Објавителите на Царството известуваат
Јеховините сведоци проповедаат неформално со добри резултати
МНОГУ луѓе за првпат биле упатени на библиската вистина кога некој Јеховин сведок неформално им сведочел. При тоа Сведоците го следат примерот на Исус Христос, кога неформално ѝ проповедал на една Самарјанка на еден бунар кога дошла да нацрпе вода (Јован, 4. поглавје). Во Источна Африка една жена Јеховин сведок ѝ сведочела неформално на една католичка калуѓерка. Подружницата на Друштвото Стражарска кула раскажува што произлегло од тоа:
◻ Едно рано утро на патот кон градот, жената Сведок сретнала една католичка калуѓерка. Таа искористила прилика да ја запраша калуѓерката: „Каде сте тргнале толку рано?“ Одговорот бил: „Одам да му се помолам на мојот Бог“. Тогаш таа ја прашала калуѓерката: „Дали го знаете името на вашиот Бог?“ „Зарем неговото име не е Бог?“, возвратила калуѓерката. Жената Сведок ѝ понудила да дојде кај неа дома тоа попладне да разговараат за Божјето име. После разговорот калуѓерката отишла во својата црква и прашала еден од свештениците дали знае што значи зборот „Јехова“. Одговорот бил: „Тоа е Божјето име“. Калуѓерката била многу изненадена кога слушнала дека свештеникот знаел, но никогаш не ја поучил за тоа.
Девет дена едноподруго сестрата ја посетувала калуѓерката и ја поучила за вистината за Тројството, душата, огнениот пекол и надежта за мртвите. Жената го впивала сето тоа и потоа ја замолила сестрата да ѝ даде малку време да размисли за сите овие нови учења. По две недели таа повторно контактирала со Сведокот и ја замолила за натамошни разговори. Од тоа време калуѓерката одлучила да ја напушти црквата и веќе ги уништила своите ликови, бројници и крстови. Свештеникот се обидувал да ја наговори да се врати, но таа била решена да ја следи вистината. Подоцна се крстила и повеќе месеци служела како помошен пионер и покрај своето слабо здравје и поодминати години.
Бидејќи нејзината куќа е голема, таа му ја понудила на собранието да ја користи како Царска сала. Браќата го промениле стариот покрив, ги срушиле внатрешните преградни ѕидови и еден голем дел од куќата преправиле во привлечно место за состанување. Ова некогашна католичка калуѓерка сега живее во една соба зад салата. Многу е среќна што можела да го даде овој прилог за обожавањето на Јехова.
◻ Едно друго искуство кое ја покажува мудроста на неформалното сведочење доаѓа од Кампала, Уганда. На патот кон владиното седиште еден Сведок мисионер неформално им зборувал на оние кои се возеле со него во лифтот. Еден човек, г-н Л., изразил желба да ја добие понудената литература, но во моментот не можел да ја земе. Затоа му го дал на Сведокот своето име и адресата од канцеларијата. Подоцна мисионерот отишол таму и го побарал г-н Л. Го викнале, но на изненадување на мисионерот, се појавил друг човек. Во таа канцеларија работеле двајца со истото име. На вториот г-н Л. му било дадено кратко сведоштво, и тој покажал извонреден интерес. Бидејќи првиот г-н Л. го изгубил интересот, била започната библиска студија со вториот г-н Л. Сега тој е крстен Сведок, а неговата сопруга и синот добро напредуваат кон крштение.
Исус Христос е Добриот Пастир и ги знае оние слични на овци чиишто срца се исправно наклонети. Овие искуства илустрираат дека тој ги упатува своите следбеници кај таквите. Неформалното сведочење може да вроди плод (Јован 10:14).