Кој навистина владее со светот?
Многу луѓе на горното прашање би одговориле со еден збор — Бог. Но значајно е тоа што Библијата никаде не вели дека Исус Христос или неговиот Татко се вистинските владетели на овој свет. Напротив, Исус рекол: „Кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор“. И додал: „Доаѓа владетелот на светот. И над мене тој нема моќ (Јован 12:31; 14:30, New World Translation; 16:11).
Значи владетелот на овој свет му се спротивставува на Исус. Кој би можело да биде тоа?
Се насетува од светските прилики
И покрај настојувањата на добронамерните луѓе, светот многу страдал низ историјата. Тоа ги наведува луѓето кои размислуваат да се прашаат како покојниот уводничар Дејвид Лоренс: „Мир на Земјата — скоро секој го посакува тоа. ‚Добра волја спрема луѓето‘ — скоро сите народи во светот ја чувствуваат едни спрема други. Тогаш во што е проблемот? Зошто се заканува војна и покрај вродените желби на народите?“
Изгледа како парадокс, зар не? Природна желба на луѓето е да живеат во мир, а тие обично се мразат и се убиваат едни со други — и тоа со толкава злоба. Размисли за ладнокрвните испади на монструозна суровост. Луѓето употребувале гасни комори, концентрациони логори, пламенофрлачи, напалм бомби и други ужасни методи за меѓусебно безмилосно мачење и убивање.
Веруваш во тоа дека луѓето, кои копнеат по мир и среќа, сами по себе се способни за таква голема злоба против другите? Кои сили ги наведуваат луѓето на такви гнасни дела или ги тераат во ситуации да се чувствуваат присилени да извршат ѕверства? Си се прашувал ли некогаш дали некоја злобна, невидлива сила влијае на луѓето да вршат такви насилнички дела?
Откриен е владетелот на светот
Нема потреба да погодуваме, затоа што Библијата јасно покажува дека една интелигентна, невидлива личност ги контролира и луѓето и народите. Таа вели: „Целиот свет лежи во моќта на злобниот“. А Библијата го идентификува и вели: „Наречен Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја“ (1. Јованово 5:19; Откровение 12:9, обата NW).
Во една прилика кога Исус бил „искушуван од ѓаволот“, Исус не се посомневал во Сатановата улога како владетел на овој свет. Библијата објаснува што се случило: „Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, и Му рече: ‚Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш‘. Но Исус му рече: ‚Бегај од Мене, сатано‘“ (Матеј 4:1, 8-10).
Размисли за следново. Сатана го искушал Исус така што му ги понудил „сите царства на светот“. Сепак, дали Сатановата понуда би била вистинско искушение кога Сатана навистина не би бил владетел на тие царства? Секако дека не. И забележи, Исус не порекнал дека сите тие световни влади биле на Сатана, што би го порекнал кога Сатана не би имал моќ над нив. Значи, според тоа, Сатана Ѓаволот навистина е невидливиот владетел на светот! Всушност, Библијата го нарекува ‚бог од овој свет‘ (2. Коринтјаните 4:4). Но, како една таква злобна личност дошла на таа моќна положба?
Оној кој станал Сатана, бил ангел создаден од Бог, но станал завидлив на Божјата положба. Тој го предизвикал Божјето законско владетелство. За таа цел, употребил една змија како свој говорник за да ја измами првата жена, Ева, и така бил во состојба неа и нејзиниот маж, Адам, да ги натера да ја прифатат неговата понуда наместо да го слушаат Бог (1. Мојсеева 3:1-6; 2. Коринтјаните 11:3). Исто така тврдел дека можел да го одврати од Бог сето уште неродено потомство на Адам и Ева. Затоа Бог му дал време на Сатана да го докаже своето тврдење, но Сатана не успеал (Јов 1:6-12; 2:1-10).
Значајно е тоа што Сатана не е сам во своето владеење со светот. Тој бил успешен во убедувањето на некои од другите ангели да му се придружат во побуната против Бог. Тие станале демони, негови духовни соучесници. Библијата зборува за нив кога ги поттикнува христијаните: „Да се одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против . . . светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефесјаните 6:11, 12).
Спротивстави се на злите духови
Тие невидливи, зли световни владетели се одлучни да го заведат целото човештво, одвраќајќи го од обожавањето на Бог. Еден начин на кој злобните духови го прават тоа е преку унапредување на идејата за преживување после смртта, иако Божјата Реч јасно покажува дека мртвите не се свесни (1. Мојсеева 2:17; 3:19; Језекиил 18:4; Псалми 146[145]:3, 4; Проповедник 9:5, 10). Според тоа, еден зол дух, имитирајќи го гласот на некој кој умрел, би можел да разговара со неговите роднини или пријатели, или преку некој духовен медиум или преку „глас“ од невидливото подрачје. „Гласот“ се преправа дека е покојниот, а всушност тоа е демон!
Затоа ако некогаш чуеш таков „глас“, немој да се измамиш. Отфрли сѐ што ќе ти каже, и повторувај ги Исусовите зборови: „Бегај од Мене, сатано“ (Матеј 4:10; Јаков 4:7). Немој да дозволиш љубопитноста кон духовното подрачје да те натера да се вплеткаш со зли духови. Таквата вплетканост се нарекува спиритизам, а Бог ги предупредува своите обожаватели против секаков облик на спиритизам. Библијата го осудува секој ‚кој претскажува . . . кој е гледач на утробата, кој гледа по знаци, кој што повикува мртви“ (5. Мојсеева 18:10-12; Галатјаните 5:19-21; Откровение 21:8).
Бидејќи спиритизмот го доведува поединецот под влијание на демоните, спротивстави се на сите негови обичаи без разлика колку тие изгледаат забавни или возбудливи. Тие обичаи вклучуваат гледање во кристална топка, употребување на плоча за примање на пораки од демони, вонсетилно забележување, испитување на линиите на дланката (хиромантија) и астрологија. Демоните исто така предизвикувале звуци и други физички феномени во куќи што си ги прават свое подрачје.
Освен тоа, злобните духови ја користат грешната склоност на луѓето со унапредување на литература, филмови и телевизиски програми кои прикажуваат неморално и неприродно сексуално однесување. Демоните знаат дека ако погрешните мисли не се отстрануваат од умот, ќе создадат неизбришливи впечатоци и ќе доведат до тоа луѓето да се однесуваат неморално — како самите демони (1. Мојсеева 6:1, 2; 1. Солунјаните 4:3-8; Јуда 6).
Вистина, многумина можеби се исмејуваат на идејата дека со овој свет владеат злобни духови. Но нивното неверување не е за изненадување, затоа што Библијата вели: „Самиот сатана се преобразува во ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11:14). Неговата најмудра измама е во тоа што заслепил многумина пред фактот дека тој и неговите демони навистина постојат. Но не дозволувај да бидеш измамен! Ѓаволот и неговите демони се стварни и мораш постојано да им се спротивставуваш (1. Петрово 5:8, 9).
За среќа, близу е времето кога повеќе нема да постојат Сатана и неговите ортаци! „Светот [вклучувајќи ги и неговите демонски владетели] поминува“, вели Библијата, „а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17). Какво олеснување ќе настане кога ќе се отстрани тоа злобно влијание! Затоа, да бидеме меѓу оние кои ја вршат Божјата волја и кои засекогаш се радуваат на животот во Божјиот праведен нов свет (Псалми 37[36]:9-11, 29; 2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4).
Доколку не е наведено поинаку, сите библиски цитати се од Светото писмо на современ македонски јазик (Британско и инострано библиско друштво, 1990)
[Слика на страница 4]
Дали Сатана можел да му ги понуди на Исус сите овие световни влади ако не биле негови?