Дојди на Обласниот конгрес „Светлоносци“
„ЕТЕ, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите“ (Исаија 60:2). Колку се вистинити овие зборови денес! Без сомнение, лажната религија ги држи луѓето во темнина во поглед на обликот на обожавањето кое му е угодно на Бог. Зошто? Затоа што Сатана, богот на овој систем на работи, „им ги заслепил умовите на неверниците“ (2. Коринтјаните 4:4, NW).
Во остар контраст со оние што ги заслепил Сатана, се Јеховините сведоци. На нив можат да се применат зборовите на пророкот Исаија: „Над тебе ќе засветли Јехова, и славата негова ќе се види над тебе“ (Исаија 60:2, NW). Колку се благодарни што излегле од темнината во Божјата прекрасна светлина! Тоа е духовна светлина, вистината од Божјата Реч која го просветува умот, така што дури и оние кои дословно се слепи, можат да ја видат вистината.
Се разбира, потребна е помош. Малку е веројатно дека ќе може да ја разликува светлината некој кој само ја чита Библијата без да ја искористи предноста на божествено обезбедената помош. Токму затоа Јехова го дал „верниот и разумен роб“, кој е проречен во Матеј 24:45-47, (NW). Денес, робот е претставен со Водечкото тело на Јеховини сведоци. Под водството на ова тело се подготвува Обласниот конгрес „Светлоносци“.
Целта на овој конгрес е да им помогне на сите Јеховини сведоци да бидат подобри носители на светлина, во склад со Павловите зборови во Филипјаните 2:15. Затоа, христијаните се опоменати да светат како „светила во светот“ (Матеј 5:14, 16).
Серијата обласни конгреси „Светлоносци“ во САД е предвидена да почне во петок, на 5 јуни. Во 10.20 часот музичката програма ќе им помогне на сите да дојдат во исправно расположение на срцето и умот, спремни за духовната програма што следи. Секој ден има своја тема, а темата за петок е „Испрати ја твојата светлина и твојата вистина“ (Псалми 43:3, NW).
Утринската програма во петок ќе го истакне клучното предавање „Носители на светлина — за која цел?“ Навистина, христијаните се носители на светлина без какви и да се лични, себични мотиви. Наместо тоа, тие служат од истите причини од кои служел и Исус Христос, Главниот Носител на светлина, кога дошол на Земјата, имено, да дадат сведоштво за вистината и да го прослават името на Творецот. Прикладно е што Исус самиот за себе рекол: „Додека сум на светот, јас сум светлината на светот“ (Јован 9:5, NW). Така, тој оставил модел уште поточно да ги следиме неговите стапки (1. Петрово 2:21). Истиот ден попладнето ќе биде истакнат и говор и библиска драма кои зборуваат за царот Јосија, а ќе бидат од посебен интерес за младите.
Темата во сабота е „Вие сте светлината на светот . . . Нека светли вашата светлина“ (Матеј 5:14, 16, NW). Утринската програма ќе истакне циклус предавања под наслов „Нека светли вашата светлина“. Ќе им биде пружена прилика и на оние кои сакаат своето предание на Јехова да го симболизираат со крштение. Попладневната програма ќе прикаже циклус предавања под наслов „Осветлување на Христовата присутност и откровение“.
Темата што е избрана за недела, третиот и последен конгресен ден, е „Продолжете да одите како деца на светлината“ (Ефесјаните 5:8, NW). Утринската програма ќе содржи циклус предавања под наслов „Да се грижиме едни за други во христијанското домаќинство“, во кое ќе се говори за семејните должности. Исто така ќе има предавање кое ќе објасни што значи да се биде подложен на Бог и на Христос.
Својата кулминација конгресот ќе ја достигне во недела попладне со јавното предавање под наслов „Следи ја светлината на светот“. Ова излагање ќе содржи коментар на Јован 1:1-16 и ќе ја покаже потребата од библиско познавање, нагласувајќи дека Исус Христос е светлината на светот. Конгресот ќе заврши со сериозно охрабрување да „Продолжиме да одиме во светлината“.
Покажи го своето ценење за оваа духовна гозба која Јехова ја обезбедува преку својата видлива организација. Присуствувај од почетната песна в петок па сѐ до завршната молитва в недела попладне. Обрни внимание на сѐ што ќе биде речено од подиумот. Води си забелешки за да ти помогнат да се концентрираш и за подоцна да се потсетиш. И на крајот, планирај да учествуваш во некој облик на доброволната служба. Така, не само што ќе се радуваш на благословите на примањето, туку и на поголемиот благослов на давањето (Дела на св. апостоли 20:35).