СТУДИЈА 9
Модулација
АКО користиш само смисловен акцент, ќе им помогнеш на присутните да го разберат она што го кажуваш. Но, кога добро користиш разноликост во јачината, темпото и висината на гласот, ќе биде уште поголемо уживање да се слуша твојот говор. Исто така, тоа може да им каже на присутните што чувствуваш ти за она што го кажуваш. Твојот став кон материјалот може да влијае врз она што тие ќе го чувствуваат кон него. Тоа е случај сеедно дали зборуваш од подиум или со некој поединец во службата на теренот.
Човечкиот глас е еден чудесен инструмент, способен да прави големи варијации. Ако се користи правилно, тој може да му даде живот на еден говор, да го допре срцето, да ги побуди емоциите и да мотивира на акција. Меѓутоа, ова не ќе можеш да го постигнеш ако само означиш во твоите забелешки каде да ја преиначиш јачината, да го смениш темпото или да направиш варијација во висината на гласот. Модулацијата како реакција на таквите знаци ќе звучи вештачки. Наместо да му даде живот и боја на изнесувањето, може да предизвика присутните да се чувствуваат непријатно. Правилната употреба на модулацијата доаѓа од срцето.
Кога се користи мудро, модулацијата нема да привлече непотребно внимание кон говорникот. Наместо тоа, ќе им помогне на присутните да го сфатат духот на темата за која се дискутира.
Преиначи ја јачината на гласот. Еден начин да направиш промена во твоето вокално изразување е да ја преиначиш јачината на гласот. Но, ова не треба да биде само механичко зголемување или намалување на јачината на гласот со монотона точност. Тоа ќе ја искриви смислата на она што го кажуваш. Ако ја зголемуваш јачината на гласот премногу често, ќе оставиш непријатен впечаток.
Твојата јачина на гласот треба да биде соодветна на материјалот. Сеедно дали читаш некоја итна заповед како што е онаа што се наоѓа во Откровение 14:6, 7 или во Откровение 18:4 или, пак, некоја изјава на силно уверување, како онаа што е запишана во Излез 14:13, 14, се препорачува соодветно да ја зголемуваш јачината на гласот. Исто така, ако читаш некоја силна јавна осуда од Библијата, како што е онаа која се наоѓа во Еремија 25:27-38, правењето варијации во јачината на гласот ќе придонесе некои изрази да се истакнат од останатиот дел.
Размисли и за твојата цел. Дали сакаш да ги мотивираш присутните на акција? Дали сакаш да ги истакнеш главните точки во твојата презентација? Зголемената јачина на гласот, употребена со разборитост, ќе ти помогне да ги постигнеш овие цели. Меѓутоа, само зголемувањето на јачината на гласот може да ја осуети твојата цел. Како? Она што го кажуваш можеби бара топлина и чувство, а не зголемување на јачината. За тоа ќе дискутираме во Студија 11.
Кога се користи со проникливост, намалувањето на јачината може да побуди исчекување. Но, тоа обично бара поголем интензитет на тонот веднаш потоа. Пониската јачина придружена со зголемен интензитет може да се користи за да се пренесе загриженост или страв. Намалената јачина на гласот може да се употреби и за да се покаже дека она што се кажува има второстепена важност во однос на околниот материјал. Меѓутоа, ако секогаш имаш ниска јачина на гласот, можеш да оставиш впечаток дека си несигурен, или дека ти фали увереност, или дека ти фали вистински интерес за твојата тема. Очигледно, многу меките тонови треба да се користат разборито.
Смени го темпото. Во секојдневниот говор, додека ги изразуваме своите мисли, зборовите течат спонтано. Кога сме возбудени, склони сме да зборуваме брзо. Кога сакаме другите точно да го запомнат она што го кажуваме, темпото на нашиот говор станува побавно.
Меѓутоа, нема многу нови говорници на јавен подиум што прават варијации во темпото. Зошто? Премногу се концентрираат на составот на зборовите што треба да ги кажат. Можеби сѐ им е запишано. Дури и ако говорот не го изнесуваат од манускрипт, зборовите можеби ги научиле скоро напамет. Како резултат на тоа, сѐ изнесуваат со еднолично темпо. Учењето да зборуваат од нацрт ќе им помогне да ја исправат оваа слабост.
Избегнувај темпото да го зголемуваш толку неочекувано што тоа ќе потсетува на мачка што се шета и одненадеж, кога здогледува куче, отскокнува. И немој никогаш да зборуваш толку брзо што ќе трпи твојата дикција.
За да постигнеш разноликост во темпото, немој само да забрзуваш и забавуваш во редовни интервали. Наместо да го подобри материјалот што го презентираш, тој стил на изнесување ќе го одврати вниманието од него. Промените во темпото треба да одговараат на она што го кажуваш, на емоциите што сакаш да ги пренесеш и на твојата цел. Изнеси го говорот со умерено темпо. За да пренесеш возбуденост, зборувај побрзо, исто како што би правел во секојдневниот живот. Ова е пригодно и кога наведуваш некои точки што имаат помала важност или кога раскажуваш настани во кои деталите не се битни. Тоа ќе придонесе за разноликост и ќе ти помогне говорот да не звучи пресериозно. Од друга страна, пак, потешките аргументи, главните точки и кулминациите во изнесувањето обично бараат побавно темпо.
Прави варијации во висината на гласот. Замисли си некој да свири на музички инструмент скоро еден час. Цело време свири само една нота — првин гласно, потоа меко, повремено брзо, па бавно. Варијации во јачината и во темпото постојат, но без варијации во висината, „музиката“ не е баш привлечна. На сличен начин, без варијации во висината, нашиот глас нема да биде пријатен за ушите.
Мора да се забележи дека промените во висината го немаат истиот ефект во сите јазици. Во гласовен јазик, како што е кинескиот, со менувањето на висината на гласот може да се смени значењето на еден збор. Сепак, дури и во еден таков јазик можат да се направат некои работи што придонесуваат за поголема разноликост на неговите вокални изрази. Може да се работи на подобрување на опсегот на гласот додека се задржуваат истите релативни вредности за различните тонови. На тој начин високите тонови можат да се направат уште повисоки, а ниските уште пониски.
Дури и во јазици што не се гласовни, промената во висината на гласот може да пренесе најразлични идеи. На пример, лесно зголемување на висината проследено со споредливо зголемување на јачината може да се користи за смисловно нагласување. Или промена во висината може да биде начин да се покаже големина или растојание. Повишувањето на тонот на крајот од реченицата може да покаже дека е поставено прашање. Во некои јазици можеби се бара снижување на тонот.
Возбуденост и одушевеност можат да се изразат со поголема висина. (Во еден гласовен јазик можеби ќе бидат потребни поголеми варијации во опсегот на гласот.) Тагата и загриженоста може ќе бараат помала висина. (Или во еден гласовен јазик, помали варијации во опсегот на гласот.) Емоциите спомнати овде се оние што му помагаат на говорникот да го допре срцето. Кога сакаш да ги изразиш, немој само да ги изговориш зборовите. Користи го гласот на начин што покажува дека и ти ги чувствуваш.
Постави темел. Значи, со што почнува модулацијата? Со материјалот што ќе го избереш за твојот говор. Ако не вклучиш ништо друго освен аргументирање или ништо друго освен поттикнување, ќе имаш мала прилика за разноликост во изнесувањето. Затоа, проанализирај го својот нацрт и погрижи се да ги има состојките потребни за една жива, информативна презентација.
Да претпоставиме дека во текот на говорот ќе почувствуваш потреба од поголема разноликост бидејќи твојата презентација почнува да се развлекува. Што тогаш? Смени го начинот на изнесување на материјалот. Како? Еден начин е да ја отвориш Библијата, да ги замолиш присутните исто така да ги отворат Библиите и да прочиташ еден стих, наместо само да зборуваш. Или, претвори некоја изјава во прашање, додавајќи пауза за нагласување. Вметни некоја едноставна илустрација. Ова се техники што ги користат искусните говорници. Но, без оглед на тоа колкаво е твоето искуство, можеш истите идеи да ги употребиш кога го подготвуваш твојот материјал.
Може да се рече дека модулацијата е зачин на еден говор. Ако се употреби исправниот зачин и во исправна количина, тој ќе ја извлече целата арома на материјалот и ќе го направи да биде уживање за твојата публика.