Можеш да успееш!
„Многу сум среќна кога моите две ќеркички ќе ме прегрнат и ќе речат: ‚Мамичке, те сакаме‘“ (АНА, САМОХРАНА МАЈКА ОД ПОЛСКА).
„Децата често знаат да ми покажат дека го ценат она што го правам за нив и тогаш срцето ми е полно. Понекогаш ми подаруваат мали работи, на пример цртеж. Ова е повеќе од доволна награда за сиот мој труд“ (МАСИМО, САМОХРАН ТАТКО ОД ИТАЛИЈА).
„Понекогаш, кога ќе види дека сум потиштена, син ми ќе ме прегрне, ќе ме бакне и ќе ми каже дека многу ме сака“ (ЈАСМИН, САМОХРАНА МАЈКА ОД ЈАР).
ОВА се само неколку изјави што за Разбудете се! ги дадоа многу самохрани родители кои учествуваа во една меѓународна анкета. Голем дел од самохраните родители, најчесто мајки, рекле дека би сакале да имаат грижлив брачен партнер кој би им помагал.a Меѓутоа, нивните искрени изјави откриваат и дека добро се приспособиле на новата ситуација.
Што им помогнало на овие самохрани родители да се приспособат и успешно да ја исполнат нивната тешка задача? Во следните статии ќе разгледаме многу нивни практични предлози и искрени коментари, како и некои важни начела што им помогнале. Ако си самохран родител, се надеваме дека овие статии ќе ти помогнат не само успешно да се носиш со својата тешка одговорност туку и да најдеш радост и задоволство во неа. Се разбира, тоа може да биде голем предизвик во денешниот несигурен свет во кој работите може да се сменат преку ноќ.b
Во статиите ќе бидат обработени шест подрачја — како самохраните родители може...
да добијат поголема поддршка
да имаат подобра комуникација со своите деца
да им дадат приоритет на поважните работи
да постават јасни граници
да всадат здрави вредности
да се погрижат Бог да биде дел од нивниот семеен живот
a Во светски рамки, поголемиот број самохрани родители се жени — факт што е земен предвид во овие статии.
b Многу од начелата во овие статии може да им помогнат и на семејствата со двајца родители.