’Да се живее со Јеховиниот ден цврсто во мислите‘
РАСКАЖАЛ ЛИЛ РИШ
ОТКАКО знам за себе, моето семејство се сосредоточуваше на силното верување во идниот нов свет на праведноста. Мајка ми и татко ми нам децата ни читаа од Библијата за ’новото небо и новата земја‘ и за ’кравата и мечката кои заедно пасат, за лавот кој јаде слама како бик, дури и за малото детенце кое ќе им биде водач‘. Тоа го правеа толку реално, што си замислував дека јас сум тоа мало детенце (2. Петрово 3:11-13; Исаија 11:6-9, NW).
Во 1890-тите години дедо ми, Август Риш, ги запозна темелните библиски вистини преку допишување со Чарлс Т. Расел. Тој обемно проповедаше во својот дом и во околината, во северозападната канадска покраина Саскачивен, денес Јорктон. Секогаш одново ги советуваше своите синови: ”Момци, внимавајте на 1914!“ Уверувањето дека Јеховиниот ден е близу го обзеде татко ми со чувство за итност кое се провлекуваше низ неговиот живот, а тоа беше и за мене животен пат.
Мајка ми и татко ми беа жив пример за гостољубивост. Библиската група за проучување од Саскатун, (Саскачивен), Црква на Истражувачите на Библијата, редовно се состануваше во нашиот дом. Патувачките слуги (наречени патници) често остануваа во нашата куќа. Мојот брат, Верн, сестра ми Вера и јас извлекувавме од тоа духовна корист. Секогаш постоеше чувство на реалност за веста за Царството и за итната потреба да им се зборува на другите за тоа (Матеј 24:14). Тогаш не можев ниту да претпоставам дека во иднина најголемиот дел од својот живот ќе го поминам продолжувајќи го делото на тие патници, како патувачки надгледник на Јеховините сведоци.
Во 1927 татко ми го пресели нашето семејство во Беркли, (Калифорнија). Потоа, во текот на големата финансиска криза во 1933, дипломирав на виша школа. Брат ми Верн и јас се сметавме за среќници кога добивме работа во фабриката Ford Motor Company во Ричмонд (Калифорнија). Меѓутоа, еден ден во пролетта 1935, размислував: ”Ако морам да работам напорно, можам исто така да работам напорно и за она што се исплаќа.“ Тој ден ја напуштив работата и напишав молба да служам во Бетелот, во светската централа во Бруклин, Њујорк. После присуствувањето на возбудливиот конгрес во Вашингтон (Д. К.), во јуни 1935, бев примен да служам во Бетелот.
Служба во Бетелот
Натан Нор, управникот на печатницата, ме постави да работам на одржување на зградата. Бев сам на таа работа. Како 20-годишен самец, се чувствував многу важно. Можев слободно да се движам во секој дел од печатницата и никој да не ме праша што работам. Братот Нор го ценеше начинот на кој ја извршував работата, но го забележа проблемот во моето држење. Настојуваше да влијае на мене за да развијам извесна мера на понизност.
Меѓутоа, помина некое време пред да сфатам дека братот Нор всушност се обидува да ми помогне. Затоа се извинив за своето држење и изразив одлучност да се подобрам. Тоа беше почеток на долгиот, срдечен однос со братот Нор, кој во јануари 1942 стана трет претседател на Друштвото Стражарска кула.
Освен што работев на одржувањето, научив да ракувам со повеќето машини во книговезницата или да им помагам на оние кои работеа таму. Повремено извршував канцелариски работи, пополнувајќи и испраќајќи налози за работа во печатницата. Пролетта и летото 1943 беа посебно исполнето и возбудливо време. Светот беше среде Втората светска војна, а Јеховините сведоци поднесуваа застрашување, апсење и судски казни од сите видови на неправедни обвиненија. Во 1940, Врховниот суд на САД одлучи училиштата да можат да бараат од учениците да го поздравуваат знамето. Тоа предизвика бран на насилство во 44 од 48-те тогаш постоечки држави. Децата на Сведоците беа исфрлувани од училиштата, родителите апсени, а толпите од луѓе ги протеруваа Сведоците од градот. Поединци беа стрелани, додека други беа полиени со катран и исполепени со перја.
Додека Јеховините сведоци се бореа на судовите, цели томови од пишувани налози издадени од судот, документи кои ги приложуваа адвокатите пред излегување на суд и документи кои ги издаваше законското тело на Друштвото минуваа преку мојата маса за да бидат печатени. Сите поминавме многу часови прекувремена работа за да ги стигнеме роковите. Како резултат, налозите од Врховниот суд од мај и јуни 1943 — кога 12 од 13 случаи беа решени во корист на Јеховините сведоци — станаа дел од историските законски белешки. Благодарен сум што од прва рака набљудував како Јехова го отвораше патот на одбрана и законско утврдување на добрата вест (Филипјаните 1:7).
Теократската школа на проповедање
Во тоа време некако слабо бевме оспособени да го извршиме огромното дело проречено во Матеј 24:14, имено, ’да ја проповедаме добрата вест за Царството по целата земја пред да дојде крајот‘. Братот Нор, како претседател на Друштвото, ја увиде потребата од програма за поучување. Заедно со останатите машки членови на Бетелот, добив покана да се придружам во ’Напредниот курс за теократска служба‘. Тој курс конечно се разви во Теократска школа на проповедање, која од 1943 почна да делува во собранијата на Јеховините сведоци.
Се состанавме во собата за состаноци на бетелската фамилија во понеделникот, на 16. февруари 1943, а братот Нор го изнесе првиот поучен говор. Неговата тема беше ”Библиските списи“. Братот Т. Џ. Саливен беше надгледник на школата кој ни даваше совети за да ни помогне да се подобриме. Со време ми беше доделена задачата на надгледник на бетелската школа, кое го сметав за голема предност. Но, тоа повторно беше време за укорување.
Бев премногу критичен и ми недостасуваше исправно почитување при советувањето на еден постар брат. Затоа братот Нор искрено ми рече: ”Никој не сака кога искажуваш авторитет на непожелен начин.“ Кога јасно ми го објасни проблемот и кога моите уши станаа доволно црвени, големите кафеави очи на братот Нор станаа поблаги. Со пријатен глас го прочита Псалм 141:5: ”Нека ме удри праведникот; тоа ќе биде добро дело: и нека ме укори; тоа ќе биде прекрасно масло, кое нема да ми ја разбие главата“ (King James Version). Тој стих го користев многу пати кога имав одговорност да им дадам правилен совет на другите.
Пред да се започне со Теократската школа на проповедање, нас неколкумина имавме прилика многу да говориме во јавноста. Кога умре брат Ратерфорд, братот Нор напорно работеше за да ја развие неговата говорничка способност. Мојата бетелска соба беше токму под неговиот стан, така што можев да го слушам како ја вежба својата говорничка способност. Буквално десетина пати гласно го читаше јавното предавање ”Мирот — дали ќе потрае?“, пред да го изнесе на конгресот во Кливленд 1942.
На пат
Откако 13 години служев во Бетелот, братот Нор ме одреди да служам на подрачјето како обласен надгледник. Во краткото запознавање со мојата нова задача, тој рече: ”Лил, сега имаш прилика од прва рака да набљудуваш како Јехова постапува со својот народ.“ Со тие зборови во мислите и две торби в раце, го започнав животот на патувачки надгледник на 15. мај 1948. Пред да почнам со обласна служба, неколку месеци служев како покраински надгледник.
Првата група, или собрание, во која служев беше една мало селско собрание во Васека, Минесота. Однапред му пишав на Дик Кејн, слугата на групата (како што тогаш се викаше надгледникот претседавач) да ме пречека кога ќе дојдам со возот. Тој беше специјален пионер кој, за да ги намали трошоците, штотуку се беше преселил од најмената соба, во која зимуваше, во својот летен стан — во шаторот. Меѓутоа, во Миненсота во мај воопшто не е летно време! Таа ноќ, грчејќи се во шаторот, се прашував дали сум природно погоден за таков начин на живот. Заработив тешка настинка која траеше со недели, но и тоа го преживеав.
Во текот на тие рани години, додека посетував разни собранија и покраини, отседнував во домовите на браќата и живеев само со патна торба. Ги искусив сите видови сместување, вклучувајќи и спиење на под во кујната, на кауч во дневната соба, во врелите непроветрени поткровја. Понекогаш отседнував во домовите каде членовите на семејството се противеа на нашето верување. Во Висконсин еден сопруг неверник цела седмица ме гледаше заканувачки кога годе ќе дојдев или заминев. Кога една ноќ дојде пијан дома и кога го чув како се заканува дека ”ќе го прострела тој и тој“, заклучив дека е време да си одам. Но, неугодните искуства беа релативно ретки и само ѝ додаваа призвук на мојата задача. Тие беа нешто во кое едно време дури и се забавував.
Најдов сопатник
Добро се сеќавам. На покраинскиот состанок во Тифин, Охајо, ја запознав убавата млада жена со темни очи, Леона Ерман, од Форт Вејн, Индијана. И таа беше воспитана во христијанската вистина и беше верен пионер повеќе години. Постојаното патување не дозволуваше да се удвараме, но преку допишување одржувавме постојана врска. Тогаш, во 1952, прашав: ”Сакаш ли?“, таа рече: ”Да, сакам!“, и така се венчавме. Често нѐ прашуваа зошто никогаш не му се вративме на нормалниот живот со куќа и семејство, но ние велиме дека имаме семејство — браќа, сестри, татковци и мајки во околу 44 држави кадешто служевме (Марко 10:29, 30).
Некои прашуваа: ”Зарем никогаш не се чувствувавте обесхрабрено?“ Да, повеќе пати. Но кај нас двајцата, ако едниот се чувствува безволно, другиот го подига. Еднаш дури му пишав на својот брат Верн, прашувајќи го за можноста со него да работам на неговата сликарска работа. Тој одговори дека тоа често пати го посакувал бидејќи бевме многу блиски додека растевме. Меѓутоа, ме советуваше внимателно да ја одмерам својата одлука. Тогаш се присетив на зборовите од братот Нор кои често им ги повторуваше на членовите на бетелската фамилија: ”Не е потребно многу напор да се престане; потребна е храброст и беспрекорност да истраете во својата задача.“ Тоа сѐ уште беше добар совет.
Ниту еден оженет патувачки надгледник не може да истрае во својата задача без сопруга која е оддадена и која пружа поддршка, како што се покажа Леона кон мене. Нејзината срдечна, љубезна личност и нејзиниот секогаш ведар став во собранијата ја направија драга на илјадници. Никогаш не сум уморен да ѝ кажам колку ја сакам. Тоа и нејзе, уверен сум, ѝ помага да истрае во својата работа.
Сведок на Јеховиниот благослов
Главната задача на обласниот надгледник се сосредоточува на покраинскиот состанок, каде секоја седмица служи како претседавач, јавен говорник и надгледник на теократската школа. Јеховиниот благослов во таа подготовка е очигледен од фактот што, од стотина покраински состаноци кои ги надгледував, се одржаа сите до еден. Вистина, некои беа прекинувани, но ниту еден не беше укинат.
Пролетта 1950, во Вустер, Охајо, додека ја најавував заклучната песна на состанокот во саботата навечер, толпа од над илјада противници се собраа надвор од театарот кадешто се одржуваше состанокот. Толпата со себе носеше кутии со расипани јајца за да нѐ гаѓаат додека излегуваме. Ние ја проценивме ситуацијата и продолживме со програмата со песни, искуства и импровизирани библиски говори. Околу 800 Сведоци останаа таму мирно и стрпливо.
Во 2.00 после полноќ, темпетатурата беше неподносливо ниска. Како да се подготвуваат за излегување, редарите ги изнесоа противпожарните црева и почнаа да ги мијат јајцата кои беа паднале на предниот тротоар. Толпата повторно се собра, напуштајќи ја топлината на блиската автобуска гаража. Меѓутоа, акцијата на редарите беше начин да се сврти вниманието, а ние брзо ја напуштивме салата низ задната врата. Сите безбедно стигнаа до своите автомобили. Толпата пречеше и на други состаноци во Охајо, во Кантон, Дефијанс и Чиликоут. Но, насилствата на толпите престанаа кога одлуките на Врховниот суд на САД во наша корист почнаа влијаат на беззакониците.
Со време здравствените проблеми условија некои неопходни промени. Затоа кон средината на 1970-те Друштвото пресретливо ми додели задача да служам како покраински надгледник на подрачјето на јужна Калифорнија каде собранијата беа близу и каде здравствените установи беа лесно достапни. Додека должностите на обласен надгледник вклучуваа повеќе патувања, грижи и надгледување на многу покраини, должностите на покраински надгледник вклучуваат подготвување на покрански состаноци и доделување и проби на делови од програмата. Понатаму, потребно е да се подготви и да се служи во Школата за пионерска служба. Затоа работата на патувачките надгледници, било обласни или покраински, е полновремена, наградувачка работа.
Сѐ уште очекувајќи го Јеховиниот ден
Уште од моето најрано сеќавање пред повеќе од 70 години, секогаш имам горливо чувство на итност. Во миоте мисли, Армагедон секогаш беше задутре (Откровение 16:14, 16). Како мојот татко, и неговиот татко пред него, живеев во склад со опомената на апостолот да ’цврсто да ја држиме во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘. Секогаш гледав на неговиот ветен нов свет како на ’реалност, иако не ја гледав‘ (2. Петрово 3:11, 12; Евреите 11:1, NW).
Тоа очекување всадено во мене од младоста наскоро ќе се оствари. ”Кравата и мечката, тие ќе пасат“, ”дури и лавот ќе јаде слама како бик“, а ”малото детенце самото ќе им биде нивни водач“ (Исаија 11:6-9, NW). Ваквите срдечни ветувања се загарантирани со Исусовите зборови до Јован од Откровение 21:5: ”И оној што седи на престолот рече: ’Гледај! Сѐ ново создавам.‘ Тој исто така вели: ’Пишувај, зашто овие зборови се верни и вистинити‘“ (NW).