СТУДИЈА 1
Точно читање
ПИСМОТО вели дека Божја волја е сите видови луѓе „да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тим. 2:4). Во склад со тоа, кога читаме наглас од Библијата, нашата желба да го пренесеме точното спознание треба да влијае врз начинот на кој читаме.
Способноста да се чита наглас од Библијата и од публикациите што ја објаснуваат Библијата е важна како за младите така и за постарите. Како Сведоци на Јехова, имаме одговорност да го споделуваме со другите спознанието за Јехова и за неговите патишта. Тоа честопати вклучува читање пред едно лице или пред мала група. Исто така, читаме и во кругот на семејството. Во Теократската школа за служба постојат соодветни прилики кога браќа и сестри, млади и стари, добиваат совет со цел да го подобрат своето читање на глас.
Јавното читање на Библијата, сеедно дали пред поединци или пред собрание, е нешто што треба да се сфати сериозно. Библијата е инспирирана од Бог. Освен тоа, „речта Божја е жива и врши силно влијание . . . може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евр. 4:12). Божјата реч содржи непроценливо спознание, кое не е достапно од ниеден друг извор. Тоа може да му помогне на еден човек да го запознае единствениот вистински Бог и да негува добар однос со него, како и успешно да излезе на крај со проблемите во животот. Тоа го објаснува патот до вечен живот во Божјиот нов свет. Затоа, треба да имаме за цел да ја читаме Библијата најдобро што можеме (Псал. 119:140; Ерем. 26:2).
Како се чита точно. Постојат многу фасети на делотворното читање, но прв чекор е да се развие точност. Тоа значи да се настојува да се прочита токму така како што стои на печатената страница. Внимавај да не прескокнуваш зборови, ниту да испушташ нивни завршоци ниту, пак, погрешно да ги читаш поради тоа што се слични со други зборови.
За да ги прочиташ зборовите исправно, ќе треба да го разбереш контекстот. За тоа е потребна внимателна подготовка. Со текот на времето, додека развиваш способност да гледаш однапред и да го земаш предвид текот на мислата, твојата точност во читањето ќе се подобри.
Интерпункциските и надредните знаци се важни елементи во пишаниот јазик. Интерпункциските знаци можат да покажат каде да направиш пауза, колкава да биде таа и можеби каде треба да направиш промена во модулацијата. Во некои јазици, пропустот да се промени тонот кога интерпункциските знаци го бараат тоа, може да претвори едно прашање во исказ, или може сосема да го измени значењето. Се разбира, функцијата на интерпункциските знаци понекогаш е главно граматичка. Во многу јазици е невозможно да се чита точно без да се обрне грижливо внимание на надредните знаци — како на пишаните така и на оние што се подразбираат од контекстот. Ова влијае врз звукот на буквите со кои се поврзани. Погрижи се да се запознаеш со начинот на кој интерпункциските и надредните знаци се користат во твојот јазик. Ова е клуч за да читаш на смисловен начин. Запомни дека имаш цел да пренесеш мисли, а не само да кажуваш зборови.
За да ја негуваш способноста да читаш точно, потребно е вежбање. Прочитај само еден пасус, а потоа прави го тоа одново и одново сѐ додека не го прочиташ без ниедна грешка. Потоа, премини на следниот. На крајот, настојувај да прочиташ неколку страници материјал без да прескокнуваш, повторуваш или погрешно читаш некои зборови. Откако си ги презел тие чекори, замоли некого да те слуша додека читаш и да ти укаже на кои и да било грешки што можеби ќе ги направиш.
Во некои делови на светот, слабиот вид и несоодветното осветлување придонесуваат за тешкотија во читањето. Ако е можно да се обрне потребното внимание на овие работи, резултатот несомнено ќе биде подобрено читање.
Со текот на времето, браќата што добро читаат можеби ќе бидат замолени да имаат удел во јавното читање на студискиот материјал на Собраниска студија на книга и на Студија на Стражарска кула. Но, за добро да се погрижиш за оваа предност, потребно е повеќе отколку само да можеш исправно да ги кажеш зборовите. За да станеш делотворен јавен читач во собранието, ќе треба да развиеш добри навики за лично читање. Ова вклучува да сфатиш дека секој збор во реченицата си игра своја улога. Не можеш да игнорираш некои од нив, а да добиеш јасна слика за она што се кажува. Ако ги читаш зборовите погрешно, дури и кога читаш за себе, значењето на реченицата ќе се искриви. Погрешното читање може да биде резултат на пропустот да се земат предвид надредните знаци или контекстот во кој се употребени зборовите. Вложи напор да разбереш што значи секој збор во контекстот во кој се појавува. Размисли и за тоа како интерпункциските знаци влијаат врз значењето на реченицата. Запомни дека мислите обично се пренесуваат преку група зборови. Забележи ги нив, за кога читаш наглас да читаш групи зборови — фрази и делови од реченици — а не само зборови. Јасното разбирање на она што го читаш е важен чекор за да можеш со јавно читање да им го пренесеш точното спознание на другите.
На еден искусен христијански старешина, апостол Павле му напишал: „Посветувај се на јавното читање“ (1. Тим. 4:13). Ова очигледно е едно подрачје на кое сите ќе најдеме место за подобрување.