Алтернативи за трансфузија на крв
ВРВНИ стручњаци од преку 40 земји се собраа во Москва на 60-тиот Јубилеен интернационален конгрес на Европското здружение за кардиоваскуларна и ендоваскуларна хирургија кој се одржа од 20 до 22 мај 2011 год. „За еден лекар, ваков настан е исто што за еден спортист се Олимписките игри“, изјави еден руски ТВ-новинар.
Сите три дена на конгресот големо внимание привлекуваше еден штанд на кој се нудеа информации за алтернативи за трансфузија на крв. Овој штанд го постави Службата за болнички информации на Јеховините сведоци. Лекарите со задоволство зедоа стотици папки со информации, книги, DVD-ја и медицински статии на оваа важна тема. Посебен интерес имаше за DVD-то Методи на лекување без трансфузија — едноставни безбедни ефикасни.a
Многу лекари кои го посетија штандот се согласија дека има потреба од хируршки техники со кои би се намалило губењето на крв. Еден кардиохирург од Италија кој имаше предавање на конгресот рече дека е добро запознат со Јеховините сведоци и дека успешно има извршено околу 70 бескрвни операции на срце на Јеховини сведоци. Тој спомна и дека на неговата клиника редовно се вршат бескрвни операции. Еден професор од Германскиот институт за срцеви заболувања во Берлин (Deutsches Herzzentrum Berlin) зеде едно DVD за себе и уште едно за некој свој колега. Во своето излагање, кажа дека неодамна извршил бескрвна операција на бебе кое тежело само 2,5 килограми. А на неговата клиника биле извршени операции на бебиња со уште помала тежина.
Еден месец по конгресот во Москва, лекари од најразлични земји се собраа во градот Архангелск на Четвртиот беломорски симпозиум на анестезиолозите и реаниматолозите од северозападниот регион на Русија. И овде Службата за болнички информации го постави истиот штанд и повторно привлече големо внимание. Откако ги виде изложените материјали, една лекарка од Санкт Петербург радосно изјави: „Ова е токму тоа што ни требаше!“ Таа изрази жалење што некои од нејзините колеги сѐ уште им даваат трансфузија на пациентите со изгореници, чисто од навика. „Вашите материјали би биле од голема помош на конференцијата за лекување на пациенти со изгореници што се планира во Санкт Петербург“, додаде таа со одушевеност.
Сѐ повеќе лекари низ целиот свет ја согледуваат предноста на бескрвната медицина и хирургија. Времето ќе покаже дали бескрвното лекување еден ден ќе стане стандардна постапка.
[Фуснота]
a Издадено од Јеховините сведоци. Го нема на македонски, но достапно е на српски и на хрватски јазик.
[Слика на страница 25]
Овој штанд го постави Службата за болнички информации на Јеховините сведоци. Лекарите со задоволство зедоа стотици папки со информации, книги, DVD-ја и медицински статии
[Слика на страница 26]
Со комбинирање на соодветни техники, апарати и фармацевтски производи за бескрвна медицина и хирургија успешно се вршат бескрвни операции