Прашања од читателите
Дали извикот на Стефан од Дела7:59 укажува дека молитвите треба да му се упатуваат на Исус?
Дела 7:59 вели: „Фрлаа камења на Стефан, додека тој преколнуваше и рече: ‚Господи Исусе, прими го мојот дух‘ “. Овие зборови покренале некои прашања во главата на мнозина, зашто Библијата вели дека Јехова е оној што ја ‚послушува молитвата‘ (Псалм 65:2). Дали Стефан навистина му се молел на Исус? Дали ова укажува дека Исус е ист со Јехова?
Преводот на Библијата King James Version вели дека Стефан ‚повикувал кон Бог‘. Тогаш, не е ни чудо што мнозина дошле до заклучокот до којшто дошол и библискиот коментатор Метју Хенри, кој рекол: „Стефан овде му се моли на Христос, па тоа мораме да го правиме и ние“. Меѓутоа, тоа гледиште е погрешно. Зошто?
Делото Barnes’ Notes on the New Testament искрено признава: „Зборот Бог го нема во оригиналот, па не треба да биде ни во преводот. Го нема во ниеден од древните [ракописи] и преводи“. Како дошло до тоа зборот „Бог“ да се вметне во овој стих? Изучувачот Абиел Абот Ливермор го нарекол тоа „случај на секташка пристрасност на преведувачите“. Затоа, повеќето современи преводи го исфрлаат овој вметнат осврт на Бог.
Сепак, во многу преводи стои дека Стефан „му се помолил“ на Исус. А фуснотата во Превод Нов Свет покажува дека изразот „преколнуваше“ може да значи и „повикување; молитва“. Зарем тоа не укажува дека Исус е Семоќен Бог? Не. Речникот Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words објаснува дека во овој контекст, оригиналниот грчки збор, епикалео, значи: „Да се повикаш на, да побараш помош од . . . да се обратиш на авторитет“. Павле го употребил истиот овој збор кога рекол: „Се повикувам на цезарот!“ (Дела 25:11). Затоа, сосем е на место тоа што The New English Bible вели дека Стефан „извикал“ кон Исус.
Што го натерало Стефан да направи такво нешто? Според Дела 7:55, 56, Стефан ‚полн со свет дух, го вперил погледот кон небото и ја видел Божјата слава и Исус како стои откај десницата на Бог‘. Во нормални услови, Стефан би му ги упатил своите барања на Јехова во името на Исус. Но, кога го видел воскреснатиот Исус во визија, изгледа дека Стефан се почувствувал слободен да му се обрати директно нему, велејќи: „Господи Исусе, прими го мојот дух“. Стефан знаел дека на Исус му била дадена власт да воскреснува мртви (Јован 5:27-29). Затоа го замолил Исус да му го чува духот, или животната сила, сѐ до денот кога Исус ќе го воскресне во бесмртен живот на небото.
Дали оваа кратка изјава на Стефан дава темел молитвите да му се упатуваат на Исус? Ни најмалку. Една причина е тоа што Стефан направил јасна разлика помеѓу Исус и Јехова, зашто извештајот вели дека го видел Исус „како стои откај десницата на Бог“. Исто така, тоа биле исклучителни околности. Единствениот друг случај на ваква изјава упатена до Исус е изјавата на апостол Јован, кој на сличен начин директно му се обратил на Исус кога го видел во визија (Откровение 22:16, 20).
Иако денес христијаните му ги упатуваат сите свои молитви на Јехова Бог, како што е и исправно, и тие имаат непоколеблива вера дека Исус е „воскресението и животот“ (Јован 11:25). Како што било во случајот на Стефан, верата дека Исус може да ги воскресне своите следбеници од мртвите може да ни помогне и нам и може да нѐ поткрепи во време на испит.