Вест за Царството бр. 34
Зошто во животот има толку многу проблеми?
Дали е возможен рај без проблеми?
СЕРИОЗНИТЕ ПРОБЛЕМИ СЕ ВЛОШУВААТ — ЗОШТО?
Луѓето отсекогаш имале проблеми. Иако многумина мислеле дека современата технологија може да ги реши, сериозните проблеми се влошуваат.
Криминал: Малку луѓе се чувствуваат безбедни да се шетаат по улиците, па дури и да седат во своите домови. Во една европска земја, скоро секој трет човек бил жртва на криминал во една од изминатите години.
Околина: Загаденоста на воздухот, на почвата и на водата станува сѐ пораширена. Во земјите во развој, една четвртина од луѓето немаат чиста вода.
Сиромаштија: Има повеќе сиромашни и гладни луѓе од кога и да било порано. Преку 90 проценти од луѓето во некои земји живеат во сиромаштија; 30 проценти од работната сила во светот, т.е. околу 800 милиони, се невработени или несоодветно вработени — а бројот се зголемува.
Глад: Ако ти имаш доволно за јадење, сѐ повеќе милиони немаат. Во неразвиените земји, секоја година умираат од последиците на гладот најмалку 13 милиони луѓе, од кои повеќето се деца.
Војни: Стотици илјади луѓе се убиени во поновите етнички насилства. А во XX век, војните убиле преку сто милиони луѓе.
Други проблеми: Покрај горенаведените проблеми, тука е и кризата во семејството, сѐ повеќе невенчани мајки, сѐ поголем број на бездомници, раширена злоупотреба на дрога и раширен неморал. Еден поранешен член на владата на САД, со право рекол: „Едноставно има премногу знаци кои укажуваат . . . дека цивилизацијата се распаѓа“. Во последниве 30 години, населението во САД пораснало за 41 процент, но насилството се зголемило за 560 проценти, бројот на вонбрачните деца пораснал за 400 проценти, бројот на разводите за 300 проценти, а стапката на тинејџерски самоубиства се зголемила за 200 проценти. Состојбата е слична и во другите земји.
Зошто се влошиле проблемите?
Нашиот Творец ни го дава одговорот. Во неговата Реч, ова време исполнето со проблеми е наречено ‚последни денови‘, кога ќе настапи период на ‚тешки времиња‘ (2. Тимотеј 3:1). Последните денови на што? Па, Библијата зборува за „свршетокот на светот“ (Матеј 24:3).
Денешните сѐ поголеми проблеми се јасен доказ дека е близу крајот на овој систем на ствари, вклучувајќи го крајот на злото и на оние кои се одговорни за него (Матеј 24:3-14; 2. Тимотеј 3:1-5; Откровение 12:7-12). Наскоро Бог ќе интервенира и ќе се погрижи да бидат во потполност решени сите денешни проблеми (Јеремија 25:31-33; Откровение 19:11-21).
РЕЛИГИИТЕ НА ОВОЈ СВЕТ ИЗНЕВЕРИЛЕ
Наместо да помогнат во решавањето на денешните проблеми, религиозните системи на овој свет само ги зголемуваат. За време на војните, католиците убиваат католици, протестантите убиваат протестанти — и тоа на милиони. Неодамна во Руанда, каде што повеќето се католици, луѓето меѓусебно се убиваа на стотици илјади! (Види ја сликата од левата страна.)
Дали Исус би одел во војна со пушка или со мачета за да ги убива своите ученици поради тоа што не припаѓале на иста националност како и тој? Секако дека не! „Кој Го сака Бога“, стои во Библијата, „да го сака и братот свој“ (1. Јованово 4:20, 21). Религиите на овој свет изневериле во тој поглед. „Тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат“ (Тит 1:16).
Понатаму, бидејќи религиите на овој свет вистински не ги поддржуваат библиските мерила за моралот, тие придонесуваат за шокантната морална криза во светот.
Исус рекол дека вистинската религија може да се познае од лажната религија ‚по нејзините плодови‘ — по она што го прават нејзините членови. Тој исто така рекол: „Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган“ (Матеј 7:15-20). Божјата Реч нѐ поттикнува да бегаме од религијата која раѓа лоши плодови и која според тоа се соочува со уништување (Откровение 18:4).
Вистинската религија не изневерила
Вистинската религија „дава добри плодови“, особено љубовта (Матеј 7:17; Јован 13:34, 35). Кое обединето меѓународно братство на христијани практицира таква љубов? Кој одбива да убива луѓе, без разлика на вероисповеста? (1. Јованово 3:10-12).
Јеховините сведоци имаат репутација дека ги носат тие „добри плодови“. По целата Земјина топка, во преку 230 земји, тие ‚ги прековале мечевите свои во плугови‘ (Исаија 2:4). Нивната љубов кон луѓето се покажува и преку нивната послушност спрема Христовата заповед да се проповеда ‚добрата вест‘ (НС) за Божјето Царство по целиот свет (Матеј 24:14). Тие исто така ги практицираат и ги поддржуваат високите морални начела што ги содржи Библијата (1. Коринтјаните 6:9-11).
Вистинската религија не изневерила. Таа ги упатува луѓето кон Единствениот кој е способен да ги реши проблемите на човештвото. Наскоро Тој ќе донесе еден потполно нов свет. Кој е Тој? (Молиме види ја задната страница.)
РАЈОТ БЕЗ ПРОБЛЕМИ СИГУРНО ЌЕ СЕ ОСТВАРИ
Кога би можел, зарем не би ги решил сите проблеми што го оптоваруваат човештвото? Секако дека би го сторил тоа! Зарем треба да мислиме дека нашиот Творец, кој е полн со љубов и кој единствено ја има моќта и мудроста да ги реши проблемите на човештвото, ќе стори помалку?
Библијата открива дека Бог ќе интервенира во човечките работи преку својата небесна влада во рацете на Исус Христос. Таа ќе ги „разруши“ корумпираните влади на Земјата (Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10). А зошто? Обраќајќи му се на Бог, псалмистот дава одговор: „И да познаат, дека името Ти е Господ [Јехова, НС], и дека Ти си единствен Севишен над целата земја“ (Псалм 82:18).
Кога ќе заврши овој свет, дали ќе има преживеани? „Светот поминува“, вели Библијата, „а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17). Каде ќе живеат засекогаш тие преживеани? „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“, вели Библијата (Псалм 36:9-11, 29; Изреки 2:21, 22).
Во Божјиот нов свет, „смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21:4). Ќе нема веќе криминал, сиромаштија, глад, болест, тага ниту смрт! Замисли, дури и мртвите повторно ќе живеат! „Ќе има воскресение“ (Дела 24:15). А Земјата ќе биде претворена во еден дословен рај (Исаија 35:1, 2; Лука 23:43).
Што мораме да сториме за да се радуваме на животот во Божјиот нов свет? Исус рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). По целиот свет, милиони луѓе со искрени срца стекнуваат такво спознание. Тоа им помага да излезат на крај со многу свои лични проблеми сега, а што е најважно, им дава потполна доверба дека проблемите кои се надвор од нивната моќ да ги решат, ќе бидат во потполност решени во Божјиот нов свет.
[Извор на слика на страница 2]
Фотографија на WHO од P. Almasy
[Извор на слика на страница 3]
Jerden Bouman/Sipa Press