3. дел — Јехова се грижеше за нас и под забрана
БЕШЕ 14 март 1990 година. На тој значаен ден јас бев меѓу присутните кога во Министерството за верски прашања во Источен Берлин, еден висок владин службеник го врачи документот со кој на Јеховините сведоци им се доделува законски статус во поранешната Демократска Република Германија, или Источна Германија. Тој ден за време на протоколот мислев на времето кога станав Сведок и размислував за тешките времиња што ги доживеавме.
Кон средината на 1950-тите кога Маргарете, колешка која беше Сведок, најпрвин ми зборуваше за нејзините библиски втемелени верувања, прогонството на Јеховините сведоци во Источна Германија беше жестоко. Набргу после тоа таа замина да работи на друго место, а јас почнав да ја проучувам Библијата со друг Сведок. Се крстив во 1956, и Маргарете и јас се венчавме истата година. Бевме поврзани со собранието Лихтенберг во Берлин. Тоа имаше околу 60 објавители на Царството кои учествуваа во делото на проповедање.
Две години по моето крштение, во станот на еден кој го преземаше водството во нашето собрание, дојдоа владини службеници. Сакаа да го уапсат, но тој беше на работа во Западен Берлин. Неговото семејство успеа да го извести да остане таму, и по неколку месеци и тие отидоа кај него на Запад. Иако имав само 24 години, тогаш имав тешка одговорност во собранието. Благодарен сум што Јехова ја овозможува мудроста и силата кои се потребни за да се грижиме за такви служби (2. Коринтјаните 4:7).
Прибавување на духовна храна
Кога во август 1961 беше подигнат Берлинскиот ѕид, Јеховините сведоци на Исток наеднаш беа изолирани од своите браќа на Западот. Така почна период кога правевме копии од нашата литература, најпрвин на машина за пишување, а потоа со повеќе машини за умножување. Почнувајќи од 1963, поминав две години правејќи скривница во нашата куќа за ова печатење. Откако цел ден работев како алатничар, поминував цела ноќ правејќи копии на Стражарска кула со помош на двајца други браќа. Властите настојуваа да ја пробијат нашата печатарска организација, но Јехова ни помагаше така што нашата храна, како што ја нарекувавме, доаѓаше на време.
За да се произведат доволно копии од нашите списанија, беа потребни големи количини хартија, а набавката на тие количини не беше лесна. Ако редовно купувавме хартија на големо, тоа ќе го привлечеше вниманието на властите. Затоа поединечно купувавме хартија во мали количини и ја донесувавме кога имавме библиска студија како група. Оттаму се носеше таму кадешто се произведуваа списанијата. Други Сведоци потоа ги разнесуваа готовите списанија.
Бидејќи властите се сомневаа дека сум вклучен во печатењето на литература, постојано ме држеа мотреа на мене. Подоцна, во 1965, забележав дека ме следат повеќе од вообичаено, и претчувствував дека нешто се готви. Наеднаш, се појавија едно рано утро.
Спасен за влакно
Тоа зимско утро одев по патот на работа. Уште не беше се разденило, а јас се борев со остриот студ. Одејќи така, преку живата ограда здогледав четири глави. Луѓето скршнаа зад аголот и се упатија по патеката за да ме пресретнат. На мое запрепастување, ги препознав дека се службеници на властите. Што ќе правам сега?
Длабокиот снег беше изринат настрана, така што маше тесна патека. Продложив да одам. Ја наведнав главата и го држев погледот в земја. Прошепотив кратка молитва. Луѓето се приближуваа сѐ поблиску и поблиску. Дали ме препознаа? Кога се разминавме, не можев да поверувам што се случуваше. Одев сѐ побрзо и побрзо. „Еј“, извикна еден од нив, „па тоа е тој. Стој!“
Почнав да трчам колку што ме носеа нозете. Кога дојдов до аголот, скокнав преку оградата на соседот, а потоа во мојот двор. Влетав во куќата, заклучив и го ставив резето. „Станувајте сите!“, извикав. „Доаѓаат по мене.“
Маргарете се симна по скалите како молња и зазеде позиција кај вратата. За секунда бев во подрумот и ја полнев печката. Ги зграбив сите собраниски забелешки што ги имав и ги фрлив во огнот.
„Отвори!“, згрмеа однадвор. „Отвори ја вратата! Ова е јавниот обвинител.“
Маргарете не попушташе додека јас горев сѐ што можеше да се препознае. Потоа ѝ се придружив на Маргарете и ѝ кимнав да ја отвори вратата. Луѓето упаднаа.
„Зошто бегаше?“, прашаа.
Набрзо пристигна засилување и ја пребараа целата куќа. Мојата главна грижа беше скривницата каде што беа нашата машина за печатење и 40.000 листови хартија. Но, скриениот влез остана неоткриен. Иако ме испрашуваа со часови, Јехова ми помогна да останам ладнокрвен. Тоа искуство нѐ зближи со нашиот љубезен небесен Татко и нѐ зацврсти да истраеме.
Во затвор, а сепак слободни
Во доцните 1960-ти, ме известија да се јавам заради воена служба. Бидејќи според совеста не можев да служам, бев присилен да поминам повеќе месеци в затвор и во работен логор. Во логорот кај Котбус, југоисточно од Берлин, имаше 15 Сведоци. Сите ние бевме таму поради нашата христијанска неутралност (Исаија 2:2-4; Јован 17:16). Нашите работни денови беа долги, а работата тешка. Станувавме во 4.15 наутро и нѐ носеа вон логорот на железничката пруга. Меѓутоа, додека бевме в затвор, имавме прилики да им кажуваме на другите за Јеховиното Царство.
На пример, со нас во Котбус беа и двајца гаталци. Еден ден чув дека помладиот очајнички сакал да зборува со мене. Зошто ли ме бараше? Тој го изли своето срце. Неговата баба била гаталка, и тој, откако ги прочитал нејзините книги, развил слична моќ. Иако овој човек толку многу сакаше да се ослободи од моќта која владееше со него, се плашеше од одмазда. Плачеше и само плачеше. Но, што имаше сето ова со мене?
Во текот на нашиот разговор, ми објасни дека неговата способност да им ја кажува иднината на другите, се нарушувала кога бил во друштво со Јеховините сведоци. Му објаснив дека има и зли духови, или демони, и добри, или праведни ангели. Употребувајќи го примерот со оние кои станале христијани во древниот Ефес, ја истакнав потребата да ги исфрли сите предмети што се поврзани со гатањето или да се ослободи од сите други спиритистички постапки (Дела на св. апостоли 19:17-20). „Потоа поврзи се со Јеховините сведоци“, му реков, „нив ги има секаде“.
По неколку дена младичот замина од логорот, и не слушнав ништо повеќе за него. Но искуството со тој исплашен и неутешен човек кој копнеше по слобода, ја продлабичи мојата љубов кон Јехова. Ние, петнаесеттемина Сведоци, бевме во логорот заради нашата вера, но бевме слободни во духовен поглед. Тој младич го пуштија од затвор, но сѐ уште беше во ропство на „богот“ којшто го престрашуваше (2. Коринтјаните 4:4). Колку ние Сведоците би требало да ја цениме нашата духовна слобода!
Нашите деца на испит
Не само што возрасните мораа да останат цврсти заради своите библиски втемелени уверувања, туку и младите. Тие беа под притисок да направат компромис и в училиште, и на работа. Сите наши четири деца мораа да заземат став за своите верувања.
Секој понеделник во училиштата се одржуваше церемонија за поздравување на знамето. Децата излегуваа во дворот, пееја песна и поздравуваа со т. н. Телман–поздрав додека се креваше знамето. Ернст Телман беше германски комунист кого во 1944 го убија нацистичките есесовци. По Втората светска војна, Телман стана херој во Источна Германија. Поради нашите библиски втемелени уверувања дека света служба треба да му се упатува само на Јехова Бог, мојата сопруга и јас ги поучивме нашите деца да стојат со почит за време на таквите церемонии без да учествуваат.
Учениците исто така мораа да учат и комунистички песни. Маргарете и јас отидовме во училиштето на нашите деца и објаснивме зошто тие нема да пеат такви политички песни. Сепак, рековме дека спремно ќе учат песни со поинаква содржина. Така, уште од рани години, нашите деца научија да бидат цврсти и поинакви од своите врсници.
Кон крајот на 1970-тите, нашата најстара ќерка сакаше да изучува занает за една служба. Меѓутоа, од секој чирак се бараше најпрво да се подложи на 14– дневна предвојничка обука. Бидејќи совеста на Ренате не ѝ допушташе да учествува во тоа, таа зазеде цврст став и најпосле беше ослободена од одговорноста да оди на таква обука.
Додека го учеше занаетот, Ренате одеше во еден клас во кој од неа бараа да посетува обука во гаѓање. „Ренате, и ти ќе дојдеш на настава во гаѓање“, рекол наставникот. Не го засегал нејзиниот приговор. „Нема да гаѓаш“, ветил тој. „Можеш да се погрижиш за освежувањето.“
Таа вечер дискутиравме за таа работа како семејство. Чувствувавме дека присуствувањето на Ренате на наставата по гаѓање беше неисправно, иако не учествуваше директно. Зајакната од дискусијата со нас и од молитвата, таа не дозволи да биде заплашена. Колкаво охрабрување беше за нас да ја видиме нашата млада ќерка како зазема став за праведните начела!
Пораст на нашите јавни проповеднички активности
Кога кон крајот на 1970-тите спласна противењето спрема нашето дело, од Запад почнаа да доаѓаат големи залихи на наши христијански публикации. Иако тоа беше опасна работа, храбрите браќа доброволно го правеа тоа. Многу ги ценевме овие зголемени залихи од литература и напорите на оние кои ги овозможуваа. За време на првите години од забраната, прогонствата беа остри. Беше вистински предизвик да се оди во проповедање од куќа до куќа. Всушност, стравот од репресалии наведе некои да се воздржат од неа. Но, со текот на времето, нашето дело на јавно проповедање драматично порасна. Во 1960-тите, само околу 25 посто објавители на Царството редовно учествуваа во службата од куќа до куќа. Меѓутоа, бројот на оние кои редовно учествуваа во таа гранка на службата, кон крајот на 1980-тите порасна на 66 посто! Оттогаш властите обрнуваа помало внимание на нашата активност на јавно проповедање.
Во една прилика, еден брат со кого работев во служба, ја поведе и својата мала ќеркичка. Одушевена од присуството на девојчето, една постара госпоѓа со којашто разговаравме, нѐ покани во својот дом. Таа ја ценеше нашата библиска понуда и се согласи да ја посетиме повторно. Подоцна оваа посета ѝ ја предадов на мојата сопруга, која веднаш започна домашна библиска студија со жената. И покрај длабоката старост и слабото здравје, оваа госпоѓа стана наша сестра и сѐ уште е активна во Јеховината служба.
Прилагодувања додека наближува слободата
Јехова нѐ подготвуваше за времето кога требаше да се радуваме на поголема слобода. За илустрација: Кратко пред да ја укинат забраната, добивме совет да го промениме начинот на кој се обраќавме меѓусебно на состаноците. Од безбедносни причини, се обраќавме само по име. Многумина кои се познаваа со години, не ги знаеја презимињата на соверниците. Меѓутоа, подготвувајќи се да им изразиме добредојде на мнозина нови интересенти, бевме охрабрени меѓусебно да се обраќаме со презимето. На некои тоа им изгледаше безлично, но оние кои го следеа советот, подоцна полесно се прилагодија кога добивме слобода.
Бевме исто така охрабрени, состаноците да ги започнуваме со песна. На тој начин се привикнувавме на постапката што ја применуваа собранијата насекаде. Друго прилагодување беше во големината на нашите групи за проучување. Од четири лица во 1950-тите, тие постепено пораснаа на осум души. Подоцна пораснаа на 10, и најпосле на 12. Освен тоа, беше направена студија за да се осигура дали местата на состанување за секое собрание се лоцирани на средината за да им одговара на повеќето Сведоци.
Повремено можевме да ја видиме мудроста на предложените прилагодувања дури откога ќе беа направени. Колку често Јехова се покажа како мудар и внимателен Татко! Постепено, тој ни помогна да се прилагодиме на остатокот од неговата земска организација, така што сѐ повеќе се чувствувавме дел од светското братство на неговиот народ. Секако, Јехова Бог со љубов го штитеше својот народ скоро 40 години додека тие работеа под забрана во Источна Германија. Колку се радуваме сега што имаме законски статус!
Денес во некогашната Источна Германија има 22.000 или повеќе Сведоци на Јехова. Тие се живо сведоштво за мудрото водство и љубезната грижа на Јехова Бог. Неговата поддршка во текот на годините под забраната покажува дека тој може да ја совлада секоја ситуација. Сеедно какво оружје да се изработи против неговиот народ, тоа нема да успее. Јехова секогаш добро се грижи за оние кои имаат доверба во него (Исаија 54:17; Јеремија 17:7, 8) Раскажал Хорст Шлојснер.
[Слика на страница 31]
Хорст и Маргарете Шлојснер во просториите на Друштвото во Источен Берлин