Библијата — книга со точни пророштва — дел 5
Добра вест за сите народи
Во оваа серија од осум статии е разгледано едно извонредно обележје на Библијата — пророштвата запишани во неа. Статиите ќе ти помогнат да дојдеш до одговорот на овие прашања: Дали библиските пророштва се едноставно производ на некои паметни луѓе? Или, пак, се дело на Бог? Испитај што велат доказите.
БОЖЈАТА порака за човештвото се наоѓа во Библијата, а таа порака носи добра вест. Затоа и Исус целиот свој живот го посветил на тоа да ја објавува „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Библијата покажува дека ова Царство е Божја влада и дека ќе ги отстрани сите угнетувачки човечки влади, ќе воспостави мир и ќе ги отстрани сите причини за страдањето на луѓето (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10). Ова е навистина добра вест!
Се разбира, една ваква добра вест треба да ја чујат што е можно повеќе луѓе. Меѓутоа, кога Исус бил погубен, по него останале само мал број следбеници. Дали со тоа замрела и неговата порака? Библијата го прорекла спротивното. Во неа е проречено следново: 1) Добрата вест ќе се рашири по целиот свет. 2) Ќе опстане и покрај жестокото противење. 3) Ќе се појават лажни христијани и ќе заведат мнозина. Да ги разгледаме овие пророштва.
Добрата вест ќе се проповеда кај сите народи
Пророштва
„Кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест“ (Марко 13:10). „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8).
Исполнување: Кратко по смртта на Исус во 33 год. од н.е., неговите ученици го наполниле Ерусалим со пораката за Царството. Тие се распрснале низ Јудеја и низ блиската Самарија, а во следните 15 години христијански мисионери биле испратени и во други делови од Римското Царство. Во 61 год. од н.е. можело да се каже дека добрата вест била проповедана „сѐ до крајот на земјата“.
Што вели историјата:
Постојат историски записи од вториот век кои сведочат за брзото ширење на првобитното христијанство. Римскиот историчар Светониј спомнал дека во Рим имало христијани уште во 49 год. од н.е. Во едно писмо што околу 112 год. од н.е. му го пишал на императорот Трајан, Плиниј Помладиот, управител на Витинија (во денешна Турција) го нарекол христијанството „жива напаст“ што „се шири не само низ слободните градови туку и во селата и на фармите“. Откако ги разгледал доказите, еден историчар дошол до ваков заклучок: „За помалку од 100 години по времето на апостолите, христијанската вера била присутна во поголемите градови низ Царството“.
Во книгата Раната црква (The Early Church), професорот Хенри Чедвик вели: „Изгледа дека ширењето на црквата дошло како резултат на низа неверојатни настани. Тоа се чинело просто невозможно и никој не го очекувал“.
Добрата вест ќе наиде на противење
Пророштво
„Ќе ве предаваат на судови, и ќе ве тепаат во синагогите, и ќе ве водат пред управители и цареви поради мене, ним за сведоштво“ (Марко 13:9).
Исполнување: Христијаните биле прогонувани и од Евреите и од Римјаните. Биле апсени, затворани, тепани и убивани.
Што вели историјата:
Јосиф Флавиј, еврејски историчар од првиот век, пишувал за убиството на Исусовиот брат Јаков од страна на еврејските верски водачи. Во Библијата пишува дека Гамалиел, почитуван член на еврејскиот врховен суд, укажал дека треба да бидат внимателни при судењето на Исусовите ученици (Дела 5:34-39). Историјата го потврдува постоењето на Гамалиел и кажува дека тој бил човек со отворен ум.
Според историчарите, почнувајќи со Нерон во 64 год. од н.е., Римските императори често ги прогонувале христијаните. Во својата преписка императорот Трајан и Плиниј Помладиот дискутирале за тоа какви казни да применат против христијаните кои нема да се откажат од својата вера.
„Прогонството, наместо да ја натера црквата да премине во илегала, имало сосема спротивен ефект“, пишува професорот Чедвик, цитиран претходно. На пример, бегајќи од опасноста, христијаните ја однеле пораката до нови подрачја (Дела 8:1). Тие останале на своето, често и покрај тоа што биле отфрлени од семејството и пријателите. Ова е значаен факт, затоа што следбениците на Исус биле „неуки и обични“ луѓе, без никакво политичко влијание (Дела 4:13). Историчарите се согласуваат дека „евангелието најлесно го прифаќале ситните дуќанџии и трговци“.
Историчарите денес се чудат како една толку безначајна група луѓе можеле толку брзо да го рашират христијанството и покрај жестокото противење. Сепак, Исус ги прорекол овие неверојатни настани пред да се случат. Библијата исто така прорекла дека тоа проповедање ќе биде прекинато.
Ќе се појават лажни христијани
Пророштва
„Меѓу вас ќе влезат свирепи волци, кои ќе немаат обѕир кон стадото. И меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30). „Меѓу вас ќе има лажни учители. Тие незабележливо ќе воведат разорни секти... и, поради нив, ќе се зборува срамно за патот на вистината“ (2. Петрово 2:1, 2).
Исполнување: Христијанското собрание го расипале сурови, измамливи, амбициозни поединци.
Што вели историјата:
Особено по смртта на првите следбеници на Исус, вистинското христијанство со текот на времето потпаднало под влијание на истакнати мажи кои се издигнале во самото собрание и ги загадиле христијанските учења со грчка филозофија. Набрзо била формирана свештеничка класа, која почнала да наликува на политичките владетели. Според историчарите, со текот на времето „христијанството“ станало државна религија на Рим и повеќе немало ништо заедничко со собранието од првиот век.
Низ вековите, ова изопачено христијанство си ги извалкало рацете со страшни злосторства и алчност. Наместо самите свештеници да дадат пример како следбеници на Исус, тие ги прогонувале оние што проповедале исто како Исус и оние кои се обидувале да ја преведат и издадат Библијата на јазикот на народот.
Во периодот кога лажното христијанство држело голема власт во своите раце, се чинело дека добрата вест е задушена. Меѓутоа, Исус дал на знаење дека во последните денови добрата вест повторно ќе се разгласува. Тој го споредил овој период со жетва кога лажните христијани, претставени со какол, ќе бидат одвоени од вистинските христијани, претставени со пченица (Матеј 13:24-30, 36-43). Во тоа време, пророштвото за проповедањето на добрата вест ќе се исполни во најголема можна мера (Матеј 24:14). Во следниот дел ќе биде разгледано ова возбудливо пророштво.