Ти можеш да сведочиш неформално!
1 Колкумина во твоето собрание првпат чуле за вистината преку неформално сведочење? Одговорот на ова прашање можеби ќе те изненади. Всушност, неформално сведочиме кога им ја пренесуваме добрата вест на луѓе што секојдневно ги сретнуваме — кога патуваме, кога одиме на гости кај роднини или соседи, кога пазаруваме, како и на училиште, на работа итн. Во една група од над 200 крстени Сведоци, 40 отсто првпат чуле за вистината преку неформално сведочење! Значи, оваа метода на проповедање е многу делотворна.
2 Христијаните во првиот век честопати сведочеле неформално. На пример, додека патувал низ Самарија, Исус ѝ сведочел на една жена која црпела вода од бунарот на Јаков (Јован 4:6-26). Филип започнал разговор со еден етиопски дворјанин, кој читал од книгата на Исаија, со прашањето: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“ (Дела 8:26-38). Додека бил в затвор во Филипи, апостол Павле му сведочел на еден затворски чувар (Дела 16:23-34). Подоцна, додека бил во куќен притвор, Павле ‚со задоволство ги примал сите што доаѓале кај него и им го проповедал Божјето царство и поучувал за Господарот Исус Христос“ (Дела 28:30, 31). И ти можеш да сведочиш неформално, дури и ако си срамежлив. Како?
3 Како да почнеш: На мнозина од нас им е тешко да започнат разговор со непознати. Може да ни биде малку незгодно да им сведочиме за вистината дури и на оние што ги познаваме. Но, ќе бидеме мотивирани да зборуваме ако размислуваме за Јеховината добрина, за духовното богатство што тој им го дава на своите слуги и за тешката состојба во која се наоѓаат луѓето во светот (Јона 4:11; Пс. 40:5; Мат. 13:52). Освен тоа, можеме да го молиме Јехова да ни помогне да ‚собереме смелост‘ (1. Сол. 2:2). Еден брат што бил на Школата Гилеад рекол: „Молитвата честопати ми помага кога ми е тешко да разговарам со луѓето“. Ако се плашиш да зборуваш, добро е да се помолиш накратко во себе (Неем. 2:4).
4 Како што покажува и називот на овој вид служба, за да сведочиме неформално не мора да започнеме разговор со некој формален вовед или со некој стих. Од помош може да ни биде ако си поставиме цел само да започнеме разговор без да чувствуваме обврска веднаш да сведочиме. Многу објавители велат дека, ако успеат да го направат ова, тогаш им е полесно да почнат да зборуваат за добрата вест. Ако лицето не сака да зборува, не треба по секоја цена да го продолжуваме разговорот. Учтиво заврши го и замини си.
5 Додека пазарува, една срамежлива сестра прво ги погледнува луѓето в очи, а потоа им се насмевнува. Ако лицето возврати со насмевка, таа кажува нешто кратко. Ако лицето реагира позитивно, ова ѝ дава самодоверба да продолжи со разговорот. Таа внимателно слуша и се обидува да процени кој аспект од добрата вест би бил привлечен за соговорникот. На овој начин, таа дала многу публикации и дури започнала библиска студија.
6 Што да кажеш на почетокот: Што може да кажеме за да започнеме разговор? Кога разговарал со жената на бунарот, Исус започнал така што едноставно ѝ побарал вода (Јован 4:7). Значи, би можеле да започнеме разговор само со еден пријателски поздрав или прашање. Во текот на разговорот можеби ќе имаш можност да кажеш некоја мисла од Библијата и така да го посееш семето на вистината (Проп. 11:6). Некои имаат добри резултати со тоа што ќе кажат нешто интересно што ја подбудува љубопитноста на луѓето и ги поттикнува да постават прашање. На пример, додека чекаш за лекарски преглед, би можел да започнеш разговор така што ќе кажеш: „Ќе бидам среќен кога повеќе нема да се разболувам“.
7 Ќе можеме да започнеме разговор и ако ја користиме својата моќ на забележување. Ако видиме дека некој родител има добро воспитано дете, можеме да го пофалиме и да го прашаме: „Што Ви помага да бидете добар родител?“ Додека е на работа, една сестра слуша за што разговараат колегите и потоа им кажува нешто токму за тоа што ги интересира. На пример, кога дознала дека една колешка планира да се мажи, ѝ го дала изданието на Разбудете се! кое зборува за тоа како да се организира свадба. Така се укажала можност и во други наврати да зборуваат за Библијата.
8 Може да започнеме разговор и така што ќе ги читаме нашите публикации кога другите можат да нѐ видат. Еден брат обично отвора Стражарска кула или Разбудете се! на страница каде што има статија со интересен наслов и почнува да ја чита во себе. Ако забележи дека некој во близина гледа во списанието, тој му поставува прашање или кажува нешто кратко во врска со статијата. На тој начин, честопати успева да започне разговор и да сведочи. Дури и ако само оставиме некоја наша публикација таму каде што другите можат да ја видат, можеби ќе ја подбудиме љубопитноста на колегите или соучениците и ќе ги поттикнеме да ни постават прашања во врска со неа.
9 Создавај прилики за разговор: Бидејќи делото на проповедање е многу итно, не треба да чекаме само да ни се укаже можност да сведочиме неформално. Напротив, додека ги извршуваме секојдневните обврски, треба да се трудиме да си создадеме прилики да сведочиме. Размислувај со кои луѓе веројатно ќе се сретнеш и како би можел да започнеш пријателски разговор. Имај при рака Библија, како и публикации што би можел да им ги дадеш на оние што ќе покажат интерес (1. Пет. 3:15).
10 Со малку снаодливост, многу објавители успеале да создадат прилики да сведочат неформално. Една сестра, која живее во зграда со високо обезбедување, го користи заедничкиот простор за рекреација така што составува сложувалки со убави слики од природата. Кога луѓето ќе застанат и ќе кажат нешто за тие слики, таа ја користи можноста да започне разговор и им кажува за библиското ветување за „ново небо и нова земја“ (Отк. 21:1-4). Си размислувал ли на кои сѐ начини би можел да сведочиш неформално?
11 Остани во контакт со заинтересираните: Ако некој покаже интерес, обиди се да останете во контакт за да го продолжите разговорот во друга прилика. Ако е соодветно, на тоа лице би можел да му кажеш: „Навистина уживав во разговорот. Каде можам да Ве најдам за повторно да разговараме?“ Некои објавители едноставно му ја даваат својата адреса и телефонскиот број на тоа лице, и велат: „Ми беше мило што разговаравме. Ова е мојата адреса и телефонскиот број доколку сакате да дознаете уште нешто за оваа тема“. Ако ти лично не си во можност да го посетиш заинтересираниот, пополни го формуларот Те молиме, посети го ова лице (S-43) и дај му го на твојот собраниски секретар, кој ќе контактира со соодветното собрание кое ќе може да се погрижи за тоа.
12 Треба да го известиме времето што го поминуваме во неформално сведочење. Затоа, не заборавај да го запишуваш тоа време дури и ако се само неколку минути во денот. Размисли за следново: Ако секој објавител сведочи неформално по пет минути секој ден, тоа вкупно би било повеќе од 17 милиони часови месечно!
13 Ги имаме најблагородните причини да сведочиме неформално — љубовта кон Бог и кон ближниот (Мат. 22:37-39). Нашето срце, кое е полно со ценење за Јеховините особини и намери, нѐ поттикнува да им зборуваме на другите за ‚славата на неговото величествено царување‘ (Пс. 145:7, 10-12). Искрениот интерес за луѓето нѐ мотивира да ја искористиме секоја прилика да зборуваме за добрата вест додека сѐ уште има време (Рим. 10:13, 14). Ако малку размислуваме и се подготвуваме однапред, сите ќе можеме да сведочиме неформално и можеби ќе му ја пренесеме вистината на некој со искрено срце, а тоа ќе ни донесе голема радоста.
[Прашања]
1. а) Што е неформално сведочење? б) Колку од присутните на овој состанок првпат чуле за вистината преку неформално сведочење?
2. Какви примери за неформално сведочење има во Библијата?
3. Што може да ни помогне да ја надминеме срамежливоста?
4. Каква цел би можеле да си поставиме за почеток, и зошто?
5. Што ѝ помага на една срамежлива сестра да сведочи неформално?
6. Како би можеле неформално да започнеме разговор?
7. Како моќта на забележување ќе ни помогне да сведочиме неформално?
8. Како можеме да користиме наши публикации за да започнеме разговор?
9, 10. а) Како можеме да создадеме прилики за неформално сведочење? б) Како си успевал да го правиш ова досега?
11. Како можеме повторно да контактираме со лице што покажало интерес кога сме му сведочеле неформално?
12. а) Зошто треба да го запишуваме и да го известуваме времето што го поминуваме во неформално сведочење? б) Какви резултати биле постигнати со неформално сведочење? (Види ја рамката „Неформалното сведочење дава резултати!“)
13. Што треба да нѐ мотивира да сведочиме неформално?
[Истакната мисла на страница 4]
Од помош може да ни биде ако си поставиме цел само да започнеме разговор
[Истакната мисла на страница 5]
Со малку снаодливост, многу објавители успеале да создадат прилики да сведочат неформално
[Рамка на страница 5]
Како да се започне разговор
◼ Моли се за помош да почнеш разговор
◼ Пристапи им на оние што изгледаат пријателски и кои не се брзаат
◼ Гледај го лицето в очи, насмевни се и кажи нешто од заеднички интерес
◼ Слушај внимателно
[Рамка на страница 6]
Неформалното сведочење дава резултати!
• Додека чекал во автомеханичарска работилница за да му го поправат автомобилот, еден брат им сведочел на луѓето околу него и им дал покана за јавното предавање што требало да се одржи на обласниот конгрес. Следната година, на друг обласен конгрес, срдечно го поздравил некој брат што не го познавал. Тоа бил еден од оние на кои им дал покана во автомеханичарската работилница! Човекот отишол да го слушне јавното предавање и побарал некој да ја проучува Библијата со него. И тој и неговата сопруга се крстиле.
• Една сестра, која ја дознала вистината преку неформално сведочење, си поставила цел да им сведочи на луѓето со кои има контакт поради своите три деца. Во нив спаѓаат соседите и родителите што ги сретнува на училиште и на родителските состаноци. Секогаш кога ќе се претстави, таа на едноставен, но искрен начин кажува дека Библијата многу ѝ помага во воспитувањето на децата, а потоа преоѓа на некоја друга тема. Но, бидејќи со тоа веќе го скршила мразот, многу ѝ е полесно да ја спомне Библијата во следните разговори. На овој начин, таа им помогнала на 12 лица да се крстат.
• Кога некој претставник на осигурителна компанија дошол на врата кај една наша сестра, таа ја искористила можноста да му сведочи. Го прашала дали би сакал некој да му гарантира добро здравје, среќа и вечен живот. Тој рекол дека сака, и прашал за каков вид осигурување станува збор. Таа му покажала што ветува Бог во Библијата и му дала една наша публикација, која ја прочитал за една вечер. Со него била започната библиска студија. Почнал да доаѓа на состаноците и подоцна се крстил.
• Додека патувала со авион, една сестра почнала разговор со жената што седела до неа и можела да ѝ сведочи. Кога авионот слетал, сестрата ѝ ја дала на жената својата адреса и телефонскиот број, и ја поттикнала да побара библиска студија следниот пат кога ќе ја посетат Јеховини сведоци. Веќе следниот ден, две сестри дошле на вратата на жената. Таа почнала да ја проучува Библијата, брзо напредувала, се крстила и наскоро и таа водела три библиски студии.
• Еден слеп брат, кој има 100 години и живее во старечки дом, честопати вели: „Ни треба Царството“. Тоа ги поттикнува медицинските сестри и пациентите да му поставуваат прашања, а тој потоа им објаснува што е Царството. Една од жените која работи таму го прашала што ќе прави во Рајот. А тој одговорил: „Повторно ќе гледам и ќе одам и ќе ја запалам мојата количка“. Бидејќи е слеп, тој ја замолил да му ги чита списанијата. Кога го посетила ќерка му, жената ја прашала дали ќе ѝ дозволи да ги земе списанијата дома. Една медицинска сестра ѝ рекла на ќерката: „Нашето ново мото во старечкиот дом е: ‚Ни треба Царството‘“.
• Додека чекала на ред во некој ресторан, една сестра наслушнала како една група постари мажи, кои седеле во близина, разговараат за политика. Еден од нив рекол дека владата не може да ги реши нивните проблеми. Сестрата си рекла: „Ова ми е шанса“. Кратко се помолила и им пристапила. Откако се претставила, им кажала дека постои влада, Божјето Царство, која ќе ги реши проблемите на луѓето и им ја понудила брошурата што ја имала со себе. Токму тогаш дошол сопственикот на ресторанот. Сестрата си помислила дека ќе ја замоли да си замине. Наместо тоа, ѝ рекол дека го слушал разговорот и дека и тој би сакал една брошура. Една од вработените, која исто така ги слушала, им пристапила со солзи во очите. Таа порано ја проучувала Библијата и сега сакала да продолжи со студијата.