Поглавје 14
Библијата и ти
Современите критичари велат дека Библијата е ненаучна и противречна, дека таа е само една збирка митови. Од друга страна, пак, Исус рекол: „Твоето [Божјето] слово е вистина“ (Јован 17:17). Доказите го поддржуваат Исус, а не критичарите. Фактите покажуваат дека Библијата е историски точна. Освен тоа, нејзината извонредна складност, нејзините вистинити пророштва, нејзината длабока мудрост и нејзината моќ да влијае на добро врз животите на луѓето, покажуваат дека Библијата е Божја пишана Реч. Како што напишал апостол Павле, „сето Писмо е инспирирано од Бог и корисно“ (2. Тимотеј 3:16, NW).
1. (Вклучи го и уводот.) а) Што докажуваат фактите во врска со Библијата? б) Кои се импликациите од фактот дека Библијата е инспирирана Реч Божја?
ФАКТОТ што Библијата е Реч Божја а не човечка, има длабоки импликации. Тоа значи дека Бог навистина комуницирал со луѓето. Одговорил на многу наши прашања и го покажал решението на многу наши проблеми. Исто така, тоа значи дека изгледите за иднината што се опишани во Библијата се вистински. Божјето Царство навистина владее и во свое време ќе дејствува за да ја отстрани од Земјата сета неправда, угнетување и страдање.
2. На што треба да те поттикне спознанието дека Библијата е Реч Божја?
2 Сега се поставува прашањето: Што ќе правиш со овие информации? Во најмала рака, спознанието дека Библијата е Реч Божја треба да те охрабри да ја испиташ. На оние кои го прават тоа, псалмистот им ветил дека ќе бидат среќни кога напишал: „Среќен е човекот кој не одел на советот на злобните . . . туку неговата радост е во законот Јеховин, и со придушен глас го чита ден и ноќ“ (Псалм 1:1, 2, NW).
Прифати помош
3, 4. а) Како што покажува самата Библија, што треба да направиме кога во Библијата ќе најдеме некои работи кои не ги разбираме? б) Кој е секогаш спремен да им помогне на луѓето подобро да ја разберат Библијата?
3 Додека ја читаш Библијата, веројатно ќе најдеш некои работи кои не ги разбираш (2. Петрово 3:16). Еден настан запишан во библиската книга Дела покажува дека ова треба да се очекува. Кратко после Исусовата смрт, еден Етиопјанин ги читал пророштвата од библиската книга Исаија. Христијанскиот евангелист Филип го сретнал човекот и го прашал: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?“ Етиопјанинот не разбирал, па затоа го замолил Филип да му помогне да разбере (Дела 8:30, 31).
4 Една госпоѓа од Соединетите Држави била во слична ситуација. Редовно ја читала Библијата, но имало многу важни науки од Библијата кои не ги разбрала читајќи сама. Дури откако дискутирала со Јеховините сведоци, ги дознала основните библиски вистини, вклучувајќи ја и важноста на Божјето Царство, како и многуте благослови кои Царството ќе му ги донесе на човештвото. Ако ги повикаш, Јеховините сведоци ќе се радуваат да ти помогнат и тебе за подобро да го разбереш она што го читаш во Библијата.
Примени го советот од Библијата
5. Според Библијата, кој правец донесува среќа?
5 Охрабрени сме не само да ја читаме Библијата туку и да постапуваме според она што го читаме (Псалм 119:2, NW). Освен тоа, Библијата охрабрува: „Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева!“ (Псалм 33:8). Всушност, нѐ повикува да го испитаме Бог. Потруди се да живееш според Божјите начела, покажувајќи дека имаш доверба оти Бог знае што е најдобро за тебе. Само тогаш ќе видиш дека тоа навистина е исправниот пат. Оние што имаат таква доверба во Бог навистина се среќни.
6. Дали денес е практично да се трудиш да живееш според библиските мерила? Објасни.
6 Некои тврдат дека во овој нечесен, неморален и насилен свет никој не може да живее според библиските начела. Но, факт е дека многумина живеат според нив. Кои? Еден млад Африканец нашол една група такви луѓе. Тој напишал: „Во последниве неколку години забележав дека овде, во Зимбабве, вие Јеховините сведоци навистина се трудите да го следите Христовиот пример . . . Досега вие сте единствената група која успеала да ме увери во Божјата љубов и во моќта на Неговото евангелие, не само преку она што го зборувате и пишувате туку и преку вашиот начин на живот. Вие го проповедате, но и живеете според евангелието, додека многу, многу луѓе го проповедаат евангелието, но не живеат според него“.
Прифати го нејзиниот авторитет
7. Кои вообичаени постапки денес се спротивни на она што го вели Библијата?
7 Апостол Павле рекол дека Библијата е ‚корисна за поучување, за укорување, за исправање на работите‘ (2. Тимотеј 3:16, NW). Меѓутоа, она што го вели Библијата понекогаш не е омилено. На пример, Библијата ги осудува хомосексуалните постапки, иако хомосексуалноста нашироко се смета за прифатлив начин на живот (Римјаните 1:24—27; 1. Коринтјаните 6:9—11; 1. Тимотеј 1:9—11). Библијата исто така вели дека животот на едно неродено бебе е важен и дека не треба намерно да се уништува, но секоја година во светот се извршуваат околу 50 милиони абортуси (2. Мојсеева 21:22, 23, NW; Псалм 35:9; 138:14—16; Јеремија 1:5). Што ако нам лично ни е тешко да го прифатиме она што го вели Библијата за тие работи?
8, 9. Кога отпрвин ни е тешко да прифатиме нешто од Библијата, на што треба да се сетиме и чии мерила треба секогаш да ги прифаќаме?
8 Па, христијаните научиле дека секогаш е мудро да ја следат Речта Божја. Зошто? Затоа што, на крајот, следењето на она што го вели Библијата секогаш е најдобро за секого (Изреки 2:1—11). Факт е дека луѓето се многу ограничени во поглед на мудроста. Ретко можат да ги предвидат крајните последици од своите постапки. Пророкот Јеремија признал: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23).
9 Треба само да погледнеме околу себе за да видиме дека оваа проценка е точна. Повеќето проблеми кои го измачуваат светот се директна последица од тоа што луѓето не го следат советот од Речта Божја. Долгата, разбранувана историја на човештвото покажала дека луѓето не можат сами успешно да одлучуваат за моралните работи. Бог е бескрајно помудар од нас. Тогаш, зошто да не го прифатиме она што го вели тој, наместо да се ослонуваме на нашата сопствена мудрост? (Изреки 28:26; Јеремија 17:9).
Никој не е совршен
10, 11. а) Кои факти за начинот на кој сме направени и за светот во кој живееме предизвикуваат проблеми кога настојуваме да живееме според библиските мерила? б) Какво друштво нѐ охрабрува Библијата да бараме, и каде можеме да најдеме такво друштво?
10 Библијата нѐ предупредува и на едно друго подрачје на кое ни е потребна помош. Сите имаме наследена склоност да грешиме. „Склоноста на човечкото срце е зла од неговата младост“ (1. Мојсеева 8:21, NW; Римјаните 7:21). Овој проблем е зголемен со фактот што живееме во еден свет кој не ги следи библиските начела. Затоа, потребна ни е помош не само за да ја разбереме Библијата туку и за да ги практикуваме работите што ги учиме. Затоа Библијата нѐ охрабрува да се дружиме со другите кои сакаат да живеат според божествените мерила. Псалмистот напишал: „Го намразив собиралиштето на злонамерните; со нечестиви нема да седнам . . . во собранијата ќе Те благословувам, Господи“. А еден друг псалм вели: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“ (Псалм 25:5, 12; 132:1).
11 За Јеховините сведоци заедничкото собирање е битен дел од нивното обожавање. Тие имаат неколку состаноци секоја седмица, како и повремени конгреси, каде што заеднички ја проучуваат Библијата и дискутираат за тоа на кој начин нејзините начела наоѓаат примена во нивните животи. Тие сочинуваат едно светско „здружение од браќа“ во кое секој добива охрабрување и помош да ги одржува овие високи библиски мерила (1. Петрово 2:17, NW). Зошто да не посетиш еден од нивните состаноци и да видиш како може една таква заедница да ти помогне и тебе? (Евреите 10:24, 25).
Живеј според Речта Божја
12. Кои благослови произлегуваат од спознанието дека Библијата е Реч Божја?
12 Значи, спознанието дека Библијата е Реч Божја донесува благослови и одговорности. Благословени сме затоа што за нашето секојдневно однесување добиваме водство кое не може да се добие на ниедно друго место. Понатаму, дознаваме за Божјата љубов во тоа што ни го дал својот Син за да нѐ откупи и со тоа да имаме надеж за вечен живот (Јован 3:16). Сфаќаме дека Исус сега владее како Цар и наскоро ќе дејствува за да ја отстрани злобата од Земјата. И со доверба ги очекуваме праведните „ново небо и нова земја“ кои ги ветил самиот Бог (2. Петрово 3:13).
13. Кои одговорности лежат врз нас кога ќе ја прифатиме Библијата како Реч Божја?
13 Сепак, имај на ум дека имаме одговорност да ја проучуваме Библијата и да го земеме при срце она што го вели таа. Самиот Бог поттикнува: „Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои“ (Изреки 3:1). Дури и ако повеќето ја сметаат Библијата само за човечка реч, ние треба храбро „да признаеме дека Бог е верен, а секој човек лажец“ (Римјаните 3:4). Божјата мудрост нека те води во животот. „Имај доверба во Јехова со сето свое срце . . . На сите свои патишта имај го на ум“ (Изреки 3:5, 6, NW). Ваквото мудро следење на Речта Божја ќе влијае добро на твојот живот како сега така и во сета вечност.
[Истакната мисла на страница 187]
Не треба само да ја читаме Библијата туку и да постапуваме според она што го читаме
[Истакната мисла на страница 188]
Следењето на она што го вели Библијата секогаш на крајот е најдобро