани филмови и видеоигри ги наведуваат младите да мислат дека насилството е нешто нормално