ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 10/06 стр. 4-7
  • ТВ — „потаен учител“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ТВ — „потаен учител“
  • Разбудете се! 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Расправи околу влијанието на ТВ
  • Размислувај за влијанието на ТВ
  • Користете го телевизорот внимателно
    Разбудете се! 2000
  • Како да се контролираш
    Разбудете се! 2006
  • ТВ — крадец на времето?
    Разбудете се! 2006
  • Навлечени на насилство
    Разбудете се! 2012
Повеќе
Разбудете се! 2006
g 10/06 стр. 4-7

ТВ — „потаен учител“

ТЕЛЕВИЗИЈАТА може да биде одлично средство за поучување. Преку неа, учиме за земји и народи што можеби никогаш нема да ги посетиме. Со неа „патуваме“ до тропските џунгли и до поларните ледени покривки, до планинските врвови и до морските длабочини. Таа ни овозможува да ѕирнеме во фасцинантниот свет на атомите и на ѕвездите. На неа гледаме настани што се одигруваат на другиот крај на светот. Од неа дознаваме за политиката, за историјата, за тековните настани и за културата. Телевизијата ги прикажува и добрите и лошите моменти во животот на луѓето. Таа забавува, поучува, па дури и мотивира.

Меѓутоа, повеќето од она што се прикажува на програмата не е ниту корисно ниту поучно. Веројатно најжестоките критики доаѓаат од луѓето што го осудуваат тоа што насилството и сексот се премногу застапени и живописно прикажани на телевизијата. На пример, едно истражување направено во Соединетите Држави покажа дека речиси 2 од 3 ТВ-програми содржат сцени со насилство, што е во просек шест сцени на час. До своето полнолетство, еден млад човек веќе ќе има видено илјадници сцени со насилство и убиства. Многу се застапени и сцените со секс. Во две третини од сите ТВ-програми се зборува за секс, а во 35 отсто има сцени со секс, кој обично е прикажан како да не носи никаков ризик и како да е нешто што е нормално за двојки што не се во брак.a

Програмите во кои се прикажува секс и насилство се многу барани во целиот свет. Американските акциони филмови, кои подоцна се прикажуваат и на ТВ, лесно се пробиваат на странските пазари. За нив не се потребни кој знае колку добри глумци или мудри дијалози, и лесно се разбираат. За да го задржат вниманието на гледачите, важно е во нив да има тепачки, убивање, специјални ефекти и секс. Меѓутоа, за да се задржи вниманието што подолго, мора да се прават и некои промени. На гледачите брзо им здосадува да гледаат сѐ една иста работа; сензационалното брзо им станува нешто секојдневно. За да го задржат интересот на гледачите, продуцентите одат во уште поголеми крајности со кои ќе ги шокираат и ќе ги возбудат гледачите, а тоа го постигнуваат така што во филмовите внесуваат повеќе насилство и поживописни сцени со секс и свирепост.

Расправи околу влијанието на ТВ

Како ќе влијае врз гледачите ако постојано гледаат насилство и секс на ТВ? Критичарите обвинуваат дека насилството што се прикажува на ТВ ги тера луѓето да бидат агресивни и помалку сочувствителни кон жртвите на насилство во вистинскиот живот. Исто така, тврдат дека сексот што се прикажува на ТВ поттикнува на менување на сексуалните партнери и дека го поткопува моралот.

Дали гледањето ТВ навистина придонесува за ваквите реакции? За ова прашање жестоко се расправа со децении; стотици истражувања и илјадници книги и статии ја обработуваат оваа тема. Во центарот на овие расправи е како да се докаже дека една работа предизвикува друга — на пример, дека, ако од рана возраст се гледа насилство на ТВ, тоа може да доведе до физичка агресивност подоцна во животот. Понекогаш не е лесно да се докаже ова. Да го објасниме тоа со еден пример: Да претпоставиме дека првпат почнуваш да земаш некој лек, и за неколку часа ти се исипува целото тело. Во таква ситуација, лесно е да се заклучи дека лекот предизвикал алергиска реакција. Но, понекогаш алергијата се развива постепено. Кога се работи за таков случај, може да биде многу потешко алергиската реакција да се поврзе со некој конкретен лек, зашто има многу причини од кои може да дојде до алергија.

Слично на ова, тешко е да се докаже дека насилството што се прикажува на ТВ поттикнува на криминал и дека е причина за асоцијално однесување. Сепак, многу истражувања покажуваат дека овие работи се поврзани. Освен тоа, некои криминалци велат дека врз нивните ставови и насилно однесување влијаело она што го гледале на ТВ. Од друга страна, пак, луѓето се изложени на многу влијанија во животот. Насилните видеоигри, мерилата на пријателите и семејството, условите за живот, исто така може да придонесат за агресивно однесување.

Затоа воопшто не изненадува тоа што постојат спротивставени гледишта. Еден канадски психолог напишал: „Научните докази едноставно не покажуваат дека гледањето насилство ги поттикнува луѓето на насилство или дека ги прави рамнодушни на насилство“. Меѓутоа, американското Здружение на психолози за медиумите и општеството рече: „Нема апсолутно никакво сомнение дека долготрајното гледање насилство на телевизија е поврзано со поголема толеранција на агресивното размислување и однесување“.

Размислувај за влијанието на ТВ

Да не изгубиме од вид, експертите расправаат за докази — дали може да се докаже дека гледањето насилство раѓа насилство. Меѓутоа, малкумина би тврделе дека телевизијата не влијае врз нашето размислување и однесување. Имај го ова на ум. Една единствена фотографија може да нѐ разлути, да нѐ расплаче или да нѐ израдува. И музиката силно ги допира нашите чувства. Зборовите, дури и кога се на хартија, нѐ тераат на размислување, раѓаат чувства кај нас и нѐ поттикнуваат на постапки. Тогаш, колку поголемо е влијанието кога подвижните слики, музиката и зборовите се вешто испреплетени заедно! Не е ни чудо што телевизијата е толку привлечна! Освен тоа, достапна е на секој чекор. Еден писател вели: „Откако човекот научил да ги изразува своите идеи на хартија... ниедна друга нова техника за пренесување идеи немала толкаво влијание врз цивилизацијата“ како телевизијата.

Секоја година, фирмите трошат милијарди долари на реклами, затоа што знаат дека врз гледачите влијае она што го гледаат и слушаат. Тие пари не ги трошат затоа што само мислат дека рекламата ќе ги привлече луѓето; тие знаат дека ќе ги привлече. Рекламите ги продаваат нивните производи. Во 2004 година, компанијата Кока-кола потроши 2,2 милијарди долари за да ги рекламира своите производи во светот преку печатот, радиото и телевизијата. Дали се исплати таа инвестиција? Истата година, оваа компанија оствари заработка од речиси 22 милијарди долари. Рекламерите знаат дека една реклама можеби нема да ги натера потрошувачите да купат нешто. Затоа, се потпираат на влијанието на постојаното рекламирање низ годините.

Ако една реклама од 30 секунди влијае врз ставовите и однесувањето на луѓето, можеме да бидеме сигурни дека и часовите поминати во гледање ТВ влијаат врз нас. „Зад највообичаената или најсекојдневната забава“, вели авторот на книгата Телевизија — меѓународна историја (Television—An International History), „овој медиум дејствува како потаен учител.“ Во книгата Илустрирана историја на телевизијата се вели: „Телевизијата го менува начинот на кој размислуваме“. Мораме да се запрашаме: ‚Дали она што го гледам влијае врз моето размислување онака како што јас би сакал да влијае?‘

За оние што му служат на Бог, ова прашање е особено важно. Поголемиот дел од она што се прикажува на телевизија е спротивно на високите начела и морални мерила за кои поучува Библијата. Начинот на живот и навиките што се осудени во Божјата реч се претставуваат како прифатливи, нормални, па дури и модерни. Во исто време, христијанските мерила и оние што се придржуваат за нив честопати се игнорирани, исмејувани или омаловажувани. Еден писател со жалење рекол: „Не е доволно што изопаченото се прикажува како нормално, туку и нормалното мора да се прикаже како изопачено“. Премногу често ‚потајниот учител‘ дошепнува: ‚Доброто е зло, а злото е добро‘ (Исаија 5:20).

Мораме да бидеме претпазливи што гледаме, зашто тоа влијае врз нашето размислување. Библијата вели: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20). Библичарот Адам Кларк вели: „Да одиш со некого укажува на љубов и наклоност; не е можно да не ги имитираме оние што ги сакаме. Затоа се вели: ‚Кажи ми со кого се дружиш, па ќе ти кажам каков си‘. Види кои му се пријатели на некого, и лесно ќе дознаеш каква личност е“. Како што видовме, повеќето луѓе поминуваат многу време дружејќи се со телевизиските ликови, кои воопшто не се мудри и кои еден христијанин инаку ни на сон не би ги поканил во својот дом.

Ако лекарот ти препише еден јак лек, веројатно внимателно ќе размислиш за користа, но и за ризиците што ги носи тој лек. Ако земеш погрешен лек — или дури и ако земеш премногу од исправниот лек — може да си наштетиш на здравјето. Истото може да се каже и за гледањето ТВ. Затоа, мудро е сериозно да размислиме што гледаме.

Апостол Павле под вдахновение ги поттикнал христијаните да размислуваат за сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, чисто, допадливо, пофално, доблесно и достојно за фалба (Филипјаните 4:6-8). Ќе го послушаш ли овој совет? Ако го послушаш, ќе бидеш среќен.

[Фуснота]

a Статистичките податоци за Соединетите Држави се слични како и за другите земји во светот, бидејќи американските телевизиски програми и филмови се прикажуваат низ целиот свет.

[Истакната мисла на страница 5]

„Телевизијата е изум преку кој во својата дневна соба се забавуваш со луѓе кои инаку не би ги пуштил во својот дом“

(Дејвид Фрост, телевизиска личност од Британија).

[Рамка на страница 5]

ШТО ДА СЕ КАЖЕ ЗА СЕКСОТ И НАСИЛСТВОТО ВО БИБЛИЈАТА?

Која е разликата помеѓу насилството и сексот што се прикажуваат на ТВ и насилството и сексот што се спомнуваат во Библијата? Случаите кога во Библијата се зборува за секс и за насилство се запишани за да се извлече поука, а не за да послужат како забава (Римјаните 15:4). Во Божјата реч се запишани историски факти. Тие ни помагаат да сфатиме како гледа Бог на работите и да учиме од грешките на другите.

Во повеќето земји каде што се прикажуваат реклами, сексот и насилството што ги има на ТВ не служат за поука, туку за да се заработат пари. Рекламерите сакаат да привлечат колку што е можно повеќе луѓе, а кога се прикажува секс и насилство, гледачите остануваат залепени за екраните. Резултатот е: ќе ги гледаат рекламите и ќе го купат она што се рекламира. Уредниците на вестите го следат правилото: „Колку повеќе крв, толку поинтересно“. Едноставно кажано, сензационалните приказни — за криминал, несреќи и војни — имаат предност пред другите теми на вестите што не се толку возбудливи.

Иако во Библијата се запишани настани во кои имало насилство, таа ги охрабрува луѓето да живеат мирољубиво — да не се одмаздуваат, туку да ги решаваат проблемите на мирен начин. Таа постојано поттикнува на висок морал во поглед на сексот. Но, повеќето програми што се прикажуваат на телевизија не пренесуваат таква порака (Исаија 2:2-4; 1. Коринќаните 13:4-8; Ефешаните 4:32).

[Рамка/слика на страница 7]

ТЕЛЕВИЗИЈАТА И МЛАДИТЕ

„На темел на севкупните докази од истражувањата што беа спроведени во текот на неколку децении, научниците и здравствените работници со запрепастување заклучија дека гледањето насилство е штетно за децата“ (Семејна фондација Хенри Кајзер).

„[Се согласуваме со] Американското здружение на педијатри дека ‚децата помали од две години не треба да гледаат телевизија‘. На овие деца, кај кои мозокот е во неверојатен развој, им е потребна игра и контакти со вистински луѓе што ќе ги поттикнат нивните развојни, физички и друштвени способности“ (Државен институт за медиуми и семејство).

[Слика на страници 6 и 7]

Дали она што го гледам влијае врз моето размислување онака како што јас би сакал да влијае?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели