Прашања од читателите
◼ Кога ќе умре некој, дали е прикладно за христијаните да даваат цвеќе на семејството или да праќаат цвеќе на погребот?
Во некои земји тоа е вообичаено. Но, употребувањето на цвеќе при погреб понекогаш имало религиозно значење. Затоа, да ја испитаме работата во некои поединости, особено затоа што постојат други обичаи кои, се чини, имаат слична врска со лажната религија. Забележи коментари од The Encyclopedia of Religion (1987):
”Поради неговата поврзаност со боговите и божиците, цвеќето се доведува во врска со светото подрачје. Флора, римската божица на пролетта и цвеќето, им донесува на цветовите убавина и мирис (...) Божествата можат да се ублажат и обожаваат (...) со принесување на храна и цвеќе.
Врската помеѓу цвеќето и погребните обреди се појавува ширум светот. Грците и Римјаните ги покривале мртовците и нивните гробови со цвеќе. Во Јапонија душите на будистите кои се на умирање се носат на лотос угоре, а спомениците на гробиштата можат да почиваат на изрезбани лотоси (...) Тахиќаните оставаат букети цвеќе завиткани во папрат кај мртвото тело и потоа истураат цветен парфем врз мртовецот за да го олеснат неговото преминување во светиот задгробен живот (...) Цвеќето може исто така да биде присутно во свечени моменти во вид на темјан или парфем.“
Свесни дека цвеќето било употребувано во врска со лажната религија, некои христијани сметале дека не би требало да се дава или испраќа цвеќе за погреб. Нивното уверување може исто така да ја одразува желбата да избегнуваат световни обичаи, бидејќи Исусовите следбеници ’не се дел од светот‘ (Јован 15:19, NW). Меѓутоа, одредени библиски стихови и месни сфаќања се поврзани со тоа прашање.
Цвеќето е еден од Божјите добри дарови на живите за да тие му се радуваат (Дела на апостолите 14:15-17; Јаков 1:17). Убавината на цвеќето кое го создал се употребувала во вистинското обожавање. Свеќникот во светиот шатор бил украсен со ’бадемови цветови и ливчиња‘ (Излазак 25:31-34, Ст). Резбите во храмот вклучувале венци и палми (1. Царевите 6:18, 29, 32). Паганската употреба на цвеќе или венци сигурно не значи дека вистинските обожаватели треба секогаш да избегнуваат да ги употребуваат (Дела на апостолите 14:13).
Меѓутоа, што е со поширокото прашање во врска со следењето на обичаи, како што се погребните обичаи? Библијата укажува на многу обичаи, некои се неприкладни за вистинските обожаватели, а некои Божјиот народ ги следи. Во 3. Царства 18:28 се наведува ’обичајот‘ при обожавањето на Баал ’да викаат и да се бодат‘ — обичај којшто правите обожаватели не го следеле. Од друга страна, Рута 4:7 укажува да не се отфрла ’обичајот од дамнина во Израел во врска со [начинот на спроведување] на правото на откупување‘ (NW).
Обичаите кои се прифатливи за Бог можат дури да станат строго религиозни прашања. Кога Бог ја оцртал прославата на Пасхата, не споменал употреба на вино, но во првиот век било вообичаено да се користат чаши со вино. Исус и неговите апостоли не го отфрлиле тој религиозен обичај. Сметале дека нема што да му се приговори и го следеле (2. Мојсеева 12:6-18; Лука 22:15-18; 1. Коринтјаните 11:25).
Слично е со некои погребни обичаи. Египќаните обично ги балзамирале мртвите. Верниот патријарх Јосиф не заклучил автоматски ’тоа е пагански обичај, затоа ние Евреите мораме да го избегнуваме‘. Всушност, ”им нареди на лекарите кои се наоѓаа во негова служба да го балзамираат татко му“, очигледно за да може Јаков да биде погребан во Ветената земја (Постанак 49:29–50:3, Ст). Подоцна Евреите развиле поинакви погребни обичаи, како што е миење на мртвото тело и погребување на денот на смртта. Првите христијани ги прифатиле таквите еврејски обичаи (Дела на апостолите 9:37).
Меѓутоа, што ако се покаже дека некој погребен обичај има значење темелено на религиозна заблуда, како што е верувањето во бесмртност на душата? Сети се од енциклопедијата дека некои ”оставаат букети завиткани во папрат кај мртвото тело и потоа истураат цветен парфем врз мртовецот за да го олеснат неговото преминување во светиот задгробен живот“. Фактот дека можеби постои таков обичај не значи дека Божјите слуги мораат да избегнуваат што и да е слично на тоа. Иако Евреите не веруваат во ”преминување во свет задгробен живот“, Библијата вели: ”Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат“ (Јован 12:2-8; 19:40).
Христијаните треба да избегнуваат обичаи кои се косат со библиската вистина (2. Коринтјаните 6:14-18). Сепак, сите видови предмети, симболи и обичаи, во некое време или на некое место, биле погрешно прикажувани или поврзувани со небиблиски науки. Дрвјата биле обожавани, обликот на срце се сметал за свет, а темјанот бил употребуван во паганските церемонии. Дали тоа значи дека христијаните не смеат да користат темјан, дека не смеат да имаат стебла во некоја декорација или да носат накит во форма на срце?a Тоа не е непобитен заклучок.
Правиот христијанин би требало да размисли: Дали следењето на некој обичај ќе им покаже на другите дека сум прифатил небиблиски верувања или постапки? Временското раздобје и местото можат да влијаат на одговорот. Некој обичај (или симбол) можеби имал погрешно религиозно значење пред неколку милениуми или има такво значење денес во некоја оддалечена земја. Но, без потреба да се впушташ во истражување кое одзема многу време, запрашај се: ’Какво е вообичаеното гледиште овде кадешто живеам јас?‘ (Спореди 1. Коринтјаните 10:25-29.)
Ако е општо познато дека некој обичај (или некој симбол, како што е крстот) има лажно религиозно значење, избегнувај го. Според тоа, христијаните нема да праќаат цвеќе во форма на крст или црвено срце ако му се придава религиозно значење. Или може да постои некој одреден начин како се користи цвеќето при погребот или на гробот, а кој има месно религиозно значење. Христијаните треба и тоа да го избегнуваат. Тоа додуша не значи дека едноставното набавување на букет за погреб или давањето цвеќе на пријателот во болницата мора да се смета за религиозна постапка која мора да се избегнува.b
Напротив, во многу земји е раширен обичајот да се донесува цвеќе и тоа се смета за прикладна љубезност. Цвеќето може да придонесе за убавината и може смртниот случај малку да го разведри. Исто така може да биде знак на сочувство и интересирање. На друго место може да биде обичај да се покажуваат таквите чувства со великодушни дела, на пример, со готвење на оброци за болниот или за оние кои жалат. (Сети се на наклоноста која ја чувствувале кон Тавита (Дорка, NW), бидејќи покажувала интересирање и грижа за другите [Дела на апостолите 9:36-39]). Кога таквите дела очигледно не се поврзани со лажни верувања, некои од Јеховините сведоци обичаваат да му даваат ведро цвеќе на пријателот во болницата или на оние кои имаат смртен случај. И, најпосле, поединечно можат да го изразат своето интересирање и чувства со практични дела (Јаков 1:27; 2:14-17).
[Фусноти]
a Паганите долго време користеле цветен темјан во своите церемонии, но за Божјиот народ не било неисправно да употребува темјан во вистинското обожавање (2. Мојсеева 30:1, 7, 8; 37:29; Откровение 5:8). Види исто така ”Дали се тоа идолопоклонички симболи?“ во Пробудите се! од 22. XII 1976 [англ.].
b Желбите на семејството треба да се земат во обѕир, бидејќи некои, на пример, објавуваат дека секој кој сака да испрати цвеќе може наместо тоа да даде прилог во собранието или за одредена добротворна цел.