Млади христијани — бидете цврсти во верата
”СИТЕ мора да присуствуваат.“ Тоа било известувањето. Сите ученици во едно јапонско училиште морале да бидат присутни на еден масовен собир во салата. Еден млад ученик, христијанин, не можел да се сложи со некои мисли кои биле изразени во школската песна. ”Добро“, размислувал тој, ”знам дека ќе ја свират школската песна. Но, јас нема да имам никакви потешкотии. Ќе седам позади како и обично.“
Меѓутоа, кога младиот Јеховин сведок влегол во салата, забележал дека сите членови на наставничкиот персонал седеле во задниот ред. Така, морал да седне пред нив. Кога другите ученици станале на школската песна, тој останал пристојно да седи. Но, наставниците се разбесниле поради тоа. Се обиделе физички да го присилат да стане. Дали можеш да се замислиш себеси во таква ситуација? Што би сторил ти?
Зошто е потребна јака вера
Би било добро кога луѓето би ги оставиле на мира христијаните и им дозволат да живеат според својата библиски школувана совест. Меѓутоа, честопати христијаните мораат да се соочат со стресни ситуации. Тоа не треба да нѐ изненадува, зашто самиот Божји Син, Исус Христос, рекол: ”Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јован 15:20). Покрај директното прогонство, Јеховините слуги се соочуваат и со разни други испити на верата.
На христијанските младинци често им е потребна јака вера за да ги издржат искушенијата на кои наидуваат во училиштето. Можат да бидат принудени да се дружат со другари во одделението кои употребуваат неморални зборови или пак со својот став го срамотат Бог. Младите христијани можат да бидат соочени со зголемено истакнување на национализмот и со притисокот да се вклучат во клубови, школска политика или други активности кои можат да бидат духовно штетни. Наставниците или школските другари можат да се обидат да вршат притисок на младите христијани да направат компромис. Затоа, побожните младинци мораат да имаат доверба во Јеховиниот дух за да им ја даде потребната вера за сигурна одбрана на својата надеж (Матеј 10:19,20, ДК; Галатјаните 5:22, 23).
’Бидете спремни за одбрана‘
Советот на апостол Петар е прикладен и за млади и за возрасни христијани. Тој рекол: ”Секогаш [бидете] спремни за одбрана пред секого кој ќе ве праша за надежта која е во вас, но тоа правете го со благост и со длабоко почитување“ (1. Петрово 3:15, NW). Што сѐ опфаќа да се биде спремен за таква одбрана? Како прво, морате да го разберете тоа што го учи Библијата. За да во училиштето заземете цврст став спрема работите како што се национализам, политика, злоупотреба на дрога или морал, најпрво морате да ја сфатите причината за христијанскиот став и морате искрено да верувате во тоа.
На пример, апостол Павле им рекол на сохристијаните: ”Не лажете се! Злите друштва ги расипуваат добрите обичаи“ (1. Коринтјаните 15:33, Ба). Дали се сложуваш со тоа? Како што укажал Павле, можеме лесно да бидеме заведени во поглед на друштвото. Некој можеби изгледа љубезен и пријатен. Но, ако не го споделува вашето интересирање за Јеховината служба или ако не верува во библиските ветувања, тој е лошо друштво. Зошто? Затоа што неговиот живот се темели на поинакви начела, и работите кои се многу важни за христијаните, за него можат да бидат неважни.
Ова не е за изненадување, затоа што Исус за своите следбеници рекол: ”Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16, NW). Невозможно е некој да биде вистински христијанин и истовремено да биде дел од овој свет, чиј бог е Сатана (2. Коринтјаните 4:4). Дали гледате како таквата одделеност од светот го штити христијанинот од расипаноста и раздорот кои денес измачуваат толку многу луѓе? Ако е така, тогаш можете да разберете зошто морате да ја задржите својата одделеност, дури и ако тоа значи дека не можете да се приклучите во некои школски активности.a
Колу е важно да се биде цврст во верата и да се задржат интересите на Царството на прво место во својот живот, се покажало во случајот на една млада христијанка (Матеј 6:33). Кога била најавена пробата за матурската, дознала дека пробата била планирана за истиот ден кога и покраинскиот конгрес на Јеховините сведоци кој планирала да го посети. Напишала писмо со почитување во кое објаснила зошто ќе биде отсутна од пробата и пред часот му го дала на наставникот. После часот, наставникот ја повикал настрана и ја замолил уште еднаш да му објасни зошто нема да биде присутна на пробата. Девојката вели: ”Сакаше да види дали моите зборови се исти. Дали тоа беше мое мислење или писмото ги содржеше зборовите на мајка ми? Кога виде дека тоа е мое лично уверување за таа работа, не се противеше.“
”Одбрана пред секого“
Младите христијани често увидуваат дека, ако јасно го запознаат наставничкиот персонал и учениците со својот став пред да се појави спорно прашање, притисокот не е ни приближно голем кога мораат да се соочат со проблемот. Една млада христијанка од Јапонија раскажува дека, кога имала 11 години, нејзиното училиште барало сите ученици да присуствуваат на свеченоста по повод Божиќ. Учениците од повисоките одделенија вршеле притисок врз неа да учествува, но таа не била присутна, и нејзиниот наставник го разбрал нејзиниот став. Зошто? Затоа што на самиот почеток на школската година девојчето и нејзините родители разговарале со наставникот и ги објасниле различните аспекти на својот христијански став.
Додека учествуваат во службата на проповедање, некои млади христијани се плашат дека ќе се сретнат со школските другари или наставниците. Дали ти така се чувствуваш? Ако е така, зошто не преземеш иницијатива и им дадеш до знаење на своите школски другари дека проповедаш од куќа до куќа и зошто тоа го правиш. Еден 14-годишен Сведок на Јехова известил: ”Сите во училиштето знаат за мојот став како христијанин. Всушност тие толку добро го знаат тоа што, ако се сретнам со школски другар додека сум во службата, не се чувствувам збунето. Другите ученици обично слушаат и многупати земаат библиска литература.“ Еден 12-годишен изјавува дека очекува да се сретне со школските другари додека учествува во службата. Наместо да биде обесхрабрен од таа помисла, тој редовно вежба што ќе каже ако се случи тоа. На тој начин, тој е спремен да даде здрави причини за својата вера.
Во многу училишта се вели дека воншколските активности се по личен избор. Но во практиката, наставниците и учениците вршат голем притисок врз поединци да се вклучат во таквите активности. Една 20-годишна христијанка пронашла добар начин да го совлада таквиот притисок. Таа вели: ”За сето време во средно училиште служев како помошен пионер. Сите знаеја дека бев презафатена со своите верски активности за да се приклучам во други работи.“ Нејзината помлада сестра го следела истиот пат. Некои млади христијани од помошната пионерска служба која ја вршат за време на своето школување, по завршувањето на школувањето веднаш преминуваат во општи пионери, како полновремени проповедници на Царството.
Немојте никогаш да ги изгубите од превид добрите резултати од своето добро однесување и храбро сведочење. Наместо да молчите, зошто не покажете дека сте цврсти во верата, зборувајќи со почитување но храбро? Така сторило израелското девојче кое било заробено и се нашло во домаќинството на сирискиот генерал Наман (2. Царевите 5:2-4). Јеховиното име било прославено поради иницијативата која ја презело тоа девојче. Слична вера од твоја страна може исто така да му донесе чест на Бог и може да им помогне на другите да заземат став како такви кои го слават неговото име.
Факт е дека не можеме да правиме компромис со својата вера и пак да останеме христијани. Исус рекол: ”Секој што ќе ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (Матеј 10:32, 33). Да се биде цврст во верата како следбеник на Исус е сериозна одговорност, зар не?
Помош која е на располагање
За да заземете цврст став како Јеховини сведоци, потребна ви е јака вера. За да стекнете таква вера, морате марливо да ја проучувате Библијата, да ги посетувате христијанските состаноци и да учествувате во службата на проповедање. Ако сепак сметате дека нешто ви недостасува, што можете да направите? Ученикот Јаков рекол: ”Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор — и ќе му се даде“ (Јаков 1:5). Разговарајте во молитва со Јехова за тој проблем; тој може да ве зајакне да се соочите со искушенијата или испитите на својата вера.
Што уште може да стори младиот христијанин? Книгата Изреки ни вели: ”Слушај го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај мајка си кога таа ќе остарее“ (Книга Соломонови изреки 23:22). Апостол Павле го поткрепил тој совет кога рекол: ”Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа!“ (Колосјаните 3:20). Христијанските родители можат да ви помогнат да бидете цврсти во верата. Сослушајте ги нивните предлози. Со нивна помош, истражувајте ја Библијата и библиските публикации, побарајте идеи, совети и искуства. И вие и вашите родители ќе уживате во тоа и тоа ќе ви помогне да ја совладате плашливоста или стравот (2. Тимотеј 1:7).
Извлечете полна корист од подготовките кои Јехова Бог ги овозможува преку христијанското собрание. Подготвувајте се добро за состаноците. Разговарајте со именуваните старешини и другите кои поминале низ искуства слични на оние со кои вие сега се соочувате. Соломон рекол: ”Мудриот ќе слуша и ќе прими повеќе поуки, а човек разумен е оној кој се здобива со вешто усмерување“ (Изреките 1:5, NW). Затоа, учете од постарите. Можете исто така да учите и од младите христијани кои успешно совладале проблеми слични на твоите.
Верноста донесува благослови
Ако сте цврсти во верата, ќе го применувате советот на Павле да ’бидете цврсти, непоколебливи, секогаш да напредувате во делото Господово“ (1. Коринтјаните 15:58, Ст). Јехова ги знае и ги разбира проблемите со кои се борите. Тој зајакнал многумина кои се соочувале со слични потешкотии, и ќе ве зацврсти и вас. Ако имате доверба во Бог, тој ќе ви дава сила, бидејќи псалмистот рекол: ”Стави го на Господ бремето свое, и тој ќе те поткрепи. Нема да даде довека праведникот да падне“ (Псалм 55:22, ДК).
Петар напишал: ”Имајте добра совест; за да ако ве клеветат како злосторници заради нешто, се посрамат оние кои го кудат заради вашето добро живеење по Христос“ (1. Петрово 3:16, ДК). Ако одбиете да направите компромиси со оглед на Божјите праведни закони и начела, ќе имате мирна совест, што е вистински благослов од Јехова. Освен тоа, ќе оставите добар пример за младите христијани чија вера може да биде слаба (1. Тимотеј 4:15, 16). Вашето однесување може да ги охрабри да направат напори да станат цврсти во верата и така да бидат во состојба да ги издржат искушенијата.
Можете да им помогнете дури на оние кои на почетокот се спротивставувале на вашиот христијански став. Сетете се на овие зборови кои влеваат надеж: ”Наутро сеј го семето свое и навечер немој да ти почиваат рацете, зашто не знаеш што ќе биде подобро, ова или она, или обете ќе бидат еднакво добри“ (Проповедник 11:6, ДК). Кој знае какви добри резултати ќе произлезат од сеење на добро семе преку вашите верни дела?
Меѓу најголемите благослови кои ќе ги пожнеете е признатата положба пред Јехова. Најпосле, тоа што сте цврсти во верата ќе ве доведе до вечен живот (Јован 17:3; спореди Јаков 1:12). Никакво привремено олеснување од искушението кое се добива со компромис не е толку вредно за да се изгуби тој дар.
А што се случило со младинецот споменат на почетокот од оваа статија? Тој го издржал своето тешко искушение. Кога училишниот собир завршил, тактично се обидел да им го објасни својот став на наставниците. Иако немало поволна реакција, бил задоволен зашто знаел дека го израдувал Јеховиното срце (Изреките 27:11). Продолжил да ја брани својата вера сѐ додека не го завршил школувањето. Тогаш станал пионер. Нека и вашата верна истрајност има сличен среќен исход. Тоа ќе биде така ако се докажете дека сте јаки во верата.
[Фуснота]
a Разгледување на овие и други библиски начела ќе најдете во книгата Questions Young People Ask—Answers That Work, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка на страница 25]
ПОМОШ КОЈА Е НА РАСПОЛАГАЊЕ
◻ Слушајте ја мудроста на своите богобојазливи родители
◻ Извлечете корист од духовните подготовки во христијанското собрание
◻ Разговарајте со именуваните старешини и другите кои можеби имале проблеми како вашите
◻ Разговарајте со други млади христијани кои успешно се борат со слични препреки.