Чистиот јазик го обединува големото множество обожаватели
ОД БОГ дадениот чист јазик е силата на христијанското единство. Доказот за тоа беше очигледен за сите кои го посетија конгресот на Јеховините сведоци што беше одржан во Западен Берлин од вторник до петок, 24. до 27. јули 1990, кога беа присутни Сведоци од 64 различни земји.
Кога во текот на летото 1989 во Полска се одржуваа Обласните конгреси под мотото ”Оддаденост на Бог“, илјадници делегати дојдоа од Русија и Чехословачка, а само неколку стотини од Источна Германија. Колку се измени светската политичка ситуација од тогаш! Во таа пригода, на Олимпија Стадион, со Сведоците се сретнаа околу 30 000 делегати од Источна Германија. Конгресот беше карактеристичен како и стотиците други што се одржаа во другите делови од светот, воглавно од четврток до недела.
Во своите зборови на добредојде во вторникот, претседавачот се осврна на улогата што ја одиграле конгресите од 1919. во помагањето на Јеховините сведоци да напредуваат во говорењето на чистиот јазик. Овој конгрес исто така ќе им помогне на сите присутни да ја подобрат својата способност за говорење на чистиот јазик и да живеат во склад со него. Ги потсети делегатите дека со самиот надворешен изглед и однесување, Јеховиниот народ покажува видлив напредок што го направиле во говорењето на чистиот јазик.
”Чист јазик за сите народи“
Во клучното предавање беше прикладно особено да се истакне мотото на конгресот. Тоа се темелеше на Софонија 3:9, каде Бог ветил: ”Тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за да сите го привикуваат Јеховиното име и му служат рамо до рамо.“ Чистиот јазик го вклучува правилното разбирање и ценење на вистината за Бог и неговите намери. Тоа може да го обезбеди само Јехова со посредство на својот свет дух. Љубовта кон вистината мора да биде мотивација за учење на чистиот јазик, кој е чист од секаква морална нечистотија.
Освен тоа, говорењето на чистиот јазик не значи само употреба на одреден вокабулар (речник). Напротив, нашиот начин на живот мора да биде во склад со она што доаѓа од усните. Всушност, нашиот тон на гласот, изразот на лицето и гестите исто така се важни бидејќи ја одразуваат нашата внатрешност. За да држиме чекор со чистиот јазик кој се шири, мораме доследно да се држиме на планот за проучување и редовно да ги посетуваме сите собраниски состаноци.
Да се учи чистиот јазик
Како што истакна предавањето во вторникот попладне, да се учи чистиот јазик значи ”Да се напредува од основните работи кон зрелост“. Растењето е битно ако сакаме и понатаму да се развиваме духовно. Тоа значи да извлекуваме корист од сите подготовки за духовен напредок и секојдневно да ги применуваме библиските начела.
За да станеме вешти во говорењето на чистиот јазик, мораме да бидеме ”Поучени од Јехова“, беше насловот на серијата предавања в четврток претпладне. Првиот говорник образложи како можеме да бидеме тоа ”По примерот на Исус“. Дека Исус бил научен од Јехова било видливо од неговите зборови и дела. Затоа сакаме да го имитираме неговиот начин на поучување. Бидејќи Исус секогаш се покорувал на волјата на својот Татко, мораме и ние да го правиме тоа.
Следните тројца говорници прикажаа како Јехова поучува и преку состаноците и големите собири. За наша корист се сите пет собраниски состаноци и не би смееле да занемариме ниту еден од нив. Секој состанок е важен за нашиот духовен напредок. Јехова исто така нѐ поучува преку програмите на покраинскиот состанок, обласниот конгрес и денот на посебниот состанок. На сите нив мораме внимателно да слушаме за да извлечеме полна корист, а наученото подоцна да го примениме во пракса.
После циклусот предавања уследи предавањето ”Да се жртвуваме за личната студија“. За да најдеме време за тоа, мораме да внимаваме на советот од Ефесјаните 5:15, 16 за да не го трошиме времето на помалку важните работи.
Логична цел на нашето учење на чистиот јазик е преданието и крштението. Тоа беше истакнато во предавањето ”Крштението на оние кои го учат чистиот јазик“. Тој јазик многумина води кон предание и крштение. Меѓутоа, поединецот мора после тоа и понатаму да го следи Исусовиот пример така што ревно ќе ја проповеда добрата вест, да ја облекува новата личност и да се држи одделен од светот.
Јака духовна храна
Присутните на конгресот исто така беа одушевени што примија јака духовна храна темелена на исполнувањето на пророчките драми. Во четврток попладне двете предавања се темелеа на материјата земена од Езекиеловото пророштво. Во првото, под наслов ”Јеховината небеска кола е во движење“, опишано е величественото, славно небеско возило кое влева стравопочитување и кое се движи со молскавична брзина. Тоа ја претставува Јеховината небеска организација што ја вози Бог, на тој начин што љубезно управува со секое нејзино движење, користејќи ја за извршување на своите намери. Езекиел го претставува со дух помазаниот остаток, особено од 1919. година па наваму. Посебно од 1935, ним им се придружило ”големото множество“ (Откровение 7:9).
Насловот на следното предавање беше ”Да се држи чекор со Јеховината видлива организација“. Нема сомнение дека Божјата видлива организација држи чекор со неговата небеска организација слична на кола. Како Езекиел, и Јеховините слуги денес мораат послушно да ја извршуваат својата пророчка одредба и покрај рамнодушноста, исмејувањата или дури противењата. Таквото држење чекор води до многу благослови сега, и вечен живот во Божјиот нов свет кој брзо се приближува.
Во петокот претпладне, јаката духовна храна исто така беше обезбедена преку три предавања кои се темелеа на 28. поглавје од Исаија. Во првото со силни зборови е образложено дека духовните пијаници од древниот Израел и Јуда ги претставуваат духовните пијаници на т. н. христијанство. Како што тие некогашни пијаници ги искусиле Јеховините неповолни осуди, така ќе ги искусат и овие од таканареченото христијанство.
Предавањето кое следуваше, под наслов ”Нивното прибежиште е лагата!“, го содржеше сериозното предупредување: Како што довербата на древната Јуда во Египет се покажала залудно прибежиште, така ќе биде и сојузот на таканареченото христијанство со политичките сили во денешно време. Третото предавање на темел на 28-то поглавје од Исаија, ”И понатаму предупредувај на Јеховиното необично дело“, упатено е до Божјиот народ. Она што Јехова ќе му го стори на т. н. христијанство, со право е наречено необично, зашто тоа ќе дојде како потполно изненадување за нив. Јехова денес е круна на славата за малата група помазани христијани и за повеќе од четири милиони ”други овци‘ (Јован 10:16). Говорникот заврши со поттикнувачките зборови: ”Нека нашата ревност, одлучност и лојалност придонесат за вечната слава на нашиот Бог, Јехова!“
Да се говори чистиот јазик значи да се покажува братска љубов
Во средата попладне на конгресот беше јасно предочено дека да се говори чистиот јазик исто така значи ’Да се грижиме за сираците и вдовиците во нивните неволји‘. На децата без татко може лично да им се помага во нивното одгледување. Можеме да се грижиме за вдовиците со љубезни зборови на охрабрување, ако ги вклучуваме во нашите христијански активности и заеднички дружења, и помагајќи им материјално ако заслужуваат и ако навистина им е потребна помош. Во интервјуата беше прикажано како е можно да се спроведе тоа во пракса.
Во четвртокот попладне, во уште едно трогателно предавање беше прикажано ”Како христијаните се грижат едни за други“. Јеховините сведоци уживаат добар глас дека се грижат едни за други, особено кога се погодени од катастрофи како што се урагани и земјотреси, кога е потребно да им се пишува на службените лица или кога постојат месни потреби. Но, кога се јават тешкотии заради човечка несовршеност, треба да ги примениме начелата кои се содржани во Исусовиот совет во Матеј 5:23, 24 и 18:15-17. Особено кога дојде до деловни договори меѓу браќата, потребно е обострано почитување и покажување грижа, така што ни работодавачот ни работникот да не ја користат себично предноста од духовната врска.
Да се говори чистиот јазик значи да внимаваме на нашето однесување
Неколку пати беше истакната потребата да внимаваме на нашето однесување. Така првиот говорник во вторникот попладне говореше на тема ”Да се слуша и држи Божјата реч“. Тој објасни дека конгресите ги посетуваме од две важни причини: да примиме точно спознание и да бидеме мотивирани да дејствуваме во склад со него.
Во првото предавање во среда претпладне беше упатено продорното прашање: ”Христос ’го мразел беззаконието‘ — Дали го мразиш и ти?“. Не е доволно да се љуби праведноста. Мораме исто така и да го мразиме беззаконието и да имаме добра совест, да одржуваме добар однос со Јехова, да избегнуваме да нанесуваме срамота на неговото име и да избегнуваме да ги жнееме плодовите на беззаконието — корупција и смрт.
Блиску поврзано со таа тема беше следното предавање под наслов: ”Отфрли ги светските мечтаења, тежнеј по стварностите на Царството“. Сатана, Ева и паднатите ангели, сите тие во своето одвојување тежнееле по мечтаења. Светските мечтаења кои се состојат од материјалистичките сништа или од такви кои се бават со недопуштени работи, се претвораат во груба реалност па дури и во тежок грев. За да ги спречиме тие мечтаења, мораме да тежнееме по стварностите на Царството преку проучување, молитва, посетување на состаноците и јавната служба на проповедање.
За да нашето христијанско живеење биде правилно, исто така мораме да внимаваме на советот кој беше упатен во четвртокот попладне во предавањето ”Христијани — живејте во границите на своите финансиски можности“. Ако се пропушти тоа, би можело да предизвика штетни последици, како телесни така и духовни. Патот на мудроста е да се спречат мечтаењата така што да не се запаѓа во непотребни долгови, и да се планира реалистичен куќен буџет, а потоа да се придржуваме на тоа. Треба секогаш да развиваме оддаденост на Бог. Заедно со личното задоволство, тоа е средство на голема добивка (1. Тимотеј 6:6-8).
Колку е важно да внимаваме со кого се дружиме, беше истакнато во говорот во вторникот ”Дали твоите пријатели се Јеховини пријатели?“. Наши пријатели треба да бидат христијани кои облекле личност слична на Христовата и кои се ревни во делото на проповедање. Светските познаници не се пријатели на Бог, и не можеме да се дружиме со нив а притоа да не си наштетиме. Дури и во собранието мораме да бидеме избирливи ако сакаме нашето друштво да биде навистина изградувачко.
Претходните совети во врска со однесувањето живописно беа нагласени во современата драма. Нејзиниот наслов беше ”Како да излеземе на крај со лукавствата на Ѓаволот“.
Совет на чистиот јазик за семејствата
Од голема потреба беше предавањето во вторник ”Родители — исполнувајте ги своите обврски!“. Родителите сами мораат да ја спознаат Божјата волја и да ја вршат најдобро што можат. Исто така мораат да ја всадуваат Речта Божја во своите деца. Покрај тоа, не е доволно само да се водат децата на христијанските состаноци и да се поведат во службата на проповедање. Тие мораат да бидат научени да го љубат Јехова и да ја сфатат практичната мудрост од вршењето на богудопадливите дела.
Потоа уследи циклусот предавања: ”Семејството денес“. Првиот говорник образложи дека семејството потекнува од Бог. Татковците мораат добро да комуницираат што се однесува до духовните работи. Мајките мораат да бидат добри домаќинки, а децата морат да покажуваат почитување кон Јехова соработувајќи со своите родители.
Следниот говорник објасни на кој начин семејството е ”Загрозено од сите страни“. Економските притисоци го земаат својот данок. Работните места обилуваат со искушенија да се стори грев, а понудите во јавните медиуми се полни со насилство, недозволен секс, и апелира на материјализам. Со подучувањето мора да се започне рано, а потребен е голем труд за да се надвладеат светските влијанија. Теократските орудија што ги пружило Друштвото на Стражарска кула мораат добро да се употребат.
Во следното предавање, во кое се говореше за семејството кое е ’Сочувано за новиот свет‘, повторно беше нагласена сериозната одговорност што ја имаат родителите. Децата мораат да бидат поучувани со најголема сериозност. Беше пружен прекрасен совет во врска со семејната студија и што да се проучува, а сето тоа со намера да се достигнат срцата на децата. Само тогаш родителите и децата можат да се надеваат дека како семејство ќе бидат сочувани за новиот свет.
Прекрасен совет за семејните прилики во кои се наоѓаат многу Сведоци пружи предавањето ”Во разделен дом“. Оние кои живеат во такви околности добија совет никогаш да не губат надеж дека неверникот еден ден би можел да стане верник. Поминувај време со брачниот другар кој не е во верата и увери се дали го задоволуваш сето она што се бара од христијанскиот партнер. Можеш да добиеш помош од старешините или можеби од другите кои живеат во разделени домови.
Да им се говори чистиот јазик на другите
Беше многу прикладно што големо внимание му беше посветено на нашето користење на поволните прилики да ги учиме другите на чистиот јазик. Така во средата претпладне присутните на конгресот го чуја предавањето ”Мудро користи го своето скапоцено време“. За да го правиме тоа, мораме да поставиме приоритети, држејќи се за советот од Матеј 6:33, кој гласи: ”Затоа, барајте го најпрвин царството и неговата праведност“. Тоа вклучува да си одвоиме време за лична библиска студија, посетување на сите состаноци и редовност во службата на проповедање. За тоа е потребно да го откупиме времето од помалку важните активности, иако ни пружаат задоволство. Во неколку интервјуа беше прикажано како некои го прават тоа.
Никогаш не смееме да заборавиме дека сме Јеховини сведоци. Во четвртокот попладне, неколку прикази јасно ја прикажаа таа мисла под темата ”Да се говори чистиот јазик во секоја пригода“. Во тие прикази беше прикажано како може да се прави тоа при сведочење на улица, при неформално сведочење и со употреба на телефон. Несебичната љубов спрема Јехова Бог и нашите блиски ќе нѐ поттикне во секоја прилика да го говориме чистиот јазик.
Блиско поврзано со таа тема беше и следното предавање, ”Благослови за оние кои не се изговараат“. Во очигледна спротивност со т. н. христијанство стои организацијата на Јеховините сведоци која поучува ширум светот. Ние мораме поединечно да им одолеваме на сите притисоци, како што се противењето од страна на властите, распространетата рамнодушност и економските проблеми. Во приказите кои се темелеа на книгата Расудување на темел на Писмото, беше покажано како можат да се надвладеат тие притисоци.
На ревно проповедање исто така охрабри и библиската драма ”Ревносно да ја извршуваме Божјата волја“. Во неа беше прикажано како ревниот Јехув настапувал за Јеховиното име и колку е важно за нас да покажуваме слична храброст и ревност за Божјето дело.
Објавување на нови публикации на конгресот
Во текот на конгресот беа објавени две истакнати изданија на англиски и германски. Првата публикација беше претставена во врска со предавањето под наслов ”Да го спасиме животот со крв — Како?“. Говорникот најпрво говореше за ризиците поврзани со трансфузијата на крв. Истакнато е дека постојат многу алтернативи за крвта кои служат како замена за нејзиниот губиток. Но Јеховините сведоци се воздржуваат од крв не затоа што тоа е нездраво, туку затоа што примањето на крв е несвето. Се воздржуваат не затоа што крвта можеби е заразена, туку затоа што таа е драгоцена за Бог. Крвта која навистина е животоспасувачка е откупната крв на Исус Христос. На крајот говорникот ги израдува слушателите со покажувањето на брошурата од 32 страници Како може крвта да ти го спаси животот?
Второто вредно издание излезе во врска со говорот ”Барајте го Јехова“: Гледано во целост, луѓето не го бараат Бога. Постоењето на многуте различни религии докажува како човекот во потрагата по Бог бил заведен затоа што ја игнорирал Божјата Реч. Како што е видливо од нашите извештаи од Спомен-свеченоста секоја година, на милиони луѓе им е потребна помош да застанат на страната на Јехова. Исаија 55:6, 7 покажува дека Јехова навистина е полн со љубов и е милосрден Бог, спремен ’великодушно да простува‘. Како на негови Сведоци, доверен ни е чист јазик така да можеме да им помогнеме на другите да се радуваат со нас во служењето на Јехова рамо до рамо.
Јеховиниот народ денес е соочен со предизвикот на масовно движење на населението. Последица од тоа е што на нашите подрачја можат да се најдат луѓе од секоја вера. За да можеме да им помогнеме на Хиндусите, будистите, шинтоистите и многу други од останатите религии, Друштвото се погрижи за книга од 384 страници, под наслов Човештвото во потрага по Бог. Таа авторитетно ги претставува науките на главните религии вон т. н. христијанство. Но, исто така го испитува потеклото на лажното верување внатре во т. н. христијанство. Оваа книга може да го отвори патот да започнеме библиски студии со луѓе од секоја вера.
Јавно предавање и заклучни коментари
Насловот на јавното предавање во петок гласеше: ”Обединети со помош на чистиот јазик“. Говорникот образложи дека иако трите илјади различни јазици денес дејствуваат како бариера за единството, чистиот јазик е моќна обединувачка сила. Тој ги штити Јеховините сведоци од вавилонските збрки, ги поучува да ја почитуваат светоста на животот и крвта, и им помага да живеат по библиските темелни начела кои им користат како духовно, така и телесно. Сите би требало да бидат заинтересирани за учење и говорење на чистиот јазик, бидејќи само оние кои го прават тоа ќе го преживеат Армагедон. Не е време да го игнорираме советот од Софонија 2:1-3.
После многуте прекрасни совети од Писмото, кои беа потребни во врска со говорот ”Бидете будни во поглед на молитвата“, уследија заклучни напомени на тема ”Да одиме во склад со чистиот јазик“. Бројот на оние кои сега одат во склад со чистиот јазик навистина е сѐ поголем. Оние кои со својата чистота, уредност и во склад со организациските подготовки присуствувале на тие конгреси, покажале лично почитување спрема чистиот јазик. Новите изданија ќе им помогнат на сите Јеховини сведоци уште поделотворно да го шират чистиот јазик.
Последниот говорник на конгресот ги потсети сите присутни на потребата да бидат истрајни. Укажа дека после тој конгрес сите би морале да бидат зајакнати во својата одлучност и понатаму да напредуваат. Потоа заклучи со следните зборови: ”И понатаму да продолжиме да одиме во склад со чистиот јазик даден од Бог за да можеме да го прославиме нашиот љубезен небески Татко, Јехова Бог, сега и засекогаш!“
[Рамка на страница 26]
Највисокиот број присутни на конгресот во Западен Берлин беше 44 532, а се крстија 1018. На кандидатите за крштение им требаа 19 минути во колона еден по еден да излезат на Олимпија Стадион, и за време одекнуваше непрекиден аплауз. Делегатите кои говореа англиски се наоѓаа во посебна секција. Околу 6 000 од нив програмата ја слушаа на свој јазик. На конгресот исто така присуствуваа 4 500 делегати од Полска; во текот на двата попладневни часа, членовите на Водечкото тело одржаа за нив кратки говори.
[Слики на страници 24 и 25]
1. Стадионот Олимпија, Западен Берлин
2. Печатена конгресна програма
3. Двесте автобуси ги довезоа делегатите од Источна Германија
4. Присутните полски делегати беа среќни што добија нови изданија
5. Сцената блескаше од цветните аранжмани
6. А. Д. Шредер, еден од членовите на Водечкото тело, на програмата во Западен Берлин