Ги цениш ли навистина Јеховините благослови?
КЕНИЧИ, средовечен господин, посетил една аптека за да набави лек за една лесна настинка. Кога го зел лекот, добил алергиска реакција која предизвикала осип што го чешал, како и водени меурчиња по целото тело. Не е за изненадување што Кеничи почнал да се сомнева во тоа дали фармацевтот им обрнал доволно внимание на неговите потреби.
Некои би можеле да размислуваат за Јехова Бог на истиот начин како Кеничи за фармацевтот. Се сомневаат дека семоќниот Бог, Јехова, навистина е заинтересиран за нас како поединци. Иако признаваат дека Бог е добар, тие не се уверени дека тој се грижи за нас лично. Ова особено важи кога работите не им одат добро или, пак, кога нивното придржување за библиските начела е проследено со тешки проблеми. Поради недостиг на проникнување, тие на своите проблеми гледаат како на осип што ги чеша и како на меурчиња какви што неочекувано добил Кеничи, небаре тие се Божја грешка (Изреки 19:3).
Јехова не треба да се споредува со несовршените луѓе. Луѓето се ограничени во спознанието и способноста. Тие не успеваат потполно да ги проникнат вистинските потреби на другите, како фармацевтот на Кеничи. Напротив, на Јеховините очи ништо не им избегнува. Јехова честопати ни помага и без да го проникнеме и цениме тој факт, затоа што имаме склоност да се сосредоточуваме на она што го немаме и да ги превидуваме многуте благослови што ги имаме. Наместо брзо да го обвиниме Јехова за кои и да било проблеми со кои се соочуваме, треба да се трудиме да ги проникнеме благословите што ги уживаме од Јехова.
Според Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary, „благослов“ може да се дефинира како „работа што придонесува за среќа или благосостојба“. Дали го цениш тоа што ова особено важи за благословите од Јехова?
Неспоредлив како Обезбедувач
Кога една сопруга вели дека нејзиниот сопруг е добар обезбедувач, таа главно мисли на тоа дека тој адекватно се грижи за потребите на семејството, обезбедувајќи доволно храна, засолниште и облека за среќата и благосостојбата на семејството. Колку е добар Јехова како наш Обезбедувач? Погледни ја одблизу нашава планета Земја, човековиот дом. Сместена е на 150.000.000 километри од Сонцето, токму на правата оддалеченост за умерените температури што овозможуваат живот на Земјата. Наклонот на нашата Земјина топка од 23,5 степени е совршено дизајниран, што доведува до разновидни годишни времиња кои придонесуваат за изобилни жетви. Како резултат од тоа, Земјата храни повеќе од пет милијарди луѓе. Јехова навистина е прекрасен Обезбедувач!
Освен тоа, Библијата нѐ уверува дека Јехова е длабоко заинтересиран за нас како поединци, како и за нашата благосостојба. Само помисли, Јехова ја знае по име секоја од милијардите ѕвезди, па дури ни едно врапче не паѓа на Земјата без негово знаење (Исаија 40:26; Матеј 10:29—31). Колку само повеќе се грижи за луѓето кои го љубат и кои биле откупени со скапоцената крв на неговиот возљубен Син, Исус Христос! (Дела 20:28). Добро објавил мудриот човек: „Благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето“ (Изреки 10:22).
Благослови кои нѐ збогатуваат
Ние поседуваме нешто од огромна вредност, за кое би требало да сме длабоко благодарни. Што е тоа? Библијата го идентификува кога вели: „Законот на твојата уста за мене е подобар отколку илјадници злато и сребро“ (Псалм 118:72; Изреки 8:10). Колку и да е вредно златото, Јеховиниот закон треба многу повеќе да се посакува. Точното спознание за неговиот закон, заедно со увидот и проникливоста што Јехова им ги дава на искрените трагачи по вистината, се работи што треба високо да се ценат. Тие нѐ опремуваат да се заштитиме себеси, да излеземе на крај со тешки ситуации, успешно да се справиме со проблеми и на тој начин да бидеме задоволни и среќни.
Ова важи дури и за многу младите лица. Разгледај како едно девојченце ги средило своите проблеми со тоа што го следело Јеховиниот закон. Девојченцето, Акеми, живее близу Токио. Татко му и мајка му ги применувале библиските начела во неговото воспитување, и со збор и со пример ѝ помогнале на својата ќерка да развие љубов кон Јехова и кон ближниот. Предвидувајќи ги проблемите на кои таа би наишла в училиште, тие се потрудиле да ја подготват најдобро што можат. Меѓутоа, кога Акеми тргнала во основно училиште, некои нејзини соученици ја сметале за „поинаква“, затоа што таа се молела пред оброците и совесно се воздржувала од извесни небиблиски активности. Набргу станала мета на една група насилници, кои ја притеснувале в ќош после училиштето и ја плескале по лицето, ѝ ги виткале рацете и ја исмејувале.
Малечката Акеми не возвраќала со иста мера ниту, пак, се грчела од страв пред своите мачители. Место тоа, се трудела да го примени она што го научила. Како резултат од нејзиното добро однесување и храброст, ја придобила почитта од многу свои соученици. Тие ѝ кажале за работата на наставничката и, од тој ден, Акеми повеќе не доживувала натамошно малтретирање в училиште.
Што ѝ помогнало на Акеми успешно да се справи со една тешка ситуација? Точното спознание, увидот и мудроста од Јехова, што нејзините родители ѝ ги имале всадено. Таа била добро запознаена со Исусовата истрајност, и тоа ја поттикнало да го имитира неговиот пример. Библијата ѝ помогнала да проникне дека некои луѓе прават неисправни работи од незнаење, и тоа ја охрабрило да го мрази лошото што го правеле тие силеџии, иако не ги мрази самите луѓе (Лука 23:43; Римјаните 12:9, 17—21).
Се разбира, ниеден родител не би сакал да ги види своите деца подложени на исмејување и малтретирање. Сепак, можеш да си замислиш колку само биле горди родителите на Акеми кога чуле за сите детали од она што се случило. Таквите деца навистина се благослов од Јехова (Псалм 126:3; 1. Петрово 1:6, 7).
Стрпливо чекање на Јехова
Сепак, пред да добиеш Јеховини благослови, понекогаш мораш да го почекаш неговото време. Јехова ја знае твојата ситуација и ја обезбедува секоја потреба кога ќе ти биде најкорисна (Псалм 144:16; Проповедник 3:1; Јаков 1:17). Можеби уживаш да јадеш овошје, но што би помислил за некој домаќин кој те послужил со овошје пред тоа да биде спремно да се јаде? Сеедно дали јаболко, портокал или нешто друго, ти би претпочитал твоето овошје да е зрело, сочно и слатко. На сличен начин, Јехова во право време го обезбедува она што ти е потребно — ниту прерано ниту предоцна.
Сети се на искуството на Јосиф. Иако не било негова грешка, се нашол во една египетска зандана. Еден созатвореник, пехарникот на фараонот, се надевал дека ќе биде ослободен и ветил дека ќе му сврти внимание на фараонот за Јосифовиот случај. Но, после неговото ослободување, тој сосема заборавил на Јосиф. Се чинело дека Јосиф бил напуштен. Меѓутоа, после цели две години, тој конечно бил ослободен од затвор и најпосле бил поставен за втор владетел во Египет. Наместо да биде нестрплив, Јосиф чекал на Јехова. За ова бил благословен на начин што значел сочувување на живот и за Израелците и за Египќаните (1. Мојсеева 39:1—41:57).
Масаши бил старешина во едно собрание во северна Јапонија. Тој не бил во зандана, но морал да чека на Јехова. Зошто? Уште откако во Јапонија била воведена Школата за оспособување на слуги — школа за обучување на квалификувани христијански слуги — негова горлива цел била да присуствува на неа. Се молел интензивно за таа предност. Неговиот пионерски партнер бил поканет, но и покрај својата ревносна желба, Масаши не бил поканет. Бил крајно разочаран.
Меѓутоа, презел чекори за да излезе на крај со своите чувства. Ја проучувал Библијата и публикациите издадени од Watch Tower Society, сосредоточувајќи се на такви теми како понизност и контролирање на емоциите. Повторно го преиначил своето размислување и така доживеал поголема сатисфакција на својата доделба. Потоа, кога најмалку очекувал, добил покана да присуствува на школата.
Поради тоа што имал развиено такви особини како што се стрпливост и понизност, извлекол многу поголема корист од школата. Подоцна, на Масаши му била дадена предноста да им служи на своите браќа како патувачки надгледник. Да, Јехова знаел што му требало на Масаши и го обезбедил токму тогаш кога тоа би го постигнало најдоброто.
Барај ги неговите благослови
Затоа, Јехова не е како фармацевтот. Иако можеме да пропуштиме да ја проникнеме Јеховината грижа и интерес, неговите љубезности доаѓаат во различни облици — во времиња и на начини кои ни прават најголемо добро. Затоа, продолжи да ги бараш неговите благослови. Запомни дека ти веќе имаш многу причини да бидеш благодарен. Благословен си со основните подготовки за да продолжиш да живееш на Земјата. Дадено ти е спознание за Јехова и за неговите совршени патишта. Даден ти е увид. И си стекнал проникливост. Сево ова придонесува за твојата благосостојба и среќа.
За да го искусиш Јеховиниот благослов во уште поголема мера, продолжи редовно да ја проучуваш Библијата. Преколнувај го Јехова да ти помогне да ги разбереш и примениш поуките слични на скапоцени камења од неговата вдахновена Реч. Тие ќе те направат навистина богат, така што нема да ти недостига ништо. Да, тие ќе значат твоја среќа и задоволство сега, и живот во изобилство во новиот свет што ќе дојде (Јован 10:10; 1. Тимотеј 4:8, 9).
[Слика на страница 23]
Јеховиниот благослов е поскапоцен и од злато