Поглавје 10
Патувања во Ерусалим
ПРОЛЕТТА пристигна. За Јосиф и неговото семејство дојде време, во друштво на своите роднини и пријатели, да тргнат на пролетното годишно патување во Ерусалим за да ја празнуваат Пасхата таму. Додека тргнуваат на тој пат, долг околу 100 километри, владее вообичаената возбуденост. Исус сега има 12 години и со посебен интерес го очекува празникот.
За Исус и неговото семејство Пасхата не е само еднодневен настан. Тие остануваат и за седмодневниот Празник на бесквасни лебови, кој следи потоа, и кој го сметаат за дел од пасхалната сезона. Така, целото тоа патување од нивниот дом во Назарет, вклучувајќи го и престојот во Ерусалим, трае околу две недели. Но, оваа година, поради нешто во кое е вклучен Исус, тоа трае подолго.
Проблемот се појавува при враќањето од Ерусалим. Јосиф и Марија претпоставуваат дека Исус е во групата на роднини и пријатели кои патуваат заедно. Но, бидејќи не се појавува кога застануваат да преноќеваат, почнуваат да го бараат кај своите пријатели со кои патуваат. Никаде не можат да го најдат. Така Јосиф и Марија се враќаат назад во Ерусалим за да го пронајдат.
Тие го бараат цел ден, но без успех. И вториот ден не можат да го најдат. Конечно, третиот ден одат во храмот. Таму, во една од салите, го здогледуваат Исус седнат меѓу еврејските учители, како ги слуша и им поставува прашања.
„Дете, зошто ни направи така?“ прашува Марија. „Еве татко ти и јас очајнички те баравме“.
Исус е изненаден затоа што не знаеле каде да го најдат. „Зошто сте морале да ме барате?“, прашува. „Зарем на знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“
Исус не може да сфати зошто неговите родители не би го знаеле ова. Потоа тој се враќа дома со своите родители, останувајќи им и понатаму подложен. Напредува во мудроста, во телесното растење и во наклоноста кај Бог и луѓето. Да, од своето детство па натаму, Исус дава прекрасен пример, не само во следењето на духовните интереси, туку и во покажувањето почит кон родителите. Лука 2:40—52; 22:7.
▪ Каде патува Исус со своето семејство секоја пролет и колку долго трае патувањето?
▪ Што се случува за време на патувањето, кога Исус имал 12 години?
▪ Каков пример им дава Исус на денешните млади?