Дали Бог одговара на твоите молитви?
”НИКОГАШ не сум доживеала молитвите да ми бидат одговорени“, рекла една жена која живее на Хокаидо, Јапонија. Во овој поглед таа не е единствена. Многу луѓе мислат дека нивните молитви не се одговорени. Всушност, можеби се прашуваш дали Бог одговара на твоите молитви.
Милиони луѓе упатуваат неброени молитви до безброј божества. Зошто се чини дека толку многу молитви не се одговорени? За да дознаеме, прво да утврдиме каков вид на молитви се изговараат.
За што се молат некои?
За време на новогодишните празници, две третини од населението на Јапонија, или близу 80 милиони луѓе, се молат во шинтоистичките или будистичките храмови. Даваат ковани пари како жртви и се молат за среќа и безбедност во семејството.
Во јануари и февруари — пред приемните испити на факултетите — студентите масовно одат во храмовите како што е еден во Токио, инаку познат по својот бог на образованието. Своите желби ги запишуваат на дрвени молитвени плочи и ги обесуваат на дрвени греди околу храмовите. Најмалку 100 000 вакви плочи го украсиле просторот околу добро познатиот храм во Токио за време на испитната сесија во 1990.
Многу молитви го вклучуваат здравјето. Во еден храм во Кавасаки, Јапонија, луѓето се молат за заштита од СИДА. ”Значењето на молењето против СИДАТА“, објаснува свештеникот на храмот, ”е тоа што ќе ги натера луѓето да бидат внимателни во однесувањето.“ Но дали молитвата се состои само во тоа?
Во еден друг храм, една стара жена се молела за ”ненадејна умирачка“. Зошто? Затоа што сакала да избегне страдање од долга болест и не сакала да биде товар на семејството.
Во една таканаречена христијанска земја, капитенот на еден фудбалски тим се молел за победа на својот тим и за заштита од повреди. Католиците во Полска се молат за своја лична благосостојба и ја украсуваат својата Богородица со накит кога мислат дека молитвите се сослушани. Многу луѓе масовно одат во црквите како што е прочуената Гвадалупа во Мексико Сити и Лурд во Франција, и молат за чудотворни лекувања.
Седно дали на Исток или на Запад, луѓето изговараат молитви од многу и различни лични причини. Очигледно дека сакаат молитвите да им бидат сослушани и одговорени. Меѓутоа, дали е реално да очекуваме дека сите молитви ќе бидат сослушани со наклоност? А како е со твоите молитви? Дали тие се сослушани? Всушност, дали Бог воопшто одговара на молитвите?