Користете го телевизорот внимателно
ТЕЛЕВИЗОРОТ игра улога на „главен раскажувач на приказни, бебиситерка и обликувач на јавното мислење“, забележува извештајот Не во интерес на јавноста — локалните ТВ вести во Америка, што го составила една група за контролирање на медиумите во Соединетите Држави. „ТВ-то е присутно насекаде околу нас . . . исто како чадот од цигарите на другите, тоа е во воздухот.“ И исто како што вдишувањето на чадот од цигарите на другите е штетно, така и долгите часови „голтање“ ТВ програми, без да се прави внимателен избор, има штетно влијание — особено врз децата.
Зборувајќи за криминалот и насилството што се прикажуваат на телевизијата, истиот извештај забележува дека „стотици анкети покажале дека гледањето насилни сцени влијае негативно врз учењето, агресивноста и соживувањето кај децата“. Во 1992, Американското медицинско здружение навело дека „насилството што се прикажува на телевизијата е ризичен фактор кој му се заканува на здравјето на младите луѓе“.
Како можете да го контролирате влијанието на штетните ТВ програми врз Вашите деца? Извештајот наведува некои совети, кои се адаптирани врз основа на она што го препорачуваат неколку здравствени организации во врска со тоа како повнимателно да се користи телевизорот. Следат некои од тие совети:
◼ Планирајте го и ограничете го гледањето ТВ. На децата поставете им ограничувања за тоа кога можат да гледаат. Не ставајте телевизор во детската соба.
◼ Ставете глобус до телевизорот за да можат децата да ги побараат местата што ги гледаат на програмата.
◼ Гледајте телевизија заедно со своите деца за да можете да им објасните некои работи, како што е разликата меѓу фантазијата и реалноста. Многу деца кои се помали од 10 години не можат секогаш да ја направат оваа разлика.
◼ Не ставајте го телевизорот на упадливо место во домот. Поставете го во витрина, каде што ќе стои зад затворени вратички. На тој начин ќе биде малку потешко да се вклучува и да се шета по програмите.