Приказна 107
Стефан е каменуван
ЧОВЕКОТ што овде клечи на колена е Стефан. Тој бил верен ученик на Исус. Но, види што му се случило! Овие луѓе фрлале врз него големи камења. Зошто го мразеле Стефан толку многу и му направиле нешто толку страшно? Да видиме.
Бог му помагал на Стефан да прави прекрасни чуда. На овие луѓе не им се допаѓало тоа. Затоа се карале со него бидејќи тој го учел народот за вистината. Но, Бог му дал на Стефан голема мудрост, и Стефан им покажал дека поучувале за лажни работи. Ова уште повеќе ги разлутило. Затоа го зграпчиле и викнале други луѓе да кажат лаги за него.
Првосвештеникот го прашал Стефан: ‚Дали е тоа точно?‘ Стефан одговорил одржувајќи одличен говор на темел на Библијата. На крајот им кажал дека, многу одамна, лоши луѓе ги мразеле Јеховините пророци. Потоа рекол: ‚Вие сте исти како нив. Го убивте Божјиот слуга Исус и не ги слушате Божјите закони‘.
Ова многу ги налутило верските водачи! Тие чкртале со забите од бес. Но Стефан ја подигнал главата и рекол: ‚Еве, го гледам Исус како стои на десната страна од Бог на небото‘. Тогаш, овие луѓе ги ставиле рацете врз ушите и му се нафрлиле на Стефан. Го зграпчиле и го одвлекле надвор од градот.
Таму ги соблекле своите наметки и му ги дале на младиот Савле да им ги чува. Го гледаш ли Савле? Потоа, некои почнале да фрлаат камења врз Стефан. Стефан клекнал на колена, како што можеш да видиш, и го молел Бог: ‚Јехова, не казнувај ги поради ова зло дело‘. Тој знаел дека некои од нив биле измамени од верските водачи. Потоа, Стефан умрел.
Кога некој ќе ти направи нешто лошо, дали се обидуваш да му вратиш со лошо или, пак, го молиш Бог да им врати? Тоа не го направиле ниту Стефан ниту Исус. Тие биле добри дури и кон оние што биле лоши кон нив. Да се обидеме да го следиме нивниот пример.