Добредојдовте на Обласните конгреси „Светлоносци“
НА првиот ден од деновите на создавањето се случило создавањето на светлината во поглед на Земјата. Читаме дека Јехова Бог рекол: „Нека биде светлина“. „И би светлина“ (1. Мојсеева 1:3). Тоа е доследно на она што го запишал апостол Јован: „Бог е светлина и во заедница со него воопшто нема никаква темнина“ (Јован 1:5, NW).
Бидејќи Божјиот Син е во заедница со својот Татко, не е изненадувачки што Исус еднаш рекол: „Јас сум Светлина на светот“ (Јован 9:5). Ние можеме да излеземе од темнината и да влеземе во светлината ако положиме вера во Јехова Бог и во неговиот Син. Исус исто така посведочил: „Јас како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина“ (Јован 12:46). Затоа, Исус со право рекол за своите вистински следбеници: „Вие сте светлината на светот (...) Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:14, 16).
Колкав благослов е да се има вистината, разбирањето на Божјата Реч како што ја објаснил „верниот и разумен роб“! (Матеј 24:45-47, NW). Повеќе не сме измамени со верувањето во Тројство; повеќе не сме збунети во поглед на тоа зошто еден семоќен и доброљубив Бог го дозволува злото и насилството; повеќе не сме во сомнение што се однесува до состојбата на умрените. Светлината ни дала надеж, надеж во Царството. Светлината на вистината ни дала цел во животот, да служиме за целта за која првобитно и сме биле создадени, да го славиме нашиот Творец, Јехова Бог. Тоа го правиме на тој начин што сме носители на светлината. Да се биде носител на светлина е голема чест и предност, но и сериозна одговорност. За да добро ја исполниме таа одговорност, треба да ја искористиме сета помош која Јехова ја овозможува. Затоа колку е прикладно што нашите обласни конгреси за 1992 треба да бидат наречени Обласни конгреси „Светлоносци“!
За да ги подобриме своите вештини и ценењето за нашата улога како носители на светлина, ќе сакаме да посетиме барем еден од овие конгреси, да бидеме присутни на почетната песна и да останеме до завршната молитва. И сакаме да го сосредоточиме вниманието на сето она што ќе се зборува од говорницата, било да се тоа предавања, интервјуа, искуства или драма. Ако правиме забелешки, не само што тоа ќе ни помогне подоцна да се повикаме на нешто за да го освежиме своето сеќавање, туку многу ќе ни помогне и да се сконцентрираме на она што се изнесува. Да, за време на сета конгресна програма сакаме ‚да пазиме како слушаме‘ (Лука 8:18).