Дали си подготвен за неформално сведочење?
1. Кој пример покажува дека неформалното сведочење може да биде ефикасно?
1 Неформалното сведочење може да биде многу ефикасно. Во Библијата се запишани повеќе примери за неформално сведочење кое дало добри резултати (Јован 4:7-15). Како би можеле да се подготвиме за овој вид сведочење?
2. Како нашата облека и изгледот можат да ни помогнат да сведочиме?
2 Облека и изглед: Доколку внимаваме на својата облека и на изгледот, ќе можеме слободно да зборуваме за нашата вера со другите (1. Тим. 2:9, 10). Ако ни е непријатно поради нашиот изглед, веројатно ќе се колебаме да сведочиме. Од друга страна, самото тоа што сме уредни и чисти може да ја разбуди љубопитноста на луѓето. На пример, додека патувале, еден брачен пар Сведоци седеле до некој муслиман. Кога го забележал нивниот изглед, човекот ги прашал дали се христијани. Така започнале разговор за Библијата кој траел три часа.
3. Следејќи го примерот на Исус, како ти си започнал некој разговор?
3 Како да започнеш разговор: Кога ја сретнал Самарјанката кај бунарот на Јаков, Исус започнал разговор едноставно со тоа што ја замолил да му даде вода. И ние би можеле да започнеме разговор со некој краток вовед или со едноставно прашање. Иако можеби понекогаш ќе се колебаме, ако имаме доверба дека Јехова ќе ни помогне, можеме да ‚собереме смелост‘ да започнеме разговор (1. Сол. 2:2).
4. Како можеме да се подготвиме за неформално сведочење?
4 Создавај прилики: Многу објавители сведочеле неформално на разни начини. Размисли за своите околности и за луѓето што веројатно ќе ги сретнеш во текот на денот. Носи со себе соодветни публикации и Библија. Набљудувај ги и интересирај се за луѓето околу тебе. Доколку однапред размислиш за тоа какви прилики можеби ќе ти се укажат во текот на денот, веројатно ќе можеш да дадеш убаво сведоштво (Фил. 1:12-14; 1. Пет. 3:15).
5. Зошто мораме да го планираме неформалното сведочење?
5 Имаме две добри причини да ја искористиме секоја прилика да сведочиме неформално — љубовта кон Бог и љубовта кон ближниот (Мат. 22:37-39). Со оглед на итноста на проповедничкото дело, мораме да го планираме неформалното сведочење. Треба да бидеме подготвени да ја искористиме секоја поволна прилика за да им ја пренесеме на другите добрата вест за Царството додека сѐ уште има време (Рим. 10:13, 14; 2. Тим. 4:2).