Поглавје 4
Зошто мама и тато се разведоа?
„Бев дома со мајка ми кога тато нѐ остави. Имав само шест години, и не ми беше јасно што се случува. Гледав ТВ седната на подот, но можев да ја чујам мајка ми како плаче и го моли татко ми да не си оди. Тој се симна со еден куфер, клекна до мене, ме бакна и ми рече: ‚Тато секогаш ќе те сака‘. И потоа си замина. Долго време не го видов. Оттогаш, живеев во страв да не си замине и мама“ (Елена, 19)
КОГА родителите ќе се разведат, може да ти се чини дека дошол крај на светот, како над тебе засекогаш да се надвиснале темни облаци. Разводот честопати буди чувства на срам, гнев, загриженост, вина, депресија, длабока загуба и страв да не бидеш напуштен, па дури и желба за одмазда.
Ако твоите родители се развеле неодамна, можеби и ти се бориш со слични чувства. Тоа е разбирливо, затоа што намерата на нашиот Творец била и таткото и мајката да ги воспитуваат децата (Ефешаните 6:1-3). Сега ти е одземена можноста секој ден да бидеш со својот родител со кого можеби посебно си приврзан. „Многу го почитував татко ми и сакав да бидам со него“, вели Даниел, чии родители се развеле кога тој имал седум години. „Но, мајка ми доби старателство над нас.“
Зошто родителите се разделуваат
Честопати, за децата е вистински шок кога родителите ќе се разделат, затоа што добро ги криеле своите проблеми. Рејчел имала 15 години кога нејзините родители се развеле. Таа вели: „Не ми се веруваше! Јас бев убедена дека се сакаат“. Дури и ако меѓу родителите има расправии, разделбата може да дојде како гром од ведро небо!
Во многу случаи, причина за развод е тоа што едниот родител го изневерил другиот. Во такви околности, Бог дозволува изневерениот брачен другар да побара развод и да биде слободен повторно да стапи во брак (Матеј 19:9). Во други случаи, ,гневот, викањето и навредливиот говор‘ воделе до насилство, поради што едниот родител е загрижен за својата физичка состојба и за состојбата на децата (Ефешаните 4:31).
Факт е дека некои брачни парови се разведуваат и од помалку оправдани причини. Наместо да се потрудат да си ги средат проблемите, некои се разведуваат од себичност, тврдејќи дека се „несреќни“ или дека „повеќе не го сакаат својот партнер“. Ова не му се допаѓа на Бог, кој ,го мрази разводот‘ од такви причини (Малахија 2:16). А од зборовите на Исус се гледа и дека некои семејства може да се распаднат кога едниот брачен другар ќе стане христијанин (Матеј 10:34-36).
Како и да е, ако твоите родители одлучиле да не ти кажуваат ништо или да ти дадат само неодредени одговори во врска со нивниот развод, не значи дека не те сакаат. Потонати во својата сопствена болка, можеби едноставно им е тешко да зборуваат за разводот (Изреки 24:10). Освен тоа, можеби им е непријатно или срам да си ги признаат своите грешки.
Што можеш да направиш
Утврди што те плаши. Бидејќи разводот може од темел да ти го смени животот, можеби ќе почнеш да се секираш за работи што претходно си ги сфаќал здраво за готово. Сепак, би можел да ги ставиш под контрола своите стравови ако најпрво утврдиш што те плаши. Стави ✔ до она што најмногу те плаши или допиши под „Друго“.
□ Ќе ме остави и другиот родител
□ Нема да имаме доволно пари за да опстанеме
□ Јас сум виновен за разводот
□ Ако стапам во брак, и мојот брак ќе се распадне
□ Друго ․․․․․
Зборувај за она што те загрижува. Цар Соломон рекол дека има „време за зборување“ (Проповедник 3:7). Затоа, пробај да го погодиш исправниот момент да зборуваш со своите родители за стравовите што ги обележа погоре. Кажи им колку си тажен или збунет. Можеби ќе ти објаснат што се случува и ќе те смират малку. Ако во тој момент родителите не се спремни или не можат да ти ја дадат поддршката што ти е потребна, би можел да му се довериш на некој зрел пријател. Не чекај тој да ти пријде — ти појди кај него. Самото тоа што некој ќе те ислуша може многу да ти олесни (Изреки 17:17).
Што е најважно, твојот небесен Татко е секогаш спремен да те сослуша, зашто Јехова е „тој што ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Излеј му го срцето, „зашто тој се грижи за [тебе]“ (1. Петрово 5:7).
Што да не правиш
Не држи лутина. „Моите беа себични“, вели Даниел, кого веќе го спомнавме. „Не мислеа на нас и како влијае врз нас тоа што го направија.“ Чувствата на Даниел се нормални, а можеби и оправдани. Но, како би одговорил ти на следниве прашања? Запиши ги своите одговори на линиите.
Какви би биле последиците за Даниел ако не престане да се лути и ако не ја отфрли огорченоста? (Прочитај Изреки 29:22.) ․․․․․
Иако не е лесно, зошто би било добро Даниел да се обиде да им прости на родителите за болката што му ја нанеле? (Прочитај Ефешаните 4:31, 32.) ․․․․․
На кој начин фактот изнесен во Римјаните 3:23 може да му помогне на Даниел да гледа реалистично на своите родители? ․․․․․
Немој сам да си штетиш. „Кога мајка ми и татко ми се разведоа, бев несреќен и потиштен“, раскажува Дени. „Имав проблеми со учењето и повторував една година. Потоа... почнав да правам многу глупости на училиште и учествував во многу тепачки.“
Што мислиш, што сакал да постигне Дени со глупостите што ги правел на училиште? ․․․․․
Зошто можеби учествувал во тепачки? ․․․․․
Ако ти доаѓа да ги казниш родителите со тоа што ќе се однесуваш лошо, како начелото од Галатите 6:7 би можело да ти помогне исправно да гледаш на работите? ․․․․․
Што да очекуваш во иднина
За потполно да заздрави една повреда, на пример, скршеница, потребни се седмици па дури и месеци. Слично на тоа, и за емоционалните болки е потребно време да се залечат. Некои стручњаци сметаат дека најтешки се првите три години по разводот. Можеби тоа ти изгледа како долго време, но имај на ум дека многу работи треба да се случат пред животот да ти се врати во нормала.
Како прво, дома мора повторно да си го воспоставите редот, кој бил нарушен со разводот. Освен тоа, мора да помине време за твоите родители емоционално да закрепнат. Дури тогаш веројатно ќе можат да ти ја дадат поддршката што ти е потребна. Меѓутоа, кога животот ќе почне да ти се враќа во колосек, повторно ќе се чувствуваш нормално.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 25
Вознемирен си затоа што твојот родител повторно стапи во брак? Како да ја прифатиш новата ситуација?
КЛУЧЕН СТИХ
„Има... време за лекување“ (Проповедник 3:1, 3)
ПРЕДЛОГ
Ако твоите родители се разведени, еден од нив, а најверојатно и двајцата, направиле некои грешки. Размисли кои се тие грешки за да не ги повториш ако еден ден ти стапиш во брак (Изреки 27:12).
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Ако бракот на твоите родители се распаднал, тоа не значи дека ти не можеш да имаш среќен брак.
ПЛАН!
За она што ме вознемирува можам да му кажам на (напиши го името на некоја зрела личност со која би сакал да зборуваш) ․․․․․
Ако ми дојде да ги казнам родителите со тоа што ќе се однесувам лошо, би можел да се контролирам ако го направам ова: ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто можеби твоите родители не сакаат да зборуваат со тебе за разводот?
● Зошто е важно да запамтиш дека разводот е несогласување помеѓу твоите родители, а не помеѓу нив и тебе?
[Истакната мисла на страница 32]
„Кога си замина мајка ми, паднав во депресија и плачев секој ден. Но, често се молев, бев зафатена помагајќи им на другите и останав блиска со некои зрели пријатели. Мислам дека на тој начин Јехова Бог ми помогна да го пребродам тој период“ (Натали)
[Слика на страница 33]
Разводот на родителите е како скршеница — боли додека да зарасне, но на крајот ќе помине