Поглавје 56
Што го валка човекот?
ПРОТИВЕЊЕТО спрема Исус се засилува. Не само што многу ученици го напуштаат туку и Евреите во Јудеја бараат да го убијат, како што сакале да го убијат и во 31 н.е. кога бил на Пасхата во Ерусалим.
Сега е Пасха во 32 н.е. Веројатно, во склад со Божјето барање, Исус заминува во Ерусалим за да присуствува на Пасхата. Меѓутоа, ова го прави претпазливо бидејќи животот му е во опасност. После тоа се враќа во Галилеја.
Можеби Исус се наоѓа во Капернаум кога кај него доаѓаат фарисеи и книжници од Ерусалим. Тие бараат причина за да го обвинат за кршење на религиозниот закон. „Зошто ја престапуваат твоите ученици традицијата на мажите од поранешни времиња?“, го прашуваат. „На пример, не си ги мијат рацете пред да јадат.“ Бог не го барал тоа, но фарисеите сметаат дека е сериозен престап да не се спроведува овој традиционален ритуал, кој вклучувал миење на рацете до лактовите.
Наместо да одговори на тоа обвинение, Исус укажува на нивното злобно и намерно прекршување на Божјиот Закон. „А зошто ја престапувате и вие Божјата заповед поради вашата традиција?“ сака да знае. „На пример, Бог рече: ‚Искажувај им чест на татка си и мајка си‘; и: ‚Кој ќе навреди татко или мајка, нека заврши со смрт‘. Но, вие велите: ‚Оној кој ќе му рече на татка си или на мајка си: „Она што го имам, со кое можам да ти користам, е дар посветен на Бога“, воопшто не мора да му искажува чест на својот татко‘.“
Навистина, фарисеите поучуваат дека парите, имотот или што и да било друго посветено на Бог како дар, му припаѓа на храмот и не може да се употреби за некоја друга намена. Но сепак, тој посветен дар останува кај личноста која го посветила. На тој начин, синот ја избегнува својата одговорност да им помага на своите остарени родители кои би можеле да бидат во очајна положба, едноставно изјавувајќи дека неговите пари или имот се „корбан“ — дар посветен на Бог или на храмот.
Исус со право е гневен на злонамерното извртување на Божјиот закон од страна на фарисеите, па им вели: „Вие ја направивте неважечка Божјата реч поради вашата традиција. Лицемери, добро пророкуваше Исаија за вас, кога рече: ‚Овој народ ми искажува чест со усните, а нивното срце е многу оддалечено од мене. Залудно ме обожаваат, бидејќи научуваат човечки заповеди како науки‘“.
Можеби мноштвото се тргнало настрана за да можат фарисеите да го испрашуваат Исус. А кога фарисеите не знаат да одговорат на Исусовиот остар прекор, тој го повикува мноштвото поблиску. „Послушајте ме“, вели, „и сфатете го значењето. Ништо од она што однадвор влегува во човекот не може да го извалка; туку она што излегува од човекот, тоа го валка.“
Кога подоцна влегуваат во една куќа, неговите ученици го прашуваат: „Знаеш ли дека фарисеите се спрепнаа кога слушнаа што рече ти?“
„Секое растение кое не го засадил мојот небесен Татко, ќе биде откорнато“, одговара Исус. „Оставете ги. Тие се слепи водачи. Ако, значи, слеп води слеп, обајцата ќе паднат во јама.“
Исус изгледа изненаден кога Петар, во името на другите ученици, го замолува за појаснување во врска со она што го валка човекот. „Зарем сте и вие уште без разбирање?“, одговара Исус. „Зарем не знаете дека сѐ што влегува во устата, минува низ цревата и се исфрла во одводниот канал? Меѓутоа, она што излегува од устата, доаѓа од срцето, и тоа го валка човекот. На пример, од срцето доаѓаат зли резонирања, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули. Тоа се работите што го валкаат човекот; а да се јаде со неизмиени раце, тоа не го валка човекот.“
Исус овде не зборува против нормалната хигиена. Исус не сака со тоа да каже дека не е потребно да се мијат рацете пред приготвување на храна или пред јадење, туку го осудува лицемерието на религиозните водачи кои лукаво се обидуваат да ги заобиколат Божјите праведни закони, инсистирајќи на небиблиски традиции. Да, лошите постапки се тие што го валкаат човекот, а Исус покажува дека тие потекнуваат од срцето. Јован 7:1; Второзаконие 16:16; Матеј 15:1—20; Марко 7:1—23; Излез 20:12; 21:17; Исаија 29:13.
▪ Со какво противење се соочува Исус сега?
▪ Какво обвинение изнесуваат фарисеите, но според Исус, како фарисеите намерно го прекршуваат Божјиот закон?
▪ Што според Исус е она што го валка човекот?