Писмо од Водечкото тело
Драг објавителе на добрата вест,
За сите нас е огромна чест тоа што можеме обединето да му служиме на единствениот вистински Бог, Јехова! Ние сме „Божји соработници“ затоа што тој ни дал задача да учествуваме во едно свето дело со кое се спасуваат животи — да проповедаме и да поучуваме за добрата вест за Царството (1. Кор. 3:9; Мат. 28:19, 20). За да го вршиме ова меѓународно дело во мир и единство, мора да бидеме добро организирани (1. Кор. 14:40).
Оваа книга ќе ти помогне да разбереш како функционира христијанското собрание денес. Во неа се зборува за задачите и одговорностите што ги имаме како Јеховини сведоци. Ако ги цениме своите задачи и ако спремно ги извршуваме, ќе се зацврстиме во верата (Дела 16:4, 5; Гал. 6:5).
Затоа, те поттикнуваме внимателно да ја проучиш. Размислувај на кои начини можеш да ги примениш во својот живот информациите изнесени во неа. На пример, ако неодамна си станал некрстен објавител, кои чекори треба да ги преземеш за да се крстиш како Јеховин сведок? Или, ако веќе си крстен, што треба да направиш за да растеш во духовен поглед и да ја зголемиш својата служба за Јехова? (1. Тим. 4:15). Како можеш да придонесеш во собранието да владее мир? (2. Кор. 13:11). Оваа книга ќе ти помогне да ги дознаеш одговорите на овие прашања.
Ако си крстен брат, како можеш да ги исполниш условите да служиш како слуга-помошник, а потоа и како старешина? Бидејќи илјадници нови лица стануваат дел од Божјата организација, има голема потреба од браќа кои ќе ги исполнат условите да преземат водство. Во оваа книга ќе видиш како можеш да ги оствариш овие духовни цели (1. Тим. 3:1).
Сесрдно се молиме оваа книга да ти помогне да сфатиш кое е твоето место во Јеховината организација и да го цениш. Многу те сакаме и се молиме и ти да бидеш меѓу оние кои радосно ќе му служат на нашиот небесен Татко, Јехова, во сета вечност (Пс. 37:10, 11; Иса. 65:21-25).
Твоите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци