Јехова — кој е тој?
ПРОБИВАЈЌИ си го патот низ џунглата во Камбоџа, Хенри Моухот, француски истражувач од 19 век, стигнал до еден широк прокоп кој опкружувал еден храм. Тоа бил Ангкор Ват, најголемиот религиозен споменик на Земјата. Моухот со еден поглед можел да каже дека таа градба покриена со мов била дело на човечки раце. „Издигнат од некојси древен Микеланџело“, напишал тој, „повеличествен е од што и да било друго што ни оставиле Грција или Рим.“ И покрај тоа што издржала векови на напуштеност и занемареност, тој не се сомневал дека зад таа комплексна градба стоел некој дизајнер.
Интересно е тоа што една книга на мудроста, која е напишана пред неколку векови, употребила слично резонирање наведувајќи: „Зашто секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“ (Евреите 3:4). Но, некои може да речат: ‚Начините на кои дејствува природата се поинакви од начините на кои дејствува човекот‘. Меѓутоа, сите научници не се сложуваат со тој приговор.
Откако признал дека „биохемиските системи не се неживи предмети“, Мајкл Бехе, вонреден професор по биохемија на универзитетот Лихај (Пенсилванија, САД), прашува: „Можат ли живите биохемиски системи да бидат интелигентно дизајнирани?“ Тој понатаму покажува дека сега научниците ги дизајнираат основните промени во живите организми преку методи како што е генетскиот инженеринг. Да, можат да бидат „изградени“ и живи и неживи нешта! Испитувајќи го микроскопскиот свет на живите клетки, Бехе забележал зачудувачко комплексни системи составени од компоненти кои, за да функционираат, зависат едни од други. Неговиот заклучок? „Резултатот од овие севкупни напори да се истражи клетката — да се истражи животот на молекуларно ниво — е еден гласен, јасен, продорен повик за ‚дизајн!‘ “
Тогаш, кој е Дизајнерот кој стои зад овие комплексни системи?
Кој е Дизајнерот?
Одговорот е достапен во древната книга на мудрост која беше цитирана претходно — Библијата. Во своите уводни зборови, Библијата со извонредна едноставност и јасност одговара на прашањето кој ги дизајнирал сите работи: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1).
Меѓутоа, за да се разликува од другите за кои се вели дека се Бог, Творецот се идентификува со едно единствено име: „Така вели Господ Бог [Јехова, NW], Кој ги создал небесата . . . Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа“ (Исаија 42:5, 8). Јехова е името на Богот кој го дизајнирал универзумот и ги создал мажите и жените на Земјата. Но, кој е Јехова? Каков Бог е тој? И зошто би требало ти да го слушаш?
Значењето на Неговото име
Како прво, што значи името на Творецот — Јехова? Божественото име е напишано со четири хебрејски букви (יהוה) и во хебрејскиот дел од Библијата се појавува скоро 7.000 пати. Се смета дека ова име е причински облик од хебрејскиот глагол хава́х („да стане“) и според тоа значи „Тој предизвикува да стане“. Со други зборови, Јехова мудро предизвикува тоа да стане сѐ што е потребно за да ги оствари своите намери. Тој станува Творец, Судија, Спасител, Поддржувач на животот итн. со цел да ги исполни своите ветувања. Освен тоа, хебрејскиот глагол е во граматички облик кој означува акција што е во процес на исполнување. Тоа покажува дека Јехова сѐ уште предизвикува да стане исполнител на своите ветувања. Да, тој е жив Бог!
Јеховините надмоќни особини
Библијата покажува дека овој Творец и исполнител на своите ветувања е многу привлечна личност. Самиот Јехова ги открил своите карактеристични особини и рекол: „Јехова, Јехова, Бог милосрден и милостив, бавен на гнев и обилен во срдечна љубезност и вистина, кој чува срдечна љубезност за илјадници, а простува грешка и престап и грев, но никако не дава ослободување од казна, и ќе донесе казна врз синовите и врз внуците за грешките на татковците“ (2. Мојсеева 34:6, 7, NW). Јехова е прикажан како Бог на срдечна љубезност. Хебрејскиот збор кој е употребен овде може да се преведе со „лојална љубов“. При извршувањето на својата вечна намера, Јехова лојално продолжува да покажува љубов кон своите созданија. Зарем ти не би ја ценел таквата љубов?
Исто така, Јехова е бавен на гнев и брз во простувањето на нашите грешки. Пријатно е кога сме во близина на лице кое не е критизерски настроено, туку е спремно да ни прости. Сепак, тоа не значи дека Јехова преминува преку неделото. Тој изјавил: „Јас, Господ, ја сакам правдата, го мразам грабежот со насилство“ (Исаија 61:8). Како Бог на правдата, тој не ги толерира засекогаш дрските грешници кои продолжуваат во својата злоба. Според тоа, можеме да бидеме сигурни дека во свое одредено време, Јехова ќе ја исправи неправдата во светот околу нас.
За да се задржи совршена рамнотежа меѓу особините љубов и правда, потребна е мудрост. Кога има работа со нас, Јехова ги урамнотежува тие две особини на еден прекрасен начин (Римјаните 11:33—36). Секако, неговата мудрост може да се види насекаде. Чудата на природата сведочат за неа (Псалм 103:24; Изреки 3:19).
Сепак, да се има мудрост не е доволно. За да го оствари во потполност она што му доаѓа на ум, Творецот мора да има и потполна моќ. Библијата покажува дека тој е еден таков Бог: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? . . Поради . . . големата сила [изобилството на динамичка енергија, NW] во Него ништо не недостига“ (Исаија 40:26). Навистина, за да ја спроведе својата волја, Јехова има на располагање ‚изобилство на динамичка енергија‘. Зарем таквите особини не те привлекуваат кон Јехова?
Користи од познавањето на Јехова
Јехова ‚не ненадејно ја создал [Земјата]‘, туку ‚ја создал за живеење‘ на луѓе кои имаат смисловен однос со него (Исаија 45:18; 1. Мојсеева 1:28). Тој се грижи за своите земни суштества. Тој му дал на човештвото совршен почеток во еден дом сличен на градина — рај. Луѓето пак, од своја страна, го руинираат тој рај, и тоа на Јеховино големо незадоволство. Сепак, верно на она на кое укажува неговото име, Јехова во потполност ќе ја исполни својата првобитна намера со човештвото и со Земјата (Псалм 113:24; Откровение 11:18). Тој ќе го обнови Рајот на Земјата за оние кои се спремни да го слушаат како негови деца (Изреки 8:17; Матеј 5:5).
Последната книга од Библијата го опишува квалитетот на животот што ќе можеш да го уживаш во тој Рај: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4). Тоа е вистинскиот живот што Јехова сака да го уживаш. Каков само добротворен Татко е тој! Дали си спремен да научиш повеќе за него и за она што се бара од тебе за да живееш во Рајот?
Доколку не е наведено поинаку, сите библиски стихови се земени од Библијата на македонски јазик, издание од 1991. Кога после некој цитат стои NW, тоа покажува дека е направен превод од англискиот New World Translation of the Holy Scriptures.