Нивната светска организација и дело
Управувањето со делото на сведочење кое се извршува во повеќе од 200 земји е организирано на повеќе степени. Водечкото тело во светската централа во Бруклин (Њујорк) го надгледува делото. Тоа секоја година испраќа претставници во 15 или повеќе „зони“ по целиот свет да разговараат со претставници на подружниците во секоја зона. Во секоја подружница постои Одбор на подружницата составен од три до седум членови, а тој го надгледува делото во земјите кои се во негова надлежност. Многу подружници имаат печатници, а некои од нив работат со рото машини со висока брзина. Земјата или подрачјето за која е надлежна секоја подружница е поделена на области, а областите на покраини. Секоја покраина опфаќа околу 20 собранија. Обласниот надгледник во одредени временски интервали ги посетува покраините во својата област. За секоја покраина двапати годишно се одржува конгрес. Постои и покраински надгледник кој обично двапати годишно го посетува секое собрание во својата покраина. При тие посети им помага на Сведоците во организирањето и извршувањето на делото на проповедање на подрачјето што му е доделено на тоа собрание.
Месното собрание со неговата Сала на Царството е центарот од каде што се проповеда добрата вест во вашето место. Подрачјето за кое е надлежно едно собрание е поделено на помали подрачја кои се доделуваат на поедини Сведоци, кои настојуваат да ги посетат луѓето и да разговараат со нив во сите домови кои се наоѓаат на тоа подрачје. Во секое собрание, кое се состои од неколку до околу 200 Сведоци, има старешини на кои им се доделени различни задолженија. Во организацијата на Јеховините сведоци е важен секој поединечен објавител на добрата вест. Секој Сведок, без оглед дали служи во светската централа, во некоја подружница или собрание, има личен удел во објавувањето на Божјето Царство на другите.
Извештаите за таа активност на крај се доставуваат во светската централа каде што се составува и објавува Годишник. Исто така, секоја година во Стражарска кула од 1. јануари се објавува табела со тој извештај. Овие две публикации содржат детални извештаи за тоа што Јеховините сведоци постигнале во делото на сведочење за Јехова и неговото Царство под Исус Христос. Годишникот за 1994 известува дека во 1993 на годишниот Спомен на Исусовата смрт присуствувале 11.865.765 Сведоци или заинтересирани лица. Во текот на службената 1993 година, Јеховините сведоци потрошиле 1.057.000.000 часови за објавување на добрата вест, а биле крстени 296.004 нови. Растурени се стотици милиони примероци литература.