СТУДИЈА 8
Соодветна јачина на гласот
АКО на еден јавен говорник му недостига потребната јачина на гласот, некои присутни можат да задремат. Ако еден објавител зборува премногу тивко во службата на теренот, можеби нема да го задржи вниманието на станарот. А на состаноците каде што коментарите на публиката не се со адекватна јачина на гласот, присутните нема да го добијат потребното охрабрување (Евр. 10:24, 25). Од друга страна, пак, ако некој говорник ја зголемува јачината на гласот во погрешно време, на присутните може да им стане непријатно — па дури и да се изнервираат (Посл. 27:14).
Земи ја предвид твојата публика. Кому му зборуваш? На поединец? На семејство? На мала група што се состанува за служба на теренот? На цело собрание? Или, пак, на присутните на голем конгрес? Јасно е дека јачината на гласот што е соодветна во една ситуација, можеби нема да биде соодветна во друга.
Во различни прилики, некои Божји слуги зборувале пред голема публика. На инаугурацијата на храмот во Ерусалим во деновите на Соломон немало озвучување. Затоа, Соломон застанал на еден издигнат подиум и го благословил народот „со силен глас“ (1. Цар. 8:55; 2. Лет. 6:13). Со векови подоцна, по излевањето на светиот дух на Пентекост 33 н.е., едно мноштво — во кое некои се интересирале, а други се потсмевале — се собрало околу малата група христијани во Ерусалим. Покажувајќи практична мудрост, Петар ,станал . . . и го кренал гласот‘ (Дела 2:14). Било дадено силно сведоштво.
Од каде да знаеш дали јачината на гласот што ја користиш е соодветна во дадена ситуација? Еден од најдобрите барометри е реакцијата на публиката. Ако забележиш дека некои се напрегаат да те чујат, настојувај да ја приспособиш јачината.
Без разлика дали зборуваме пред поединец или пред група, мудро е да го земеме предвид составот на публиката. Ако некој тешко слуша, можеби ќе треба да го зголемиш гласот. Но, со викање нема да им омилиш на луѓето што едноставно поради староста реагираат малку побавно. Тоа може да се смета дури и за знак на неучтивост. Во некои култури, преголемата јачина на гласот се смета за доказ на гнев или нестрпливост.
Земи ја предвид бучавата што го одвлекува вниманието. Кога учествуваш во службата на теренот, околностите на кои наидуваш дефинитивно влијаат врз јачината на гласот што е потребна за да дадеш сведоштво. Можеби ќе мораш да се натпреваруваш со бучавата од сообраќајот, со немирни деца, со кучиња што лаат, со гласна музика или со телевизор што трешти. Од друга страна, пак, во подрачја каде што становите се блиску еден до друг, станарот може да се срами ако зборуваш толку гласно што го привлекуваш вниманието и на соседите.
Браќата што држат предавања во собранието или на конгресите исто така мораат да се справат со најразлични околности. Да се зборува надвор е нешто сосема поинаку отколку да се држи предавање во сала во која има добра акустика. Во Латинска Америка, двајца мисионери држеле јавно предавање на тераса зад куќата на некој интересент додека истовремено на блискиот плоштад имало огномети и во близина упорно пеел петел!
Додека трае говорот, може да се случи нешто што ќе бара или да се направи пауза, сѐ додека не се смали пречката, или да се зголеми јачината на гласот. На пример, ако состанокот се одржува во објект со лимен покрив, ненадеен пороен дожд може речиси да ѝ оневозможи на публиката да го слуша говорникот. Дете што плаче или нередот што го предизвикуваат оние што доцнат сигурно ќе претставува предизвик. Научи да ги надминеш пречките за да може публиката да извлече целосна корист од информациите што ги изнесуваш.
Ако има опрема за озвучување, ќе биде од корист, но таа не ја отстранува потребата говорникот да ја зголеми јачината на гласот кога ситуацијата го налага тоа. На некои места, каде што честопати снемува струја, говорниците се принудени да го продолжат предавањето без микрофон.
Земи го предвид материјалот за кој дискутираш. Природата на материјалот во твојот говор исто така влијае врз потребната јачина на гласот. Ако темата бара сила, не ослабувај ја презентацијата со претивко зборување. На пример, кога од Писмото читаш јавни осуди, јачината на гласот треба да биде поголема отколку кога читаш совет да се покажува љубов. Јачината на твојот глас приспособи ја кон материјалот, но внимавај да го правиш тоа на таков начин што нема да привлекуваш внимание кон себе.
Земи ја предвид твојата цел. Ако сакаш да ги поттикнеш присутните на енергична активност, ќе треба да користиш малку поголема јачина на гласот. Доколку сакаш да го промениш нивното размислување, не одвраќај ги од тоа користејќи преголема јачина. Ако настојуваш да утешиш, обично е подобар помек глас.
Делотворна употреба на зголемена јачина на гласот. Кога се обидуваш да го придобиеш вниманието на некој што е зафатен, честопати помага зголемената јачина на гласот. Родителите го знаат тоа, па затоа го повишуваат гласот за да ги викнат децата кога е време да си дојдат дома од играње. Зголемена јачина на гласот е потребна и кога еден претседавач отвора собраниски состанок или собир. Кога објавителите се во служба на теренот, можеби извикуваат поздрав додека им пристапуваат на луѓето што работат надвор.
Дури и откако си придобил нечие внимание, важно е и понатаму да користиш доволна јачина на гласот. Многу слаб глас може да остави впечаток дека говорникот не е добро подготвен или дека му недостига увереност.
Кога е споено со заповед, повишувањето на гласот може да ги поттикне луѓето на акција (Дела 14:9, 10). На сличен начин, една гласна заповед може да спречи катастрофа. Еден темничар во Филипи штотуку сакал да се самоубие, бидејќи помислил дека затворениците побегнале. „Павле извика со силен глас, велејќи: ,Не прави си никакво зло, зашто сите сме овде!‘ “ На тој начин било спречено самоубиство. Потоа Павле и Сила им сведочеле на темничарот и на неговото домаќинство, и сите ја прифатиле вистината (Дела 16:27-33).
Како да ја подобриш јачината на гласот. Кај некои е потребен повеќе од обичен напор за да научат како да користат соодветна јачина на гласот. Можеби некој зборува со недоволна јачина бидејќи има слаб глас. Меѓутоа, со напор, може да постигне подобрување, иако можеби сѐ уште ќе зборува со мек глас. Обрни внимание на дишењето и на држењето на телото. Вежбај да седиш и да стоиш исправено. Турни ги наназад рамениците и вдиши длабоко. Погрижи се да го исполниш долниот дел од белите дробови. Оваа резерва од воздух е тоа што, ако правилно се регулира, ти овозможува да ја контролираш јачината на гласот кога зборуваш.
На други им е проблем тоа што зборуваат прегласно. Можеби таа навика ја развиле како резултат на тоа што работеле надвор или во бучна околина. Од друга страна, пак, можеби доаѓаат од средина каде што сите викаат и каде што е вообичаено луѓето меѓусебно да се прекинуваат. Како последица од тоа, мислат дека единствен начин да се дојде до збор е да зборуваат погласно од останатите. Додека постепено внимаваат на библискиот совет да се облечат во „нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост“, тие ќе прават преиначувања во јачината на гласот што ја користат кога разговараат со другите (Кол. 3:12).
Добрата подготовка, искуството што доаѓа од редовното учество во службата на теренот и молитвата до Јехова ќе ти помогнат да зборуваш со соодветна јачина на гласот. Сеедно дали зборуваш од подиум или со некој поединец во службата на теренот, настојувај да ги сосредоточиш своите мисли на тоа како да му помогнеш на другиот да слуша што кажуваш (Посл. 18:21).