Поглавје 107
Илустрацијата за свадбената гозба
СО ПОМОШ на две илустрации Исус ги разоткрил книжниците и главните свештеници, и тие сакаат да го убијат. Но, Исус сѐ уште не завршил со нив. Тој понатаму им раскажува уште една илустрација, велејќи:
„Царството на небесата стана како човек, цар, кој приреди свадбена гозба за сина си. И ги испрати своите робови да ги повикаат оние што беа поканети на свадбената гозба, но тие не сакаа да дојдат“.
Јехова Бог е Царот кој приредува свадбена гозба за својот Син, Исус Христос. Невестата од 144.000 помазани следбеници на крајот ќе биде соединета со Исус на небото. Поданици на Царот се народот на Израел, кој со тоа што бил доведен во сојузот на Законот, во 1513 пр.н.е., добил можност да стане ‚царство на свештеници‘. Така, во таа прилика, ним првобитно им била упатена покана за свадбената гозба.
Меѓутоа, првиот повик на оние кои се поканети не бил упатен сѐ до есента 29 н.е., кога Исус и неговите ученици (робовите на царот) започнале со своето дело на проповедање на Царството. Но, природните Израелци кои го примиле тој повик, објавуван од робовите од 29 н.е. до 33 н.е., не биле спремни да дојдат. Затоа, на нацијата која е поканета Бог ѝ дал уште една можност, како што раскажува Исус:
„Пак испрати други робови, велејќи: ‚Кажете им на поканетите: Ете, го подготвив ручекот, моите бикови и згоени животни се заклани и сѐ е готово. Дојдете на свадбената гозба!‘“ Овој втор и последен повик на поканетите започнал на Пентекост 33 н.е., кога е излеан светиот дух врз Исусовите следбеници. Тој повик продолжил сѐ до 36 н.е.
Меѓутоа, големото мнозинство од Израелците исто така со презир го одбило овој повик. „Тие отидоа незаинтересирани“, вели Исус, „кој на својата нива, кој по својата трговска работа; а останатите ги фатија неговите робови, дрско постапија со нив и ги убија.“ „Но“, продолжува Исус, „царот се разгневи, и ги испрати своите војски и ги погуби тие убијци и им го изгоре нивниот град.“ Тоа се случило во 70 н.е., кога Римјаните го срамниле Ерусалим со земја, а тие убијци биле убиени.
Исус потоа објаснува што се случило во меѓувреме: „Тогаш [царот] им рече на своите робови: ‚Свадбената гозба навистина е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по патиштата што водат од градот и поканете на свадбената гозба кого ќе најдете‘“. Робовите го сториле тоа, и ‚свадбената сала се наполнила со оние што прилегнале до масата‘.
Ова дело на собирање на гостите од патиштата надвор од градот на поканетите започнало во 36 н.е. Римскиот воен офицер Корнелиј и неговото семејство биле првите од необрежаните не-Евреи кои биле собрани. Собирањето на овие не-Евреи, кои биле замена за оние коишто првобитно го одбиле повикот, продолжило сѐ до 20 век.
Свадбената сала се наполнила во текот на 20 век. Исус раскажува што се случило тогаш, велејќи: „Кога царот влезе да ги прегледа гостите, здогледа таму еден човек кој не беше облечен во свадбена облека. Па му рече: ‚Човеку, како влезе овде кога немаш на себе свадбена облека?‘ А тој остана без зборови. Тогаш царот им рече на своите слуги: ‚Врзете му ги рацете и нозете и исфрлете го надвор во темнината. Таму ќе биде неговиот плач и чкртање со заби‘“.
Човекот без свадбена облека ги претставува фалсификат христијаните на христијанскиот свет. Бог никогаш не ги признал овие лица како такви кои имаат исправна идентификација како духовни Израелци. Бог никогаш не ги помазал со свет дух како наследници во Царството. Затоа се исфрлени надвор во темнината каде ќе претрпат уништување.
Исус ја заклучува својата илустрација со зборовите: „Зашто мнозина се поканети, но малцина избрани“. Да, мнозина од израелската нација биле поканети да станат членови на Христовата невеста, но биле избрани само малку природни Израелци. Се покажало дека повеќето од 144.000-те гости кои ја примаат небесната награда се не-Израелци. Матеј 22:1—14; Излез 19:1—6; Откровение 14:1—3.
▪ Кои се оние што првобитно биле поканети на свадбената гозба, и кога им била упатена поканата?
▪ Кога е упатен првиот повик до поканетите, и кои се робовите што се употребени да го објават?
▪ Кога е упатен вториот повик, и кој е поканет после тоа?
▪ Кој е претставен со човекот без свадбена облека?
▪ Кои се мнозината повикани, и малцината избрани?