Седми дел
Какви се последиците од побуната?
1-3. Како времето покажало дека Јехова имал право?
ШТО се однесува до прашањето за Божјето право да владее, што покажале изминатите векови на човековото владеење независно од Бог? Дали луѓето се покажале како подобри владетели од Бог? Секако не, ако судиме според тоа колку нечовечно некои луѓе постапувале со другите.
2 Кога нашите прародители го отфрлиле Бог како владетел, последиците биле погубни. Почнале да страдаат самите, а и целото човечко семејство кое потекнало од нив. И не можеле да обвинат никој друг освен самите себе. Божјата Реч вели: „Тие се расипаа, тие не му се деца, вината е нивна“ (5. Мојсеева 32:5).
3 Историјата покажува дека Бог имал право кога ги предупредил Адам и Ева дека, ако ги отфрлат Божјите закони, ќе станат сѐ послаби и на крајот ќе умрат (1. Мојсеева 2:17; 3:19). Тие го отфрлиле Бог како владетел, и со текот на времето навистина ослабнале и умреле.
4. Зошто сите ние се раѓаме несовршени, се разболуваме и умираме?
4 Што се случило потоа со целото нивно потомство, објаснето е во Римјаните 5:12: „Преку еден човек [Адам, главата на човечкото семејство] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе“. Затоа, кога нашите прародители се побуниле и не сакале Бог да ги надгледува, станале грешници полни со слабости. Според законите на генетиката, несовршеноста која произлегла од тоа, била сѐ што тие можеле да му пренесат на своето потомство. Токму поради тоа, сите ние се раѓаме со слабости, се разболуваме и умираме.
5, 6. Што покажала историјата во врска со човековите напори да донесе вистински мир и благосостојба?
5 Поминале многу векови. Се промениле многу царства. Бил испробан секој можен облик на владеење. А сепак, на човечкото семејство одново и одново му се случуваат грозни работи. По шест илјади години, би рекле дека луѓето би требало да напредуваат до тој степен што ќе воспостават мир, правда и благосостојба насекаде по светот, и дека до сега научиле што значи љубезност, сочувство и соработка.
6 Реалноста е сосем спротивна. Ниту еден вид на човечка влада која некогаш била измислена, не донела вистински мир и благосостојба за сите. Само во минатиот век, бевме очевидци на планско убивање на милиони луѓе во холокаустот, а преку 100 милиони луѓе беа убиени во други војни. Во нашево време, безброј луѓе се мачени, убиени и затворени поради нетрпеливост и политички разлики.
Како е денес?
7. Како може да се опише состојбата на човечкото семејство денес?
7 Размисли и за целокупната состојба на човечкото семејство денес. Злосторствата и насилството се во пораст. Злоупотребата на дрога добива епидемиски размери. Болестите кои се пренесуваат преку полови односи се пандемиски. Милиони луѓе страдаат од ужасната болест СИДА. Секоја година десетици милиони луѓе умираат од глад или од болести, додека мал број живеат во раскош. Луѓето ја загадуваат и ја опустошуваат Земјата. Семејниот живот и моралните вредности насекаде се срушени. Навистина, животот денес е одраз на злобното владетелство на „богот на овој свет“, Сатана. Светот со кој тој господари е ладен, немилосрден и потполно расипан (2. Коринќаните 4:4).
8. Зошто не можеме да речеме дека човечките достигнувања се вистински напредок?
8 Бог им дал доволно време на луѓето да дојдат до врвни научни достигнувања и да имаат изобилство во материјален поглед. Но дали е тоа вистински напредок кога лакот и стрелата се заменети со пушкомитралези, тенкови, бомбардери и нуклеарни бомби? Напредок ли е тоа што луѓето можат да патуваат во вселената, а не можат да живеат заедно во мир на Земјата? Напредок ли е кога луѓето се плашат да шетаат по улиците ноќе, а на некои места се плашат дури и дење?
Што покажало времето
9, 10. а) Што може јасно да се види од изминатите векови? б) Зошто Бог нема да им ја одземе слободната волја на луѓето?
9 Низ вековите, луѓето испробале сѐ и сешто, но не успеале да управуваат со своите чекори независно од Бог како владетел. Тоа е за нив исто толку невозможно колку што е невозможно да живеат без да јадат, да пијат или да дишат. Доказот е кристално јасен: ние сме создадени да бидеме зависни од водството на нашиот Творец исто како што зависиме од храната, водата и воздухот.
10 Со тоа што дозволил да постои злото, Бог еднаш засекогаш покажал колку тешки последици доживува тој што ја злоупотребува слободната волја. А бидејќи слободната волја е толку драгоцен дар, Бог не им ја одзема на луѓето, туку им дозволил да видат што значи нејзината злоупотреба. Божјата Реч ја кажува вистината кога тврди: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“. Таа има право и кога вели: „Човек владее над човек на негова штета“ (Еремија 10:23; Проповедник 8:9).
11. Дали некој облик на човечко владеење го искоренил страдањето?
11 Со тоа што им допуштил на луѓето да владеат шест илјади години, Бог јасно им покажал дека човекот не е способен да го спречи страдањето. Никогаш не го спречил, и нема да го спречи. На пример, израелскиот цар Соломон, со сета своја мудрост, богатство и моќ, не можел да ја отстрани бедата која произлегувала од човечкото владеење (Проповедник 4:1-3). Слично е и во денешно време. Светските водачи, дури и со најновите технички достигнувања, не се во состојба да го искоренат страдањето. Што е уште полошо, историјата покажала дека луѓето, со нивната независност од Бог, наместо да го искоренат, уште повеќе го зголемуваат страдањето.
Божјата далековидост
12-14. Каква долгорочна корист ќе има од тоа што Бог дозволува да страдаме?
12 Нам ни е тешко поради тоа што Бог дозволува да страдаме. Но, на темел на својата далековидост, Бог знаел дека тоа на крајот ќе биде корисно за нас — не само за неколку години, па дури не и за неколку илјади години, туку за милиони години, да, за сета вечност.
13 Доколку некогаш во иднината се појави некој што ќе сака да ја злоупотреби слободната волја и да го доведе во прашање Божјиот начин на постапување, нема да биде потребно тој да добие време за да ги докаже своите тврдења. Поради тоа што веќе дозволил да постојат бунтовници неколку илјади години, Бог направил еден законски преседан на кој може да се повика во сета вечност, во целата вселена.
14 Јехова дозволил до ден-денес да постои злото и луѓето да страдаат, и тоа ќе биде доволно за да се докаже дека сѐ што е против негова волја, не може да успее. Ќе се покаже, без никаков сомнеж, дека секој план што, независно од Бог, може да го направи некој човек или некое духовно суштество, не носи вечна корист. Тогаш Бог ќе биде потполно оправдан, и затоа брзо ќе го уништи секој бунтовник, „сите зли ќе ги истреби“ (Псалм 145:20; Римјаните 3:4).
[Слика на страница 15]
Откако избрале да бидат независни од Бог, нашите прародители остареле и умреле
[Слики на страница 16]
Секоја човечка влада независна од Бог се покажала кобна
[Извор на слика]
Фотографија на U.S. Coast Guard