Слави го Јехова сведочејќи неформално
1 Лојалните слуги на Јехова бараат прилики да го слават секој ден (Псал. 96:2, 3; Евр. 13:15). Еден начин на кој можеме да го правиме тоа е со неформално сведочење. Многу обожаватели на Јехова денес се благодарни за тоа што некој ги запознал со пораката за Царството преку неформално сведочење.
2 Тоа што неформално ќе се посведочи на едно лице честопати го отвора патот и други да ја чујат пораката за Царството. На пример, разговорот на Исус со Самарјанката на Јакововиот извор довел до тоа и многу други да се заинтересираат за добрата вест (Јован 4:6—30, 39—42). Додека Павле и Сила биле во затвор во Филипи му сведочеле на темничарот и целото домаќинство на тој човек ја прифатило вистината (Дела 16:25—34).
3 Прилики: Кои прилики за неформално сведочење ги имаш? Некои го прават тоа додека пазаруваат, додека се возат со јавен превоз или додека чекаат кај лекар. Други можат да сведочат за време на паузата на работа или на училиште. Самото тоа да се има една од нашите библиски публикации на видливо место може да ги поттикне другите да се распрашаат за нашите верувања (1. Петр. 3:15).
4 Како да се почне: Едно срамежливо седумгодишно девојче слушнало на еден состанок колку е важно сите да проповедаат. Па така, кога отишло да пазарува со мајка си, ставило во својата чанта две брошури. Додека мајката била зафатена на касата, девојчето ѝ понудило брошура на една жена која љубезно ја зела. Кога го прашале како собрало храброст да ѝ пријде на жената, ова срамежливо девојче одговорило: „Само си реков: ‚Три, четири, сега! И тргнав!‘“
5 За да сведочиме неформално, треба да имаме дух како ова мало девојче. Што може да ни помогне? Моли се за храброст да зборуваш (1. Сол. 2:2). Имај подготвено прашање или коментар за некоја интересна тема што можеш да го употребиш за да започнеш разговор. Потоа имај доверба дека Јехова ќе ги благослови твоите напори (Лука 12:11, 12).
6 Тоа што неформално им сведочиме на луѓето што ги среќаваме секој ден му донесува фалба на Јехова и ни носи радост. Тоа може да му помогне на некого да тргне по патот до вечен живот.