2. дел — Јехова се грижеше за нас и под забрана
ЗА ВРЕМЕ на II Светска војна копецот од каишот на мојата нацистичка војничка униформа носеше натпис „Бог е со нас“. За мене тоа беше уште еден од многуте докази за вмешаноста на црквата во војната и крвопролевањето. Тоа ми беше одвратно. Така додека разговарав со двајца Јеховини сведоци во Лимбах-Оберфрона, Источна Германија, веќе ми се гадеше од религијата и станав атеист и еволуционист.
„Немојте да се лажете дека ќе станам Јеховин сведок“, им реков на Сведоците кои ме посетија. Но нивните аргументи ме уверија дека Бог постои. Од љубопитство купив Библија и со текот на времето почнав да проучувам со нив. Тоа беше во летото 1953, кога активностите на Јеховините сведоци веќе скоро три години беа под комунистичка забрана.
Стражарска кула од 15 август 1953 тогаш ја опишуваше ситуацијата на Јеховините сведоци со зборовите: „Иако постојано се под присмотра и закана, иако не можат да се посетуваат еден со друг без претходно да се осигурат дека некој не ги следи, иако кога некого ќе го откријат дека поседува литература од Watchtower значи казна затвор од две до три години заради „растурање на подбуцнувачка литература“, и иако стотици од повеќето зрели браќа кои го преземаа водството, се в затвор, сепак Јеховините сведоци во Источна Германија и понатаму проповедаат“.
Во 1955, мојата сопруга Регина и јас присуствувавме на меѓународниот конгрес на Јеховини сведоци во Нирнберг, Западна Германија, а следната година обајцата се крстивме во Западен Берлин. Се разбира, тоа беше во 1961, пред да биде подигнат Берлинскиот ѕид, кој ја отсече Источна Германија од Западен Берлин. Но дури и пред да се крстам, мојата лојалност кон Јехова беше ставена на испит.
Преземање одговорност
На собранието на Јеховини сведоци во кое почнавме да одиме во Лимбах- Оберфрона, му требаше некој кој би собирал литература во Западен Берлин. Ние имавме мал дуќан и две малечки деца, но службата за Јехова веќе беше станала средиште на нашиот живот. Го прилагодивме нашиот стар автомобил во кој можевме да скриеме 60 книги. Да се биде курир беше ризична работа, но тоа ме научи да се потпирам на Јехова.
Минувањето со автомобил од Источен Берлин во Западниот сектор не беше лесно, и честопати се чудам како успевавме во тоа. Еднаш ја собиравме литературата во слободниот сектор и ги криевме книгите во автомобилот пред да ја поминеме границата назад кон Источна Германија.
Во друга прилика, штотуку завршивме со криењето на книгите, кога од еден стан излезе еден странец. „Еј, ти“, извика тој. Срцето престана да ми чука. Дали нѐ беше посматрал? „Друг пат подобро одете на друго место. Источногерманскиот полициски автомобил стои онаму на аголот, и можат да ве фатат.“ Јас длабоко се издишав. Границата ја поминавме без проблеми, а ние четворицата во автомобилот пеевме по целиот пат до дома.
Подготовка за изолација
Во 1950-те години браќата во Источна Германија се потпираа на оние од Запад за литература и водство. Но во 1960 беа направени измени кои му помогнаа на секој Сведок во Источна Германија да остане во близок контакт со другите Сведоци на подрачјето кадешто живееше. Тогаш, во јуни 1960, во Берлин се школуваше првиот клас од старешини во Школата на служба за Царството . И јас присуствував на овој прв четиринеделен курс. Не поминаа ни шест седмици, а ние наеднаш бевме остечени од Западот кога беше подигнат Берлинскиот ѕид.
Некои се плашеа дека активностите на Јеховините сведоци во Источна Германија ќе престанат. Меѓутоа, организациските измени што беа воведени пред неполна година, ни помогнаа да го одржиме духовното единство и силата. Покрај тоа, обуката што ја добивме од старешините кои присуствуваа на првиот клас од Школата на служба за Царството, ги опреми да ја пренесат оваа обука и на други браќа. Така Јехова нѐ подготви за изолацијата, исто како што нѐ подготви за забраната во 1950 преку обласните конгреси во 1949.
Отсечени од Западот, беше јасно дека мораме да преземеме иницијатива за да ја одржиме организацијата во движење. Им пишавме на нашите христијански браќа во Западен Берлин и предложивме состанок со нив на еден автопат на Истокот кој беше достапен за патници од Западот. На договореното место се преправавме дека имаме дефект. По неколку минути, допатуваа браќата и ни донесоа библиска литература. За среќа, ми го донесоа и мојот учебник од Школата на служба за Царството, забелешките што ги правев и Библијата што ја оставив во Берлин од безбедносни причини. Колку беше возбудливо што ги добив назад! Не ни бев свесен колку многу ќе ми требаат овие работи во текот на следните неколку години.
Илегална школа
По неколку дена, добивме инструкции да организираме класови во сите делови на Источна Германија. Беа наименувани четворица инструктори, вклучувајќи ме и мене. Но мене ми изгледаше невозможна задачата да обучувам старешини додека нашето дело беше под забрана. За да прикриеме што правиме, решив да ги организираме класовите во вид на излет.
Секој клас се состоеше од четири студента и јас како инструктор, плус шести брат кој служеше како готвач. Сопругите и децата беа исто така присутни. Така најчесто имавме група од 15 до 20 души. Обичните излетнички места не доаѓаа предвид, па така моето семејство и јас тргнавме во потрага по прикладни локации.
Во една прилика, додека патувавме низ едно село, забележавме патека која од главниот пат водеше во една шумичка со дрвја. Изгледаше идеална, затоа отидов кај градоначалникот. „Бараме некое место за да поминеме неколку седмици кампување со неколку други семејства“, објаснив. „Сакаме да бидеме на безбедно, така што децата да можат да скокаат наоколу. Дали можеме да ги користиме дрвјата онаму?“ Тој се согласи, и ние направивме подготовки.
На самото место ги поставивме шаторите и мојата камп-приколка, така што направивме еден средишен четириаголник кој беше скриен однадвор. Камп- приколката ни служеше како училница. Во неа се состанувавме за интензивно проучување 14 дена по 8 часа дневно. Наоколу имаше столици и маса, поставени така само за во случај ако наиде неочекувана посета. А такви имаше! Во тие моменти навистина ја ценевме љубезната поддршка од нашите семејства.
Додека ги одржувавме часовите, нашите семејства чуваа стража. Во една таква прилика, градоначалникот, кој воедно беше и секретар на комунистичката партија, го здогледаа како доаѓа по патеката кон нашата шумичка. Стражарот притисна копче кое преку жица беше поврзано за алармот во камп- приколката. Веднаш искокавме од приколката и зазедовме однапред подготвени места околу масата и почнавме да играме карти. Имаше дури и шише ракија за сцената да изгледа што пореалистично. Градоначалникот направи љубезна посета и си отиде без какво и да е сомневање во она што навистина се случуваше.
Часовите од Школата на служба за Царството се одржуваа по целата земја од пролетта 1962 па сѐ до 1965. Интензивната обука која се добиваше таму, а која вклучуваше информации за тоа како да се соочиме со нашата посебна ситуација во Источна Германија, ги подготви старешините за надгледување на делото на проповедање. За да можат да присуствуваат на часовите, старешините не само што ги жртвуваа своите годишни одмори, туку ризикуваа и затвор.
Користи од Школата
Властите внимателно ги набљудуваа нашите активности, и кон крајот на 1965, откако повеќето старешини поминаа низ школата, се обидоа да ѝ зададат смртоносен удар на нашата организација. Уапсија 15 Сведоци за кои се сметаше дека го предводат делото. Тоа беше добро подготвена акција која ја преплави целата земја. Повторно, многумина мислеа дека Сведоците ќе престанат да функционираат. Но со Јеховина помош, се прилагодивме на ситуацијата и продолживме со нашето дело како и пред тоа.
Она што особено го овозможи тоа, беше обуката што ја добија старешините во Школата на служба за Царството и врските на доверба кои нераскинливо се формираа преку дружењето на кое му се радуваа за време на тие часови. Така организацијата ја покажа својата храброст. Колку е важно што послушно ги следевме организациските инструкции! (Исаија 48:17, NW).
Во следните месеци стана очигледно дека масовните рестрикции од управните власти имаа мал спротивен ефект врз нашата активност. По кратко време бевме во можност да продолжиме со часовите на Школата на служба за Царството. Штом властите ќе ја забележеа нашата еластичност, беа присилени да ја променат својата тактика. Каков триумф за Јехова!
Активни во службата
Во тоа време нашата група за собраниска студија на книга се состоеше од околу пет души. Секој од нас ја добиваше библиската литература преку оваа подготовка за студија на книга, а делото на проповедање се координираше преку овие мали студиски групи. Од почетокот, Јехова нѐ благослови Регина и мене со многу луѓе кои сакаа да ја проучуваат Библијата.
Службата од куќа до куќа беше прилагодена за некако да нѐ заштити да не бидеме откриени и уапсени. Ќе поѕвоневме на една адреса, потоа ќе прескокневме неколку куќи пред да почукаме на друга врата. Во една куќа една госпоѓа нѐ покани Регина и мене да влеземе. Разговаравме за една библиска тема со неа кога во собата влезе нејзиниот син. Тој беше многу директен.
„Дали некогаш сте го виделе вашиот бог?“, праша тој. „Само колку да знаете, јас верувам само во она што го гледам. Сето друго е бесмислица.“
„Не верувам дека е така“, одговорив јас. „Дали некогаш сте го виделе својот мозок? Сѐ што правите укажува на тоа дека го имате.“
Регина и јас понудивме други примери кои луѓето ги акцептираат без да ги видат, како на пр. струјата. Младичот внимателно слушаше, и започнавме домашна библиска студија со него и неговата мајка. Обајцата станаа Сведоци. Всушност, 14 лица со коишто мојата сопруга и јас проучувавме, станаа Сведоци. Половината од нив ги пронајдовме со посетувања од куќа до куќа, а другата половина за првпат ги сретнавме во текот на неформални сведочења.
Штом ќе се воспоставеше редовна библиска студија, и лицето го сметавме за доверливо, го повикувавме на нашите состаноци. Но, главниот услов беше интересентот да не ја загрози безбедноста на Божјиот народ. Така, понекогаш ќе поминеше околу една година додека да го повикаме интересентот на состанок, а понекогаш и многу подолго. Се сеќавам на еден човек кој беше угледен; беше во блиски односи со високи функционери на комунистичката партија. Девет години ја беше проучувал Библијата пред да му дозволат да ги посетува состаноците! Денес тој човек е наш христијански брат.
Властите сѐ уште ни се зад пети
По 1965 повеќе не доживеавме масовни апсења, но не нѐ оставија ни на мира. Властите сѐ уште нѐ контролираа. Во тоа време бев одблиску запознаен со функционирањето на нашата организација, така што службениците ми обрнуваа посебно внимание. Безброј пати ме водеа на сослушување, ме одвезуваа во полициската станица и ме испрашуваа. „Можете да се поздравите со вашата слобода“, ќе ми речеа. „Одовде одите в затвор.“ Но секојпат веднаш ќе ме пуштеа.
Во 1972 ме посетија двајца службеници и несакајќи, ѝ дадоа добар комплимент на нашата организација. Тие ја прислушкувале нашата собраниска студија на Стражарска кула. „Мислиме дека статијата е многу нападна“, приговараа тие. Очигледно беа загрижени за она – што другите би помислиле за комунистичката идеологија ако би ја прочитале статијата што се разгледуваше. „Најпосле“, рекоа тие, „Стражарска кула има тираж од пет или шест милиони, и се чита во земјите во развој. Тоа не е само ефтин таблоид.“ Си мислев: „Е, да знаете дека сте во право!“
До 1972, 22 години бевме под забрана, а Јехова нѐ водеше љубезно и мудро. Грижливо ги следевме неговите упатства, но требаше да поминат уште 18 години додека Сведоците во Источна Германија станаа законски признати. Колку сме благодарни за слободата што сега ја уживаме во обожавањето на нашиот Бог, Јехова! (Раскажал Хелмут Мартин.)