1. дел — Јехова се грижеше за нас и под забрана
Со децении Јеховините сведоци им се восхитуваа на своите браќа во земјите кадешто нивните христијански активности беа ограничени. Нѐ радува што можеме да ја прикажеме првата од трите статии кои откриваат нешто од она што се случуваше. Ова се лични извештаи од верни христијани од некогашната Источна Германија.
ВО 1944 бев германски воен забореник и работев како болничар во логорот Камнок, близу Еар, Шкотска. Можев да се движам надвор од логорот, иако дружењето со месното население беше ограничено. Шетајќи се една недела, сретнав еден човек кој правеше сериозни напори да ми објасни некои работи од Библијата. После тоа честопати шетавме заедно.
Со текот на времето тој ме покануваше дома. Тоа беше ризично за него, бидејќи јас бев припадник на непријателска нација. Во тоа време не увидував дека тој е еден од Јеховините сведоци — состанокот очигледно беше една од нивните мали групи за проучување на Библијата. Иако не сфаќав баш многу, јасно се сеќавам на една слика на дете во долга, бела облека, со лав и јагне. Овој опис на новиот свет, како што е опишан во библиската книга Исаија, кај мене остави длабок впечаток.
Во декември 1947 ме пуштија од затворскиот логор. По враќањето во Германија, се оженив со Маргит, со која се знаевме уште пред војната. Се населивме во Цитау, близу до границата со Чехословачка и Полска. По неколку дена на нашата врата зачука еден од Јеховините сведоци. „Ако е тоа истата група што ја запознав во Шкотска“, ѝ реков на мојата сопруга, „тогаш мораме да им се приклучиме.“ Истата седмица присуствувавме на нашиот прв состанок со Сведоците.
Наскоро од Библијата научивме дека е потребно да се присуствува на христијанските состаноци и да се учествува во делото на проповедање. Всушност, она што Сведоците го учеа од Библијата наскоро стана најважната работа во нашиот живот. Со текот на времето почнав да водам една група за проучување на Библијата. Тогаш, во февруари 1950, двајца патувачки надгледници ме запрашаа: „Дали некогаш би сакале да бидете потопени во вода?“ Истото попладне Маргит и јас го симболизиравме нашето предание на Бог со крштевање.
Почнуваат проблеми
Цитау се наоѓаше во советската зона на Германија, а напорите да им се создадат проблеми на Јеховините сведоци, започнаа во 1949. Со многу тешкотии успевавме да добиеме простории за малиот собир во Бауцен. Тогаш, во текот на летото, неочекувано беа откажани посебните возови за големиот обласен конгрес во Берлин. Сепак, илјадници беа присутни.
Собраниските состаноци исто така беа вознемирувани. Доаѓаа дофрлувачи само за да викаат и вреват. Во една прилика бевме скоро присилени да го прекинеме предавањето на патувачкиот надгледник. Печатот нѐ нарекуваше пророци на несреќата. Весниците дури тврдеа дека сме се собирале на врвовите од ридовите и сме чекале да бидеме однесени на облаците. Весниците исто така наведуваа изјави на некои девојки кои велеа дека Сведоците се обидувале да извршат неморал со нив. Објаснувањето дека ‚оние кои му се предаваат на Јехова ќе добијат вечен живот‘, беше извртено во: оние кои водат љубов со Сведоците, ќе постигнат вечен живот.
Подоцна не обвинија и дека сме воени поттикнувачи. Она што го зборувавме за Божјата војна на Армагедон, беше погрешно интерпретирано како да ја поддржуваме трката во вооружување и војната. Каков апсурд! Сепак, во август 1950, кога дојдов во ноќната смена во печатницата кадешто работев како печатарски работник за локалниот весник, ме запреа на портата. „Отпуштен си“, ми рече стражарот, кого го придружуваа двајца полицајци. „Вие сте симпатизер на војната.“
Кога се вратив дома, на Маргит ѝ олесна. „Барем нема повеќе да работиш во ноќната смена“, рече таа. Не бевме загрижени. Наскоро најдов друга работа. Имавме доверба во Јехова дека ќе се погрижи, и така и беше.
Нашето дело се забранува
На 31 август 1950, активностите на Јеховините сведоци во Германската Демократска Република беа забранети. Следуваше бран од апсења. Сведоците беа ставани на искушение, а некои добија и доживотни казни затвор. Двајца од Цитау, коишто страдаа во концентрационите логори за време на нацизмот, сега беа затворени од комунистите.
Надгледникот на нашето собрание беше затворен заедно со неговата сопруга. Оние кои ги затворија, ги оставија во куќата нивните две мали дечиња да се грижат сами за себе. Родителите на мајката ги зедоа децата, а денес обете девојки се ревносни во зборувањето со другите за Божјето Царство.
Курири од Источна Германија патуваа до Берлин и назад за да соберат литература од прифатилиштата во трите западни сектора. Многу од овие храбри курири беа уапсени, изведени пред суд и беа затворени.
Едно рано утро се појавија властите за да го пребараат нашиот стан. Ние насетувавме дека ќе дојдат, така што сите собраниски забелешки коишто ги чував, ги сокрив во нашиот амбар, веднаш до кошницата со пчели. Инсектите никогаш мене не ми сметале, но кога луѓето почнаа да претураат наоколу, наеднаш беа опколени од облак од пчели. Единствено што можеа да направат беше да побегнат!
Јехова нѐ подготви за прогонствата преку конгресот што се одржа во 1949. Програмата нѐ поттикна да ја засилиме личната студија, присуствувањето на состаноците и нашата активност во проповедањето, и да се потпираме еден на друг заради поддршка и охрабрување. Тоа навистина ни помогна да останеме лојални. Така, дури и кога луѓето нѐ критикуваа и пцуеја, не обрнувавме внимание на тоа.
Одржување состаноци под забрана
По објавувањето на забраната, се сретнав со двајца Сведоци за да поразговараме како да продолжиме со нашите собраниски состаноци. Присуствувањето беше опасно, бидејќи ако те уапсеа на лице место, можеше да значи казна со затвор. Ги повикавме Сведоците од нашето подрачје. Некои беа вознемирени, но охрабрувачки беше што сите ја увидоа потребата да присуствуваат на состаноците.
Еден интересент кој имаше амбар, го понуди да го користиме како место за состанување. Иако се наоѓаше в поле и беше видлив од сите страни, амбарот имаше заден влез кој излегуваше на патека што беше скриена од грмушките. Така, нашето доаѓање и заминување не можеше да се забележи. Цела зима тој стар амбар ни служеше како место за состаноците кои ги одржувавме на лабма, со околу 20 присутни. Се среќававме секоја седмица заради студирање на списанието Стражарска кула и за Состаноците за служба на проповедање. Програмата беше прилагодена според околностите, и нагласуваше дека мораме да останеме духовно активни. Бевме возбудени што наскоро можевме да му изразиме добредојде на истиот тој интересент како на наш нов брат во вистината.
Кон средината на 1950-те, судските казни станаа поблаги, а некои браќа беа пуштени од затвор. Многумина беа депортирани во Западна Германија. Што се однесува до мене, работите добија неочекуван пресврт по посетата на еден брат од Западна Германија.
Мојата прва главна задача
Братот себеси се нарекуваше Ханс. По разговорот бев замолен да се обратам на една адреса во Берлин. Откако ја утврдивме лозинката по начинот на ѕвонењето, ме поканија внатре. Ми се придружија две лица и започнавме пријатен, но многу долг разговор. Најпосле дојдоа до она заради кое ме беа повикале: „Ако ти се понуди посебна задача, дали би ја прифатил?“
„Се разбира“, беше мојот одговор.
„Фино“, рекоа тие, „тоа е сѐ што сакавме да знаеме. Ти пожелуваме среќен пат до дома.“
По три недели ме замолија да се вратам во Берлин и пак се најдов во истата соба. Откако ми врачија карта на регионот околу Цитау, браќата дојдоа до главната точка. „Немаме никаков контакт со Сведоците во оваа област. Дали би можел за нас да го обновиш контактот?“
„Се разбира дека сакам“, одговорив брзо. Областа беше огромна, долга преку 100 километри, од Риза до Цитау, и широка 50 километри. А сѐ што имав беше мојот велосипед. Откако воспоставив контакт со поедини Сведоци, секој беше вклучен во своето собрание кое редовно испраќаше претставници во Берлин по литература и упатства. Ова метода беше заштита за другите собранија да не бидат загрозени кога властите прогонуваа некое од собранијата.
Верувај во Јехова
И покрај прогонството, во послушност на библиските упатства, никогаш не се откажавме од одењето од куќа до куќа со нашата порака за Божјето Царство (Матеј 24:14; 28:19, 20; Дела на св. апостоли 20:20). Одевме на адресите по препорака од поединци кои веќе се знаеја со нас, и се радувавме на некои прекрасни искуства. Понекогаш дури и нашите грешки се претвораа во благослови, како што покажува следното искуство.
Мојата сопруга и јас добивме една адреса за да ја посетиме, но поѕвонивме во погрешна куќа. Кога се отвори вратата, забележавме дека на закачалката виси полициска униформа. Лицето на Маргит пребледе; срцето почна силно да ми чука. Тоа можеше да значи затвор. Имаше време колку набрзина да се помолиме.
„Кои сте вие?“, праша човекот кратко. Останавме ладнокрвни.
„Сигурна сум дека ве познавам од некаде“, рече Маргит, „но не можам да се сетам откаде. Да, вие сте полицаец. Сигурно сум ве сретнала на должност.“
Тоа ја ублажи ситуацијата, и тој праша со љубезен тон: „Дали сте вие Сведоци?“
„Да,“, се придружив и јас, „ние сме Сведоци, и морам да ви признам дека ни беше потребна храброст да почукаме на вашата врата. Заинтересирани сме за вас лично.“
Тој нѐ покани внатре. Го посетивме повеќе пати и започнавме библиска студија. Со текот на времето, овој човек стана наш христијански брат. Колку ова искуство ја зајакна нашата доверба во Јехова!
Сестрите често служеа како курири, што од нив бараше да положат безусловна доверба во Јехова. Таков беше случајот кога еднаш Маргит патуваше во Берлин по литература. Се случило нешто далеку над очекувањата. Тешкиот, претоварен куфер беше врзан со конец за сушење алишта. Сѐ одело добро додека Маргит била во возот. Тогаш дошол граничниот службеник.
„Чие е ова, и што има во него?“, праша тој со заповеднички глас, покажувајќи на куферот.
„Тоа е мојата облека“, одговорила Маргит.
Тој сомнително ѝ наредил да го отвори. Полека и претпазливо, еден јазол по друг, Маргит почнала да го оврзува конецот за алишта околу куферот. Бидејќи работата на граничните службеници бара да патува со возот само извесно растојание, а потоа да слезе и на враќањето да се качи на друг воз, тој станувал понестрплив. Најпосле, кога останале уште само три јазла, тој се откажал. „Чистете се, и носете си ги тие алишта со вас“, викаше разлутено.
Лична заштита од Јехова
Честопати ноќе не спиев подолго од четири часа, затоа што за собраниските работи обично се грижев под закрила на мракот. После една таква ноќ, на нашата врата утрото заѕвонија службеници. Дојдоа да извршат претрес. Беше предоцна да се скрие што и да било.
Службениците цело утро го превртуваа станот наопаку, дури го пребараа и тоалетот, случајно да не сме скриле нешто во него. На никој не му текнуваше да го пребара моето палто кое висеше на закачалката. Набрзина бев сокрил документи во многуте џебови. Џебовите беа преполни токму со она кое службениците го бараа, но си заминаа со празни раце.
Во една друга прилика, во август 1961, бев во Берлин. Испадна така што тоа беше моето последно собирање литература пред подигнувањето на Берлинскиот ѕид. Берлинската железничка станица вриеше од луѓе кога се спремав да се вратам во Цитау. Возот пристигна и сите се втурнаа на перонот за да се качат. Однесен од турканицата, наеднаш се најдов во еден празен дел од возот. Само што се качив во возот, стражарот ја заклучи вратата однадвор. Бев сам во едно купе, додека останатите патници беа збиени во другиот дел од возот.
Заминавме за Цитау. Некое време бев сам во вагонот. Тогаш возот запре и се отвори вратата од моето купе. Влегоа десетина советски војници. Дури тогаш забележав дека сум патувал во вагон резервиран за советската армија. Си реков, отвори се црна земјо голтни ме. Сепак, војниците немаа ништо против.
Продолживме кон Цитау кадешто се отворија вратите од нашиот вагон и војниците искокаа надвор. Започнаа да ги претресуваат сите патници на станицата. Јас бев единствениот кој можеше да замине непречено. Многумина од војниците дури и ме поздравуваа, мислејќи дека сум висок офицер.
Дури отпосле увидов колку беше вредна таа литература, затоа што подигнувањето на Берлинскиот ѕид привремено го прекина нашиот канал за набавка. Сепак, таа литература беше доволна да ни послужи за неколку месеци. Во меѓувреме беа направени подготовки да останеме во меѓусебен контакт.
Подигањето на Берлинскиот ѕид во 1961 донесе промени за нас во Источна Германија. Но, како и секогаш, Јехова беше зад настаните. Тој продолжи да се грижи за нас и под забрана. (Раскажал Херман Лаубе.)
[Слика на страница 27]
Се радувавме на малиот собир во Бауцен