’Сеење со солзи и жнеење со голема радост‘
Раскажува Мијо Идеи
”Умирам! Умирам! Помогни ми!“ Татко ми одвај се напрегаше да вика. Неговиот глас го исполнуваше воздухот кога истрчав од куќата. Беше полноќ, а татко ми имаше срцев удар. Отрчав до стрико ми, кој живееше во близината, но кога се вративме, пулсот на татко ми повеќе не можеше да се почувствува.
ТОА се случи на 14. декември 1918. На 13-годишна возраст останав без родители. Мајка ми умре кога имав седум години. Бидејќи рано ги загубив обата родитела, почнав да се прашувам: ’Зошто умираат луѓето? Што се случува после смртта?‘
Откако дипломирав на учителската школа, станав учителка во Токио и предавав во основното училиште Шинагава. Подоцна еден познаник ме запозна со еден млад човек, Мотохиро, за кого се омажив на 22-годишна возраст. Во последните 64 години, ги споделивме и слатките и горките искуства на животот. Набрзо се преселивме на Тајван, кој тогаш се наоѓаше под јапонска влада. Во тоа време не помислував дека би можела да најдам причина за радосно воскликнување во таа земја.
Запознавање на вистината
Пролетта 1932, кога живеевме во предградието на Чиаи во централен Тајван, нѐ посети еден човек по име Сабуро Очиаи. Ни укажа дека библиските пророштва го вклучуваат ветувањето за воскресение на мртвите (Јован 5:28, 29). Колку прекрасен изглед! Толку многу сакав повторно да ги видам мајка ми и татко ми. Со логичните заклучоци, разумните објаснувања и цврстите библиски докази, неговите зборови го имаа призвукот на вистината. Времето летна додека цел ден дискутиравме за Библијата. Наеднаш Библијата за мене стана привлечна книга.
Набргу г. Очиаи замина на друго место и ни ги остави книгите Creation (Создавање), Harp of God (Божја харфа), Government (Влада), Prophecy (Пророштво), Light (Светлост), и Reconciliation (Помирување), сите издадени од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула. Секогаш се задлабочував кога ги читав и чувствував потреба да им кажам на другите за тоа што го читав. Ако Исус ја започнал својата служба во родниот град Назарет, зошто и јас да не започнам таму каде што живеам? Ги посетив соседите кои живееја веднаш до нас. Никој не ме беше учел како да сведочам, затоа отидов од куќа до куќа со мојата Библија и книгите што ги прочитав, проповедајќи најдобро што можев. Луѓето поволно реагираа и земаа списанија. Побарав од Тодајша, како што во тоа време се викаше друштвото Стражарска кула во Јапонија, да ми испрати 150 примероци од малата книга The Kingdom, the Hope of the World (Царството — надеж за светот), и ги разделив.
Еден ден еден човек кој зеде литература ми кажа дека полицијата дошла веднаш откако сум заминала и ги конфискувала книгите. Набргу после тоа, четворица детективи дојдоа во мојата куќа и ги конфискуваа сите мои книги и списанија. Ја оставија само Библијата. Пет години не се сретнав со никој од Јеховиниот народ, но огнот на вистината и понатаму ми гореше во срцето.
Тогаш дојде декември 1937! Двајца колпортери од Јапонија нѐ посетија. Зачудено ги прашав: ”Како дознавте за нас?“ Тие рекоа: ”Го имаме овде вашето име.“ Јехова се сети на нас! Двајцата Сведоци, Јоричи Ое и Јошиучи Косака поминале со стари велосипеди околу 240 километри од Тајпеј до Чиај, со своите лични работи наредени во висина отпозади. Додека разговараа со нас се чувствував како етиопскиот евнух кој рекол: ”Што ми пречи да се крстам?“ (Дела на апостолите 8:36). Истата ноќ кога тие пристигнаа, и маж ми и јас се крстивме.
Грижа за затворените браќа
Во 1939 низ цела Јапонија неочекувано и брзо настапија апсења на Јеховините сведоци. Бранот на прогонства набргу стигна до Тајван. Двајцата браќа Ое и Косака беа уапсени во април. После два месеца бевме уапсени и ние. Бидејќи бев учителка, бев ослободена следниот ден, но маж ми го држеа во притвор четири месеци. Откако го пуштија маж ми, се преселивме во Тајпеј. Бидејќи сега бевме поблиску до затворот каде беа затворени двајцата браќа, тоа се покажа многу добро.
Затворот во Тајпеј беше затвор со строго обезбедување. Зедов облека и храна и отидов да ги посетам браќата. Најпрво, на прозорецот од 30 квадратни сантиметри, обложен со мрежа, се појави брат Косака во придружба на стражар и детектив. Беше блед, а усните му беа црвени како свежи јагоди. Беше заразен од туберкулоза.
Потоа излезе брат Ое со насмевка на лицето и ведро повторуваше: ”Добро што можевте да дојдете.“ Бидејќи лицето му беше жолто и потечено, го прашав за здравјето. ”Баш ми е фино!“, одговори тој. ”Ова е многу добро место. Нема стеници и гниди. Можам да јадам дури тестенини од хелда. Како да сум во вила“, рече тој. Полицаецот и стражарот не можеа да се воздржат од смеа и рекоа: ”Е, не можеме да го скршиме ова човече Ое.“
Повторно затворени
Околу полноќ на 30. ноември 1941, неколку дена откако се вратив од посетата кај браќата, на вратата се слушна чукање. Низ стаклената врата видов силуети на шешири во вид на планини. Ги избројав осум. Тоа беа полицајци. Насилно влегоа во нашата куќа и го превртеа секој предмет во куќата — но залудно. После едночасовно претресување, конфискуваа неколку фото албуми и ни рекоа да појдеме со нив. Се сетив дека Исус бил уапсен на полноќ (Матеј 26:31, 55-57; Јован 18:3-12). Ми беше интересна помислата што осуммина мажи правеа толку голема врева околу нас двајцата.
Нѐ однесоа во една непозната зграда која беше огромна и темна. Подоцна дознавме дека тоа било затворот Тајпеј Хичисеи. Седнавме пред една голема маса, и започнаа со испрашувањето. Секогаш одново нѐ прашуваа: ”Кого го познавате?“, и секој од нас одговаше: ”Не познавам никого.“ Како би можеле да ги знаеме браќата од Јапонија? Ги знаевме само браќата Ое и Косака, и ништо не кажавме други имиња кои можеби сме ги слушнале посредно.
Наскоро беше пет часот наутро, и двајца детективи ме однесоа во мојата ќелија. Ми требаше извесно време додека се навикнав на новата средина. За првпат во мојот живот видов стеници. Тие мали инсекти, кои се гоштаваат на новодојдените, непрекинато ми досадуваа, оставајќи ги на мира другите две жени во ќелијата — и покрај тоа што ја смачкував секоја која ќе ми дојдеше под рака. На крајот се откажав и ги оставив да се гоштаваат на мене.
Нашата храна се состоеше од шолја делумно варена каша од ориз, која во устата постојано ја осеќав како да е сиров ориз. Заедно со кашата имаше мала количина од посолени листови од дајкон (јапонска репа) на кои сѐ уште имаше траги од песок. Отпрвин, бидејќи храната лошо мирисаше и беше валкана, не можев да ја поднесам, па доаѓаа другите од затворот и ја јадеа. Се разбира дека постепено се привикнав за да преживеам.
Животот во затворот беше трагичен. Во една прилика, слушав еден човек за кого се сомневаа дека е шпион, како писка секој ден затоа што го мачеа. Исто така видов еден друг човек во ќелијата до мене кога умре во агонија. Со сето тоа што се случуваше пред моите очи, силно чувствував дека овој стар систем мора да заврши, и мојата надеж во Божјите ветувања стана посилна од кога и да е.
Испрашување
Во затворот бев задржана околу една година и пет пати ме испрашуваа. Еден ден за прв пат дојде обвинител, и ме однесоа во една многу мала соба за испрашување. Прво што ми рече беше: ”Кој е поголем, Аматерасу Омиками [божицата на сонцето] или Јехова? Одговори ми!“ Малку размислив како да му одговорам.
”Кажи ми кој е поголем, или ќе те претепам!“, упорно гледаше во мене.
Смирено одговорив: ”На самиот почеток во Библијата е запишано: ’Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.‘“ Не чувствував потреба да додадам нешто друго. Само упорно зјапаше во мене без да каже ниту збор и потоа ја промени темата.
Впрочем, од која причина ме држеа в затвор? Во досието за испитување пишуваше: ”Страхуваме дека може да ја заведе јавноста со својот говорот и постапките.“ Затоа бев затворена без да ми се суди.
Јехова секогаш беше покрај мене додека го поднесував сето тоа. Со Јеховина љубезност, добив џебен формат на Христијанските грчки списи. Еден ден еден детектив ми го фрли во ќелијата и ми рече: ”Ќе ти дозволам да го имате ова.“ Секој ден го читав додека не го запомнев прочитаното. Храбрите примери на христијаните од првиот век од книгата Дела на апостолите станаа голем извор на охрабрување. Исто така ме зајакнаа 14-те писма на апостол Павле. Павле доживувал тешко прогонство, но светиот дух секогаш го поддржувал. Таквите извештаи ме зајакнуваа.
Станав многу слаба и кревка, но Јехова ме поддржуваше, често на неочекувани начини. Една недела, еден детектив кој никогаш не сум го сретнала, дојде со пакет завиткан во шамија. Ја отвори вратата на ќелијата и ме одведе во двориштето. Кога дојдовме до едно големо камфорово стебло, го отвори пакетот. Гледај чудо! Внатре имаше банани и колачи. Ми рече тука да ги изедам. Детективот забележа: ”Сите вие сте многу добри луѓе. Сепак мораме вака да постапуваме со вас. Би сакал наскоро да ја напуштам оваа работа.“ Така стражарите и детективите почнаа љубезно да се однесуваат кон мене. Имаа доверба во мене и ми дозволуваа да им ги чистам собите и ми даваа разновидни други предносни задачи.
Кон крајот на 1942, ме повика еден од детективите кој нѐ уапси. ”Иако заслужуваш смртна казна, денес ќе бидеш ослободена“, изјави тој. Мојот маж беше дојден дома околу еден месец пред да бидам ослободена.
Обновување на дружењето со Сведоците
Додека бевме в затвор, Јапонија влезе во II. Светска војна. Потоа, во 1945, слушнавме дека Јапонија ја загубила војната и во весниците прочитавме дека политичките затвореници ќе бидат ослободени. Знаевме дека брат Косака умрел од болест во затворот, но веднаш испратив писма до затворите во Тајпеј, Хсинчу и во други градови и се распрашав каде се наоѓа брат Ое. Меѓутоа не добив никаков одговор. Подоцна дознав дека брат Ое бил стрелан.
Во 1948 добивме неочекувано писмо од Шангај. Писмото беше од брат Стенли Џонс, кој бил испратен во Кина од Гилеад, новоформирана мисионерска школа на Јеховините сведоци. Јехова повторно се сети на нас! Бев пресреќна што можев на овој начин да стапам во контакт со Јеховината организација. Поминаа седум години откако последен пат се видовме со брат Ое. Иако за сето тоа време бев потполно изолирана од другите Јеховини сведоци, им зборував на другите за добрата вест.
Кога брат Џонс нѐ посети за прв пат, тоа беше време на радост. Беше многу љубезен. Иако не се имавме видено никогаш, чувствувавме дека дочекуваме многу близок роднина во нашиот дом. Набргу после тоа, брат Џонс замина за Тај-тунг, преку планините, со маж ми како преведувач. Се вратија по околу една недела, а за тоа време одржале еднодневен конгрес и крстиле околу 300 припадници од племето Амис од источниот брег.
Посетата на брат Џонс за мене беше значајна и на друг начин. Дотогаш проповедав сама. А сега за време на посетата на брат Џонс, се крсти еден брачен пар, сопственикот на нашиот стан и неговата жена. Оттогаш, покрај радоста на објавување на Царството, многу пати ја доживеав радоста на правење на ученици. Подоцна се преселивме во Хсинчу, кадешто брат Џонс трипати нѐ посети и остануваше по две недели. Во потполност се радував на корисното дружење. Последниот пат рече: ”Следниот пат ќе го донесам мојот партнер, Харолд Кинг.“ Но тој ’следен пат‘ никогаш не дојде, бидејќи набргу потоа обајцата беа затворени во Кина.
Во 1949 Џозеф Макграт и Сирил Чарлс, мисионери од 11. клас на Гилеад, пристигнаа на Тајван. Го ширеа делото во Тајван и го употебуваа нашиот дом како своја база. Нивните примери навистина ме охрабрија. Меѓутоа, политичката ситуација ги присили да заминат за Хонгконг. Не можев да ги задржам солзите кога заминуваа со еден полицаец. ”Не плачи, Мијо“, рече Џо. Тој додаде: ”Ти благодарам“, и ми го даде своето добро истрошено пенкало за спомен.
Излегување на крај со воспитување на деца
Сопругот и јас немавме деца, затоа ја присвоивме неговата братаница кога имаше четири месеца. Животот на мајка ѝ беше загрозен од астма.
Во 1952 брат Лојд Бери, кој служеше како мисионер во Јапонија, го посети Тајван да побара законско признавање на активностите на Јеховините сведоци. Остана со нас и многу нѐ охрабри. Во тоа време нашата ќерка имаше 18 месеци. Тој ја крена и ја праша: ”Како е Божјето име?“ Изненадена го прашав: ”Сакаш да кажеш дека треба да ја поучуваме толку мала?“ ”Да“, одговори одлучно. Потоа ми зборуваше за важноста на воспитувањето на детето од најрана возраст. Неговите зборови: ”Таа е подарок од Јехова за твоја утеха“, ми се врежаа во мислите.
Веднаш се зафатив со поучување на ќерка ми Акеми да го запознае и да го засака Јехова и да стане негова слугинка. Ја учев фонетски симболи, почнувајќи со трите букви е, хо, ба кои го сочинуваат зборот ”Ехоба“, или Јехова, на јапонски. Кога имаше две години, можеше да разбере што ѝ зборував. Затоа секоја вечер пред да си легне, ѝ раскажував библиски приказни. Таа слушаше со интересирање и ги памтеше.
Кога имаше три и пол години, брат Бери повторно нѐ посети и на Акеми ѝ даде Библија напишана на говорен јапонски. Се шеташе по собата со Библијата и велеше: ”Акемина Библија! Акемина Библија!“ Потоа, по неколку минути извика: ”Библијата на Акеми нема Јехова! Не го сакам ова!“ Таа ја фрли Библијата. Исплашена, ја проверив содржината. Прво отворив во Исаија 42. поглавје, 8. стих. Тука името Јехова беше заменето со зборот ”Господин“. Побарав други стихови, но не можев да го најдам Божјето име, Јехова. Акеми се смири кога ѝ го покажав Јеховиното име во мојата стара Библија, која беше на стар јапонски.
Враќање во Јапонија
Се вративме во Јапонија во 1958 и се поврзавме со собранието Саномија во Кобе. Бидејќи имав толку многу причини да му бидам благодарна на Јехова, сакав да ја изразам таа благодарност со тоа што станав пионер — полновремен слуга кај Јеховините сведоци. Се напрегав во пионерската служба. Како резултат на тоа, бев во можност да водам многу домашни библиски студии и ја вкусив радоста да им помогнам на околу 70 до 80 луѓе да ја запознаат вистината. Некое време бев дури и во предност да служам како специјален пионер, работејќи по повеќе од 150 часови секој месец во службата, грижејќи се истовремено за мажот и ќерката.
Бидејќи живеевме во Тајван повеќе од 30 години, беше тешко да се привикнеме на начинот на живот во Јапонија, така што доживеав повеќе искушенија. Во такви прилики Акеми ми беше тешител и поддршка, токму како што брат Бери ми рече пред неколку години. Кога бев потиштена, таа ми велеше: ”Мамо, биди храбра. Јехова ќе најде начин.“ ”Да, ќе најде начин“, одговарав јас и цврсто ја прегрнував. Колкав извор на охрабрување! Не можев а да не му благодарам на Јехова!
Жртвување на ќерка ми за Јехова
Акеми стана објавител кога имаше 7, а се крсти кога имаше 12 години, во летото 1963. Се трудев да поминам колку што можев повеќе време со неа (5. Мојсеева 6:6, 7). Имаше и тешки времиња кога беше во период на созревање, но со добрите примери и охрабрувањето од специјалните пионери кои беа испратени во нашето собрание, Акеми на крајот си постави за цел да биде пионер во нови подрачја.
На покраинскиот конгрес во 1968 ја играше улогата на ќерката на Ефтај во библиската драма. Додека ја гледав драмата, одлучив, како што одлучил и Ефтај, да ја жртвувам единствената ќерка која дотогаш ја одгледував, за Јехова во полновремената служба. Каков ќе биде животот без ќерка ми покрај мене? Тоа беше предизвик бидејќи имав веќе повеќе од 60 години.
Во 1970 дојде времето нашата ќерка да нѐ напушти. Доби дозвола од маж ми и замина во Кјото да служи како пионер. Бидејќи ги разбираше нашите чувства, се чинеше како срцето да ја болеше кога нѐ напушти. За разделба ги цитирав стиховите од Псалми 125:5, 6: ”Оние што сеат со солзи, ќе жнеат со голема радост. Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја“ [126:5, 6, ДК]. Тие зборови се покажаа охрабрувачки и за мене.
Подоцна Акеми се омажи и продолжи со специјалната пионерска служба со својот сопруг. Од 1977, кога нејзиниот маж беше наименуван за покраински надгледник, служат во патувачкото дело. Редовно ја отворам [географската] карта и ”патувам“ по картата со ќерка ми. Задоволство ми е да ги слушам нивните искуства и да се запознавам со многу сестри преку ќерка ми.
Сега имам веќе 86 години. Деновите кои поминаа покрај мене се чинат само како ноќна стража. Не можам да работам толку многу како порано, но службата на проповедање сѐ уште ми донесува радост. Кога размислувам за 60-те години кои поминаа откако ја запознав вистината, во моето срце извира Божјето уверливо ветување. Да, Јехова кој лојално ќе постапува со лојалните, ни дозволува да жнееме со голема радост (Псалам 18:25, ДК).