ПОГЛАВЈЕ 12
Што има толку лошо во оговарањето?
„Еднаш отидов на една забава, и следниот ден беше пуштен глас дека сум спиела со едно од момчињата што беа на забавата. А нема врска!“ (Лидија).
„Понекогаш ќе си чујам муабети дека одам со некоја девојка — а јас не ја ни познавам! Многу од оние што оговараат не се ни трудат да проверат дали она што го кажуваат е вистина“ (Михаел).
ОГОВАРАЊЕТО може да внесе во твојот живот повеќе сплетки отколку што има во еден филм. Анита (19) добро го знае тоа. „Јас сум дежурна жртва“, вели таа. „Имаше муабети дека сум била бремена, дека сум абортирала, дека сум продавала дрога, па дека сум купувала дрога и дека сум се дрогирала. Зошто ги измислуваат сите тие работи за мене? Право да ви кажам, немам поим!“
Опремен со Интернет и пораки што се испраќаат за дел од секундата, некој што има злобни намери може да те оцрни без да изрече макар и збор. Сѐ што треба е да стисне неколку копчиња, и злобниот трач веќе е на пат до десетици љубопитни очи! Има случаи и кога се отвора цел веб-сајт само за некој да биде понижен. Но, најчесто се користат блогови, кои изобилуваат со трачеви што никој не би се осмелил да ти ги каже в лице.
Дали секогаш е погрешно да се зборува за другите?
Штиклирај точно или неточно.
Секогаш е погрешно да се зборува за другите. □ Точно □ Неточно
Кој е точниот одговор? Зависи. Ако само лежерно, неформално зборуваш за некого, понекогаш тоа може да биде и во ред. На крајот на краиштата, и Библијата ни вели „да се интересираме за животот на другите“ (Филипјаните 2:4, New Century Version). Но, тоа не значи дека треба да се мешаме таму каде што не ни е местото (1. Петрово 4:15). Меѓутоа, од неформалните разговори честопати се дознаваат корисни информации како, на пример, кој ќе се мажи или жени, или кој ќе има бебе. Да бидеме искрени — не можеме да кажеме дека се грижиме за другите ако никогаш не зборуваме за нив!
Сепак, неформалните разговори лесно може да преминат во оговарање. На пример, една наивна забелешка: „Тони и Сара би биле добар пар“, може да се прераскаже како „Тони и Сара се добар пар“ — иако Тони и Сара немаат поим за нивната наводна врска. Можеби ќе речеш: ‚Ништо страшно!‘ — но само ако ти не си Тони или Сара!
Јулија (18) била жртва на такво оговарање, и тоа многу ја повредило. „Бев страшно лута“, вели таа, „и почнав да се прашувам дали вреди да имам доверба во другите.“ Џејн (19) била во слична ситуација. „Кружеа муабети дека одам со еден дечко, па затоа почнав да го избегнувам“, вели таа и додава: „Сето тоа не беше фер зашто ние бевме пријатели, и мислам дека имав право да зборувам со него без да се шират разни трачеви!“
Внимателно насочувај го разговорот
Како да си го контролираш јазикот кога си на искушение да оговараш? За да одговориме на ова прашање, помисли колку треба да си вешт за да возиш по еден прометен автопат. Можеби ќе се случи нешто неочекувано и ќе мораш да преминеш на друга лента, да подзабавиш или да застанеш. Ако си внимателен, ќе пазиш на тоа што се случува пред тебе и ќе реагираш исправно.
Слично е и со разговорите. Обично можеш да осетиш кога некој разговор преминува во оговарање. Кога ќе се случи тоа, можеш ли вешто да преминеш во ‚друга лента‘? Ако не го направиш тоа, биди свесен дека оговарањето може да нанесе штета. „Еднаш кажав нешто лошо за една девојка — дека е луда по машки — и тоа стигнало до нејзините уши“, вели Михаел. „Никогаш нема да го заборавам нејзиниот глас кога дојде кај мене. Толку беше повредена од моите непромислени зборови. Ги средивме работите меѓу нас, но не ми беше мило што така ја повредив!“
Нема сомнение дека зборовите можат да повредат. Дури и Библијата признава дека „оној што зборува непромислено, како да прободува со меч“ (Изреки 12:18). Тоа е причина плус зошто треба добро да размислиш пред да кажеш нешто! Точно, можеби ќе ти треба доста самоконтрола за да стиснеш на кочниците кога ќе почнат да се кажуваат некои пикантерии за другите. Сепак, како што вели Каролина (17): „Мораш да пазиш што ќе кажеш. Ако не си чул од проверени извори, може да се случи да шириш лаги“. Затоа, кога ќе чуеш нешто што на крај може да излезе чисто оговарање, држи се за советот на Павле и ‚труди се мирно да живееш и да си ја гледаш својата работа‘ (1. Солуњаните 4:11).
Како ќе покажеш дека се интересираш за другите, а сепак да си ја гледаш својата работа? Пред да кажеш нешто за некого, прашај се: ‚Дали навистина ги знам фактите? Од кој мотив ја прераскажувам оваа информација? Како ќе се одрази оговарањето на мојата репутација?‘ Последново прашање е важно, зашто ако те знаат како некој што оговара, тоа кажува повеќе за твојот карактер отколку за карактерот на лицето што го оговараш.
Кога ти си предмет на оговарање
Што можеш да направиш ако ти станеш предмет на оговарање? Во Проповедник 7:9 сме предупредени: „Немој брзо да се навредуваш“. Наместо тоа, труди се да не го сфаќаш тоа премногу сериозно. Библијата вели: „Не земај го присрце секој збор што ќе го кажат луѓето... Зашто, срцето твое добро знае дека и ти многу пати си ги колнел другите“ (Проповедник 7:21, 22).
Се разбира, нема оправдание за злобното оговарање. Но, со тоа што ќе реагираш претерано може да си направиш само поголема штета. Добро е да размислуваш како Рената, која вели: „Обично ме боли кога некој ќе рече нешто лошо за мене, но се трудам да не го сфатам тоа премногу сериозно. И онака следната седмица веројатно ќе зборуваат за некој друг“.a
Затоа, биди мудар и внимавај твоите разговори да не се свртат кон оговарање. А кога ти си предмет на злобни муабети, биди зрел и не реагирај претерано. Твоите добри дела нека зборуваат место тебе (1. Петрово 2:12). Ако постапуваш така, ќе имаш подобри односи со другите и со Бог.
[Фуснота]
a Во некои случаи можеби ќе биде подобро тактично да разговараш со оној што те оговарал. Но, најчесто тоа нема да биде потребно затоа што „љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8).
КЛУЧЕН СТИХ
„Кој си ја чува устата, си ја чува душата. Кој зборува непромислено, пропаѓа“ (Изреки 13:3)
ПРЕДЛОГ
Ако чуеш како оговараат некого, би можел да речеш: „Не ми е пријатно да зборувам за ова. Сепак, таа не е тука за да каже нешто во своја одбрана“.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
И само ако слушаш оговарања, може да бидеш делумно одговорен за нив. Ако го оставиш оној што оговара некого да продолжи, дозволуваш информациите да се шират со полна брзина!
ПЛАН!
Следниот пат кога ќе ми дојде да пренесам некој трач, ќе ․․․․․
Ако некој каже лоши работи за мене, тоа ќе го решам така што ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Кога е во ред да зборуваш за работи што се однесуваат на некој друг?
● Дали некогаш си бил предмет на оговарање, и ако си бил, што научи од тоа?
● Како тоа што ќе ги оговараш другите може да ја расипе твојата репутација?
[Истакната мисла на страница 107]
››Си ја научив лекцијата кога девојката што ја оговарав наоколу дозна за тоа и дојде кај мене. Немаше бегање! Многу добро научив дека е подобро да бидеш искрен со некого отколку да зборуваш за него зад грб!‹‹ (Пола)
[Слика на страница 108]
Оговарањето е како опасно оружје кое може да му го уништи добриот глас на другиот