Случајно или создадено?
Халтерите кај мувата
Зошто мувата може да изведува сложени и прецизни акробации додека лета? Кога ќе налета на силен ветар, зошто овој инсект може брзо да ја коригира положбата и да се врати на својот правец на движење? Одговорот делумно лежи во два мали израстока наречени халтери, по еден зад секое крило.a
Размисли: Халтерот е како мала шпенадла со топувче на крајот. Додека мувата лета, халтерите се клатат горе-долу следејќи го ритамот на крилјата, но во спротивен правец. Научниците утврдиле дека халтерите служат како еден вид генијален жироскоп кој им помага на мувите стабилно да летаат.b
Поради топувчето, халтерите „замавнуваат во еден конкретен правец, како клатното на часовникот“, пишува во Encyclopedia of Adaptations in the Natural World. Ако мувата нагло сврти додека лета, сеедно дали намерно или поради ненадеен налет на ветар, „халтерот ќе се извитка кај коренот“, стои во енциклопедијата. „Ова извиткување го регистрираат еден густ сноп нервни завршетоци прикачени за халтерот, а потоа информациите се пренесуваат до мозокот за да може мувата да направи соодветно движење и да остане... на својот правец.“ Како резултат на тоа, мувите се многу вешти летачи и тешко е да ги фатиш.
Научниците ги применуваат сознанијата во врска со халтерите кај мувите на многу полиња, на пример, во изработката на роботи, микромеханички летачки инсекти и вселенски летала. „Кој би помислил дека можеме толку многу да научиме од едно мало, грдо и досадно суштество како што е мувата?“ напишал Рафал Збиковски, кој се занимава со вселенски истражувања.
Што мислиш? Дали жироскопските халтери на мувата настанале по пат на еволуција или се дело на мудар Творец?
a Халтерите ги има кај двокрилците, како што се мувите и комарците.
b Жироскопот обично се состои од рамка на која е прикачен диск што брзо се врти околу својата оска. Дискот продолжува стабилно да се врти околу оската и покрај надворешните движења, магнетните полиња или гравитацијата. Затоа, жироскопите можат да се користат при изработката на доста прецизни компаси.