Криминал во хаотичен свет
КРИМИНАЛОТ не е современ феномен. Првото убиство се случило пред илјадници години кога Каин го убил својот брат Авел. Силување и содомија се споменати во древните хебрејски Списи (1. Мојсеева 3:8; 19:4, 5; 34:1-4). Луѓето биле напаѓани во првиот век од нашата ера, како што покажува параболата за добриот Самарјанин (Лука 10:29-37). Меѓутоа, денес има разлика.
Луѓето во многу главни градови во светот, било да е тоа Њујорк, Лондон, Калкута или Богота, мислат дека криминалот сѐ повеќе преовладува и загрозува. Еден извештај од списанието India Today во извештајот под наслов ”Култ на анархија“ наведува: ”Воздигнувањето на насилството, дрската недисциплинираност и беззаконието до култ, претставуваат вознемирувачки развој кој се заканува да го раскине на парчиња слабиот морал и општествената структура кои ја сврзуваат земјата“. Во својата борба против криминалот, дури и полицајците понекогаш паѓаат во искушение да ги преминат границите на примената на законот и сами да употребат криминални методи. Претходниот извештај од Индија наведува: ”Убиствата во самоодбрана од страна на полицијата и понатаму се актуелни во вестите“. А исто така е и во другите земји.
Шансите да се биде жртва на криминал се чини дека стануваат сѐ поголеми. Еден извештај од САД вели дека ”во 1988 секое четврто американско домаќинство било погодено со злосторство на насилство или кражба“. Освен тоа, луѓето денес извршуваат насилнички криминал на помлада возраст. Латино-американското списание Visión наведува дека ”девет од секои десет сикариоси [платени убијци] се малолетници. [Тие се] ’деца‘ во генетска смисла и се под законска заштита“. Значи, вршењето на насилнички злосторства од страна на малолетници е светски тренд.
Пред скоро 2 000 години Библијата прорекла: ”Но ова знај го, дека во последните денови ќе настанат тешки денови со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат самољубиви, љубители на парите, (. . .) нелојални, без природни склоности, (. . .) без самосовладување, брутални, без љубов спрема доброто, издајници, лекомислени, надуени од гордост (. . .) Злобните луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо, заведувајќи други и самите себеси“ (2. Тимотеј 3:1-4, 13, NW).
Од 1914 постојат изобилни докази дека живееме во тие последни денови. Светот, кој претрпел две светски војни и други поголеми конфликти, на многу начини станал разуздан, хаотичен. Криминалот зема замав. Во многу градски подрачја криминалците ја презеле власта, менувајќи го начинот на живеење на мнозинството кое го почитува законот. Како што изјавил еден истакнат американски сенатор: ”Денес постојат толку многу работи за кои треба да се грижиме, и тоа работи од кои никогаш не сме се плашеле. Понекогаш толку сме уплашени што стануваме затвореници, додека оние кои би требало да бидат затворени, слободно шетаат“.
Како резултат од тоа, луѓето денес преземаат мерки на претпазливост кои биле непотребни пред 20 или 30 години. Вратите имаат две или три брави и се зацврстени со челик. Во многу места луѓето носат доволно пари да ги задоволат уличните напаѓачи, за не бидат претепани затоа што немаат ништо да им дадат на крадците. Многу улици се скоро пусти по заоѓање на сонцето; по нив се движат само наивните, лудо смелите и оние кои по сила на околностите се тука — лесна цел за ограбувачите кои талкаат нив градската џунгла.
Што можеме да сториме за да избегнеме да бидеме жртви на криминалот во овој хаотичен и анархичен свет? Како можеме да излеземе на крај?