Млади — Јехова нема да го заборави вашето дело!
„Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, со тоа што им служевте на светите и понатаму им служите“ (ЕВРЕИТЕ 6:10).
1. На кој начин библиските книги Евреите и Малахија покажуваат дека Јехова ја цени твојата служба?
ДАЛИ некогаш си направил добро дело за некој пријател, а тој не ти се заблагодарил? Може да бидеш длабоко повреден кога некоја великодушна постапка се зема здраво за готово или, што е уште полошо, сосема се заборава. Но, колку само е поинаку кога му служиме на Јехова со сето срце! Библијата вели: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, со тоа што им служевте на светите и понатаму им служите“ (Евреите 6:10). Помисли само што значи тоа. Јехова, всушност, ќе смета дека е неправедно од негова страна — грев — кога би заборавил што си направил и што правиш и понатаму во неговата служба. Каков само благодарен Бог! (Малахија 3:10).
2. Зошто служењето на Јехова е навистина нешто посебно?
2 Ти имаш посебна прилика да го обожаваш и да му служиш на овој благодарен Бог. Бидејќи имаш само околу шест милиони соверници во споредба со околу шест милијарди луѓе во светот, оваа предност навистина е ретка. Освен тоа, фактот што ја слушаш и се оѕвиваш на пораката на добрата вест е доказ дека Јехова покажува личен интерес за тебе. Всушност, Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Да, Јехова му помага на секој човек поединечно да извлече корист од Христовата жртва.
Биди благодарен за твојата величествена предност
3. На кој начин синовите на Кореј изразиле благодарност за предноста што му служат на Јехова?
3 Како што дискутиравме во претходната статија, ти си во неспоредлива положба да го радуваш Јеховиното срце (Пословици 27:11). Тоа е нешто што никогаш не треба да го земеш здраво за готово. Во еден од инспирираните псалми, синовите на Кореј ја изразиле својата благодарност за предноста што му служат на Јехова. Таму читаме: „Еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други. Повеќе сакам да стојам на прагот на Домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на грешниците“ (Псалм 84:10).
4. а) Од кои причини некои можеби сметаат дека обожавањето на Јехова ограничува? б) На кој начин Јехова покажува дека е желен да ги забележи и да ги награди своите слуги?
4 Дали и ти имаш исти такви чувства во врска со предноста да му служиш на твојот небесен Татко? Мора да се признае, понекогаш можеби се чини дека обожавањето на Јехова ја ограничува твојата слобода. Точно е дека е потребна извесна мера на самопожртвуваност за да се живее во склад со библиските начела. Но, на крајот, сѐ што бара Јехова од тебе е за твоја корист (Псалм 1:1—3). Освен тоа, Јехова ги гледа твоите напори и покажува благодарност за твојата верност. Всушност, Павле напишал дека Јехова „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Јехова бара прилики да го направи тоа. Еден праведен пророк во древниот Израел навел: „Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено [цело, NW] кон Него“ (2. Летописи 16:9).
5. а) Кој е еден од најдобрите начини на кои можеш да покажеш дека твоето срце е цело кон Јехова? б) Зошто можеби изгледа тешко да им зборуваш на другите за твојата вера?
5 Еден од најдобрите начини на кои можеш да покажеш дека твоето срце е цело кон Јехова е да им зборуваш на другите за него. Дали некогаш си имал прилика да им зборуваш за својата вера на некои од твоите соученици? Во почетокот можеби тоа ќе те исплаши, па дури и од самата помисла можеби ќе почувствуваш малку страв. ‚Што ако ми се смеат?‘, можеби ќе прашаш. ‚Што ако мислат дека мојата религија е чудна?‘ Исус признал дека нема секој да ја слуша пораката за Царството (Јован 15:20). Меѓутоа, тоа не значи дека си осуден на исмејување и отфрленост во животот. Напротив, многу млади Сведоци нашле некој што ќе слуша, па дури и стекнале поголема почит од врсниците затоа што се држеле за своите уверувања.
„Јехова ќе ти помогне“
6, 7. а) Како можела една 17-годишна девојка да им сведочи на своите соученици? б) Што научи од искуството на Џенифер?
6 Но, како можеш да собереш храброст да зборуваш отворено за твојата вера? Зошто не решиш да бидеш искрен и отворен кога луѓето ќе те прашаат за твојата религија? Размисли за искуството на 17-годишната Џенифер. „Бев на пауза за ручек во училиште. Случајно, девојките на мојата маса дискутираа за религија, и една од нив ме праша во која религија сум јас“, вели таа. Дали Џенифер била малку нервозна кога требало да одговори? „Да“, признава таа, „затоа што не бев сигурна како ќе реагираат тие.“ Што направила Џенифер? „Им реков на девојките дека сум Јеховин сведок“, продолжува таа. „Во почетокот се изненадија. Веројатно имаа претстава дека Јеховините сведоци се чудни. Тоа ги наведе да ми поставуваат прашања, и јас можев да разјаснам некои нивни погрешни претстави. Дури и по тој ден, одвреме навреме некои од девојките ми пристапуваа со по некое прашање.“
7 Дали Џенифер зажалила што ја искористила приликата отворено да зборува за своите верувања? Воопшто не! „Се чувствував многу добро кога заврши ручекот“, вели таа. „Сега тие девојки имаат појасна претстава за тоа кои всушност се Јеховините сведоци.“ Советот на Џенифер сега е едноставен: „Ако ти е тешко да им сведочиш на соучениците или на наставниците, кажи кратка молитва. Јехова ќе ти помогне. Ќе се радуваш што добро си ја искористил приликата да дадеш сведоштво“ (1. Петрово 3:15).
8. а) На кој начин молитвата му помогнала на Неемија кога се соочил со една неочекувана ситуација? б) Кои се некои ситуации на училиште кога можеби ќе треба кратко да му се помолиш во себе на Јехова?
8 Забележи дека Џенифер препорачува ‚да кажеш кратка молитва‘ до Јехова кога ќе ти излезе прилика да дадеш сведоштво за твојата вера. Токму тоа го сторил Неемија, пехарникот на персискиот цар Артаксеркс, кога се соочил со една неочекувана ситуација. Можело да се види дека Неемија е вознемирен затоа што бил информиран за неприликите на Евреите и дознал дека ѕидот и портите на Ерусалим се во урнатини. Царот забележал дека Неемија изгледал многу загрижен, па затоа го прашал што не е во ред. Пред да одговори, Неемија се помолил за водство. Потоа смело побарал дозвола да се врати во Ерусалим и да помогне повторно да се изгради разурнатиот град. Артаксеркс го одобрил барањето на Неемија (Неемија 2:1—8). Која е поуката од ова? Ако си малку нервозен кога ќе се појави прилика да дадеш сведоштво во врска со твојата вера, не запоставувај ја приликата да се помолиш во себе. ‚Сета своја тегобна грижа фрли ја на Јехова‘, напишал Петар, ‚зашто тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7; Псалм 55:22).
‚Спремен да дадеш одбрана‘
9. Како можела 13-годишната Лија да им даде на другите 23 примероци од книгата Младите прашуваат?
9 Разгледај уште едно искуство. Лија, која има 13 години, ја читала книгата Младите прашуваат — делотворни одговориa за време на паузата за ручек на училиште. „Другите ме гледаа“, вели таа, „и наскоро околу мене се собра цела група деца. Почнаа да ме прашуваат каква е таа книга.“ До крајот на денот, четири девојчиња побарале од Лија по еден примерок од книгата Младите прашуваат. Наскоро тие девојки им ја покажале книгата и на други, па и тие сакале да добијат примерок. Во текот на следните неколку седмици, Лија им дала 23 примероци од книгата Младите прашуваат на своите соученици и на нивните пријатели. Дали на Лија ѝ било лесно да зборува отворено кога другите во почетокот ја прашувале за книгата што ја читала? Не баш. „Во почетокот бев малку нервозна“, признава таа. „Меѓутоа, се помолив и знаев дека Јехова е со мене.“
10, 11. Како можело едно израелско девојче да му помогне на еден сириски војсководач да научи за Јехова, и какви промени направил тој потоа?
10 Искуството на Лија можеби ќе те потсети на една слична ситуација со која се соочило едно израелско девојче што било одведено во заробеништво во Сирија. Нееман, сириски војсководач, имал лепра. Најверојатно неговата сопруга го започнала разговорот што го навел ова девојче отворено да зборува за својата вера. „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија!“, рекло тоа. „Тој навистина би го ослободил од лепрата“ (2. Цареви 5:1—3).
11 Како резултат на смелоста на ова девојче, Нееман дознал дека „нема Бог во сета земја, освен во Израел“. Тој дури и решил ‚веќе да не им принесува паленици и жртви на други богови освен на Господа‘ (2. Цареви 5:15, 17). Јехова навистина ја благословил храброста на тоа девојче. Тој може и сака да го стори истото и за младите денес. Лија увидела дека е така. Со текот на времето, некои од соучениците ѝ пристапиле и рекле дека Младите прашуваат им помага во однесувањето. „Бев радосна“, вели Лија, „затоа што знаев дека им помагам на другите да научат повеќе за Јехова и да го променат својот живот.“
12. Како можеш да бидеш зајакнат да ја одбраниш твојата вера?
12 И ти можеш да имаш слични искуства како Џенифер и Лија. Следи го советот на Петар, кој напишал дека како христијанин треба секогаш да бидеш ‚спремен да дадеш одбрана пред секого кој ти бара причина за надежта која е во тебе, но тоа да го правиш со благ нарав и со длабока почит‘ (1. Петрово 3:15). Како можеш да го постигнеш тоа? Постапи исто како христијаните од првиот век, кои го молеле Јехова да им помогне да проповедаат „со сета смелост“ (Дела 4:29). Потоа биди храбар кога им зборуваш на другите за своите верувања. Можеби ќе се изненадиш од резултатите. Освен тоа, ќе го израдуваш Јеховиното срце.
Видеокасети и посебни проекти
13. Кои прилики ги искористиле некои млади за да дадат сведоштво? (Види ги рамките на страници 20 и 21.)
13 Многу млади им дале објаснувања за својата вера на соучениците или наставниците со помош на видеокасети. Понекогаш, училишните проекти дале прилика да му се донесе фалба на Јехова. На пример, две 15-годишни момчиња, Јеховини сведоци, добиле задача да напишат реферат за една од светските религии во склоп на часот по историја на светот. Овие двајца решиле да работат заедно и да напишат реферат за Јеховините сведоци, користејќи ја книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство).b Исто така, морало да изнесат петминутен устен извештај. Потоа наставникот и учениците имале толку многу прашања што момчињата стоеле пред класот уште 20 минути. И по неколку седмици нивните соученици сѐ уште им поставувале прашања за Јеховините сведоци!
14, 15. а) Зошто стравот од човек е стапица? б) Зошто треба да се чувствуваш сигурен кога ги споделуваш твоите верувања со другите?
14 Како што покажуваат претходниве искуства, можеш да имаш големи благослови ако им кажуваш на другите за твоите верувања и убедувања како Јеховин сведок. Не дозволувај стравот од човек да ти ја одземе предноста и радоста да им помагаш на другите да го запознаат Јехова. Библијата наведува: „Стравот [пред луѓе, NW] му поставува стапица на човекот, а кој се надева на Господа, наоѓа закрила“ (Пословици 29:25).
15 Не заборавај, како христијански младинец имаш нешто што на твоите врсници им е многу потребно — најдобриот начин на живот сега и ветувањето за вечен живот во иднина (1. Тимотеј 4:8). Интересно, во Соединетите Држави — каде што можеби би помислил дека луѓето општо земено се апатични или свртени кон светот — една анкета открила дека барем половина од младите ја сфаќаат религијата многу сериозно, а една третина велат дека верата во Бог врши „најважно влијание“ врз нивниот живот. Веројатно ситуацијата е слична и во многу други делови од светот. Значи, на твоите врсници на училиште сигурно ќе им биде мило да чујат што имаш да кажеш за Библијата.
Како младинец, приближи му се на Јехова
16. Што уште е потребно за да му угодиш на Јехова освен што ќе им зборуваш на другите за него?
16 Се разбира, за да го израдуваш Јеховиното срце потребно е нешто повеќе отколку само да зборуваш за Него. Треба и да го приспособиш твоето однесување на Неговите мерила. Апостол Јован напишал: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди; а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Ќе утврдиш дека ова е точно ако му се приближиш на Јехова. Како можеш да го сториш тоа?
17. Како можеш да му се приближиш на Јехова?
17 Одвој си време да ја читаш Библијата и библиските публикации. Колку повеќе учиш за Јехова, толку полесно ќе ти биде да покажуваш послушност и да им зборуваш на другите за него. „Добар човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро“, рекол Исус, „бидејќи устата му зборува од изобилието на срцето“ (Лука 6:45). Затоа, наполни го срцето со добри работи. Зошто не си поставиш цели во овој поглед? Можеби можеш да се подобриш во подготовката за собраниските состаноци оваа седмица. Следна цел би можела да биде да учествуваш со тоа што ќе дадеш краток коментар, но од срце. Се разбира, многу е важно и да го применуваш она што го учиш (Филипјаните 4:9).
18. Во што можеш да бидеш уверен дури и ако поднесуваш извесно противење?
18 Благословите што произлегуваат од служењето на Јехова се долготрајни, всушност — вечни. Точно е дека понекогаш можеби ќе доживееш извесно противење или исмејување затоа што си Јеховин сведок. Но, помисли на Мојсеј. Библијата вели дека тој ‚внимателно гледал на добивањето на наградата‘ (Евреите 11:24—26). Можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе те награди и тебе за напорите што ги вложуваш за да учиш и за да зборуваш за него. Навистина, тој никогаш нема ‚да го заборави твоето дело и љубовта што си ја покажал кон неговото име‘ (Евреите 6:10).
[Фусноти]
a Објавена од Јеховините сведоци.
b Издадени од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова ја цени твојата служба?
• Кои методи на сведочење на училиште некои увиделе дека се успешни?
• Како можеш да бидеш зајакнат да им сведочиш на соучениците?
• Како можеш да му се приближиш на Јехова?
[Рамка/слики на страница 20]
Дури и најмладите го фалат Јехова!
Дури и оние што сѐ уште не се тинејџери можеле да дадат сведоштво на училиште. Разгледај ги овие искуства.
Петтоодделенците во класот на 10-годишната Амбер читале една книга за нацистичкиот напад врз Евреите за време на II светска војна. Амбер одлучила да ѝ ја однесе на наставничката видеокасетата Пурпурни триаголници. Наставничката се изненадила кога дознала дека и Јеховините сведоци биле прогонувани под нацистичкиот режим. Таа му ја прикажала видеокасетата на целото одделение.
На осумгодишна возраст, Алекса напишала писмо до своето одделение објаснувајќи зошто не може да учествува на божиќната прослава. Нејзината наставничка била толку импресионирана што ѝ рекла на Алекса да го прочита писмото наглас пред своето одделение и уште пред две други одделенија! „Поучена сум да ги почитувам другите чии верувања се поинакви од моите“, рекла таа во заклучокот, „и ви благодарам што ја почитувате мојата одлука да не славам Божиќ.“
Кратко откако тргнал во прво одделение, Ерик ја однел на училиште Моја книга со библиски приказни и побарал дозвола да им ја покаже на соучениците. „Имам подобра идеја“, рекла неговата наставничка. „Зошто не му прочиташ една приказна на одделението?“ Ерик прочитал. Потоа ги замолил да кренат рака сите што сакале да добијат по еден примерок. Се пријавиле 18 души — вклучувајќи ја и наставничката! Ерик сега смета дека има свое посебно подрачје за сведочење.
Деветгодишната Витни е благодарна за брошурата Јеховините сведоци и образованието.c „Мама обично им ја дава оваа брошура на моите наставници секоја година“, вели таа, „но оваа година сама го сторив тоа. Благодарение на оваа брошура, мојата наставничка ме прогласи за ‚најдобар ученик во седмицата‘.“
[Фуснота]
c Сите спомнати публикации се издадени од Јеховините сведоци.
[Рамка/слики на страница 21]
Ситуации што некои ги искористиле за да зборуваат за својата вера
Кога им бил зададен некој реферат или проект на училиште, некои одбрале тема што им помогнала да дадат сведоштво
Некои млади му дале на својот наставник видеокасета или публикација што е поврзана со темата што се дискутирала на часот
Додека некои млади ја читале Библијата или некоја библиска публикација за време на одморот, им пристапиле други млади што им поставиле прашања
[Слика на страница 18]
Искусните можат да помогнат да се обучат младите да му служат на Јехова