Приказна 13
Авраам — Божјиот пријател
ЕДНО од местата каде што луѓето отишле да живеат по потопот се викало Ур. Тоа место станало важен град во кој имало убави куќи. Но, таму луѓето обожавале лажни богови, исто како во Вавел. Луѓето во Ур и во Вавел не биле како Ное и неговиот син Сем, кои продолжиле да му служат на Јехова.
Верниот Ное умрел 350 години по потопот. Само две години подоцна, се родил човекот што го гледаш на сликата. Бог многу го сакал него. Се викал Авраам и живеел со своето семејство во градот Ур.
Еден ден Јехова му рекол на Авраам: ‚Напушти го Ур и своите роднини, и појди во земјата што ќе ти ја покажам‘. Дали Авраам го послушал Бог и ги оставил сите удобности на Ур? Да, го сторил токму тоа. И бидејќи секогаш го слушал Бог, Авраам станал познат како Божји пријател.
Кога Авраам го напуштил Ур, со него заминале и други членови на неговото семејство. Со него пошол татко му Тара, а тргнал и неговиот внук Лот. И, се разбира, со него пошла и неговата жена Сара. По некое време, сите тие пристигнале во едно место кое се викало Харан, каде што умрел Тара. Тоа било многу далеку од Ур.
По некое време, Авраам и неговите домашни го напуштиле Харан и дошле во земјата која се викала Ханаан. Таму Јехова му рекол на Авраам: ‚Оваа земја ќе им ја дадам на твоите деца‘. Авраам останал во Ханаан и живеел во шатори.
Бог почнал да му помага на Авраам, и така тој стекнал големи стада овци и други животни, како и стотици слуги. Но, тој и Сара немале деца.
Кога Авраам имал 99 години, Јехова му рекол: ‚Ти ветувам дека ќе станеш татко на многу народи‘. Но, како можело тоа да се случи кога Авраам и Сара биле престари за да имаат дете?
1. Мојсеева 11:27-32; 12:1-7; 17:1-8, 15-17; 18:9-19.