ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 10/06 стр. 8-9
  • Како да се контролираш

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како да се контролираш
  • Разбудете се! 2006
  • Сличен материјал
  • Користете го телевизорот внимателно
    Разбудете се! 2000
  • ТВ — крадец на времето?
    Разбудете се! 2006
  • ТВ — „потаен учител“
    Разбудете се! 2006
Разбудете се! 2006
g 10/06 стр. 8-9

Како да се контролираш

„ШТОМ ќе го вклучевме телевизорот, гледавме сѐ што се прикажуваше, емисија по емисија“, вели Клодин. „Не го исклучувавме сѐ додека не си легневме.“ Некои велат: „Едноставно не можам да се одлепам од него“, а други: „Не сакам да гледам ТВ толку многу, но не можам да сторам ништо против тоа“. Дали и ти гледаш премногу телевизија? Дали си загрижен за тоа како може да влијае телевизијата врз твоето семејство? Еве некои предлози што може да ти помогнат да го контролираш гледањето ТВ.

1. ДОЗНАЈ КОЛКУ ГЛЕДАШ. „Паметниот внимава на своите чекори“, се вели во Изреки 14:15. Мудро е да анализираш какви навики на гледање имаш и да видиш што можеш да смениш. Отприлика една седмица води си дневник и запишувај колку време трошиш на гледање ТВ. Добро е да запишеш и кои емисии си ги гледал, што си научил и колку си уживал во нив. Но, најважно е да пресметаш колку време поминуваш пред телевизорот. Можеби ќе се изненадиш од сознанијата до кои ќе дојдеш. Самото тоа што ќе дознаеш колкав дел од својот живот му го посветуваш на телевизорот, може да те поттикне да смениш нешто.

2. НАМАЛИ ГО ВРЕМЕТО ШТО ГО ПОМИНУВАШ ПРЕД ТЕЛЕВИЗОРОТ. Обиди се да не гледаш ТВ еден ден седмично, цела седмица или цел месец. Или, можеби е добро да си поставиш граници колку време ќе гледаш ТВ секој ден. Ако секој ден гледаш ТВ само половина час помалку, на крајот од месецот ќе ти останат 15 часа слободно време. Употреби го тоа време за покорисни работи, на пример, да потрошиш повеќе време на духовни работи, да прочиташ некоја добра книга или да бидеш повеќе со семејството и пријателите. Истражувањата покажуваат дека луѓето што не гледаат многу ТВ, повеќе уживаат во она што го гледаат отколку луѓето што минуваат многу време пред ТВ. Еден начин да го намалиш времето што го трошиш за гледање ТВ е да го тргнеш телевизорот од спалната соба. Децата што имаат телевизор во својата соба гледаат ТВ речиси час и половина повеќе отколку децата што немаат телевизор во собата. Освен тоа, кога во собата на едно дете има телевизор, родителите не знаат што сѐ гледа детето. И родителите и брачните парови ќе увидат дека ќе имаат повеќе време еден за друг ако го тргнат телевизорот од спалната соба. Некои одлучиле воопшто да немаат телевизор дома.

3. ИСПЛАНИРАЈ ШТО ЌЕ ГЛЕДАШ. Се разбира, на ТВ има многу добри емисии. Наместо да вртиш низ каналите или да гледаш сѐ што има на телевизија, провери однапред што има на програмата и избери ги емисиите што сакаш да ги гледаш. Вклучи го телевизорот тогаш кога почнува емисијата што си ја избрал, и исклучи го веднаш штом ќе заврши. Или, наместо да ја гледаш емисијата тогаш кога се прикажува, можеби е добро да ја снимиш и да ја гледаш подоцна. Така ќе можеш да ја гледаш во време што ти одговара и ќе можеш да ги премотуваш рекламите.

4. БИДИ ИЗБИРЛИВ. Библијата прорекла дека во нашето време луѓето ќе бидат „себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“. Веројатно ќе се согласиш дека многу телевизиски ликови се токму такви. „Од таквите бегај!“, опоменува Библијата (2. Тимотеј 3:1-5). Предупредени сме: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). За да бидеме избирливи, потребна е самоконтрола. Дали ти се случило некогаш неколку минути да гледаш некој филм и, иако сфаќаш дека филмот не е добар, да продолжиш да го гледаш до крај само за да дознаеш што ќе се случи? На мнозина им се има случено тоа. Меѓутоа, ако имаш сила да го исклучиш телевизорот за да можеш да правиш нешто друго, веројатно ќе видиш дека, всушност, и не ти е важно што ќе се случи.

Долго пред да биде измислена телевизијата, псалмистот напишал: „Пред своите очи нема да ставам ништо зло“ (Псалм 101:3). Колку убава цел што треба да ја имаме на ум кога избираме што ќе гледаме на ТВ! Некои, како Клодин, одлучиле да немаат телевизор. Таа вели: „Не сфаќав колку телевизијата ми ги отрпнува чувствата. Сега, кога понекогаш гледам ТВ, шокирана сум од работите што порано не ми пречеа. Си мислев дека сум избирлива во врска со тоа што гледам, но сега ми е јасно дека не бев. Кога гледам убави емисии, повеќе уживам во нив“.

[Слика на страница 8]

Запиши си колку време поминуваш во гледање ТВ

[Слика на страница 8]

Замени го гледањето ТВ со некои покорисни активности

[Слика на страница 9]

Не двоуми се да го исклучиш телевизорот!

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели