Кој стои зад сето тоа?
СЕЧЕЈЌИ го својот пат низ џунглата во Кампучија, Хенри Моухот, француски истражувач од 19 век, стигнал до еден широк ендек кој опкружувал еден храм. На околу 1 километар од местото каде што стоел, петте кули на храмот се издигале во воздухот во висина од над 60 метри. Тоа бил Ангкор Ват, најголемиот религиозен споменик на Земјата. Кога Моухот го открил, тој веќе седум векови им одолевал на атмосферските прилики.
Моухот со еден поглед можел да каже дека тие градби покриени со мов биле дело на човечки раце. „Издигнат од некојси древен Микеланџело, повеличествен е од што и да било друго, што ни е оставено од Грција или Рим“, напишал тој. И покрај тоа што со векови биле напуштени, тој не се сомневал дека зад тие сјајни градби стоел некој дизајнер.
Интересно е тоа што една книга на мудроста, која е напишана пред многу векови, употребила слично резонирање за да објасни зошто светот околу нас мора да е производ на некој Дизајнер. Тој мора да бил создаден. Апостол Павле напишал: „Зашто секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“ (Евреите 3:4). Можеби некои не се сложуваат со оваа аналогија, велејќи: ‚Начините на кои дејствува природата се поинакви од она што го направил човекот‘. Меѓутоа, сите научници не се сложуваат со тој приговор. Откако признал дека „биохемиските системи не се неживи предмети“, Мајкл Бехе, вонреден професор по биохемија на универзитетот Лихај, прашува: „Можат ли живите биохемиски системи да бидат интелектуално дизајнирани?“ Тој понатаму покажува дека научниците сега ги дизајнираат основните промени во живите организми преку методи, како што е генетскиот инженеринг. Јасно, како неживите така и живите нешта можат да бидат дизајнирани и конструирани! „Копајќи“ во микроскопскиот свет од живи клетки, Бехе дискутира за зачудувачкиот комплекс од системи составени од компоненти кои, за да функционираат, зависни се едни од други. Неговиот заклучок? „Резултатот од овие кумулативни напори да се испита клетката — да се испита животот на молекуларно ниво — е еден гласен, јасен, продорен повик за ‚дизајн!‘“
На сличен начин, некои космолози и физичари се зафатиле со истражување на светот и на универзумот и дошле до некои зачудувачки факти. На пример, сега тие знаат дека доколку постоела дури и бесконечно мала промена во вредноста на која и да е од универзалните константи, универзумот би бил безживотен.a Космологот Брендон Картер тие факти ги нарекол зачудувачки коинциденции. Но, ако наидеш на една серија мистериозни, меѓусебно поврзани коинциденции, зарем нема барем да се посомневаш дека некој стоел зад нив?
Навистина, зад сите овие комплексни системи и фино ускладени „коинциденции“ стои Дизајнер. Кој? „Идентификувањето на дизајнерот преку научни методи би можело да биде крајно тешко“, признава професор Бехе, и тој остава „филозофијата и теологијата“ да се обидат да одговорат на тоа прашање. Можеби ти лично мислиш дека тоа прашање е споредно за тебе. Меѓутоа, доколку си добил еден убаво завиткан пакет кој е полн токму со она што ти е потребно, зарем не би сакал да откриеш кој ти го испратил?
Ние, така да се каже, сме добиле еден таков пакет — пакет полн со прекрасни подароци кои ни овозможуваат да живееме и да се радуваме на животот. Тој пакет е Земјата, со сите нејзини извонредни системи за поддржување на животот. Зарем не би требало да сакаме да откриеме кој ни ги дал тие подароци?
За среќа, Испраќачот на пакетот прикачил една белешка на него. „Белешката“ е таа древна книга на мудроста, цитирана претходно — Библијата. Во своите воведни зборови, Библијата со извонредна едноставност и јасност одговара на прашањето за тоа кој ни го дал пакетот: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1).
Во својата „белешка“ Творецот се идентификува себеси по име: „Така вели Господ Бог [Јехова, NW], Кој ги создал небесата . . . Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа“ (Исаија 42:5). Да, Јехова е името на Богот кој го дизајнирал универзумот и ги создал мажите и жените на Земјата. Но, кој е Јехова? Каков Бог е тој? И зошто сите народи на Земјата би требало да го слушаат?
[Фуснота]
a „Константи“ се вредности кои изгледа дека не се менуваат низ универзумот. Два примера за тоа се брзината на светлината и односот на гравитацијата кон масата.
[Слика на страница 3]
Ангкор Ват бил изграден од луѓе
[Слика на страница 4]
Кога добиваш подарок, зарем не сакаш да знаеш кој ти го испратил?