Богати благослови на Обласните конгреси „Светлоносци“
ПРЕД околу 2.700 години, пророкот Исаија напишал: „Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите“ (Исаија 60:2). Само колку овие зборови се обистиниле! Но постои надеж, бидејќи Јехова предизвикал светлината да светли. Минатата година, љубителите на Божјата светлина беа срдечно повикани да присуствуваат на Обласниот конгрес „Светлоносци“.
Најпрвин конгресната програма беше прикажана во Северна Америка, во месец јуни. Во текот на следните месеци, таа беше изнесена во Источна и Западна Европа, Централна и Јужна Америка, Африка, Азија и на морските острови. Присутните броеја на милиони. А во каква богата духовна гозба уживаа!
„Добредојдовте, сите вие носители на светлината“!
На многу места конгресот започна во петок, а заврши во недела попладне. Во петок претпладне откако посетителите се сместија на своите места, со задоволство можеа да чујат краток преглед за начинот како Јеховината светлина светли сѐ повеќе во текот на овие последни денови. Потоа на подиумот се искачи претседавачот на конгресот. Тој нагласи дека вистинските христијани треба да бидат носители на светлина, па срдечно извика: „Добредојдовте, светлоносци!“ Конгресната програма требаше да им помогне на делегатите да продолжат да ја одразуваат Јеховината светлина.
Поздравниот говор го најави призвукот за целиот конгрес. Говорникот ги потсети посетителите дека светлината згаснала за човештвото уште во Еден. Од тоа време, Сатана ги заслепил луѓето за светлината на вистината (2. Коринтјаните 4:4). Меѓутоа, Исус дошол како „светлина за незнабошците“ (Исаија 42:1-6). Тој ги разоткрил религиозните лаги, ги идентификувал беззаконите дела кои ѝ припаѓаат на темнината, го поткрепил Јеховиниот суверенитет и ја проповедал добрата вест за Царството. Исусовите следбеници го направиле истото — и тоа сѐ уште го прават! (Матеј 28:19, 20). Говорникот возбудливо рече: ‚И ние, како Исус, можеме да бидеме светлоносци. Денес не постои поважно дело и не постои поголема предност‘.
Токму пред крајот на програмата за првиот дел од конгресот, имаше изненадување. Претседавачот на конгресот се врати на подиумот и објави излегување на првиот од серијата од четири нови трактати. Одушевувачки аплауз го поздрави ваквиот развој, а на крајот, на секој присутен делегат му беше достапен по еден примерок од тој трактат.
Во петок попладне конгресната програма дојде до основниот совет за христијаните како светлоносци. Првите два говора пружија прекрасни совети за тоа како да избегнеме да бидеме затруени од светската темнина. Со оглед на тоа што Сатана може да се појави како ангел на светлината, животоважно е да се задржи духовниот поглед за нечистите работи на светот да не нѐ заведат (2. Коринтјаните 11:14). Павле советувал: „И не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Конгресните делегати слушнаа дека преобразувањето на еден христијанин е траен процес. Нашите мисли се постојано прочистувани и обликувани како што ја истражуваме Божјата Реч и го применуваме она што го учиме. На тој начин ние стануваме сѐ послични на Исус кој бил ‚полн со благодат и вистина‘ (Јован 1:14).
Млади светлоносци
Вториот дел од петок попладне им беше наменет на младите. Првиот говор („Млади — по што тежнеете?“) им ги препорача на младите христијани многуте добри примери на вера. Но, тоа ги потсети дека тие се посебна мета на Сатана. Дури и на еден врвен атлет му треба тренер. На сличен начин, и на младите луѓе им е потребна помош од нивните родители и собранието со цел да продолжат да одат во светлината.
Ова беше нагласено со прекрасната драма Да се прави она што е исправно во Јеховини очи која ја заклучи програмата за петок. Беше истакнат примерот на цар Јосија. Уште како младо момче тој бил одлучен да му служи на Јехова. Бил изложен на лошо влијание, но под водството на првосвештеникот Хелкија и поради сопствената љубов кон Божјиот закон, Јосија го правел она што било исправно во Јеховини очи. Нека и денешните млади христијани постапуваат на сличен начин.
Нека светли светлината
Откако ноќта се одморија, во сабота претпладне конгресните делегати дојдоа подготвени за натамошно изградување со Библиски совети. Не беа разочарани. После разгледувањето на дневниот стих програмата продолжи со серија предавања која прикажа различни начини на кои еден христијанин може да дозволи неговата светлина да светли (Матеј 5:14-16). Еден неопходен начин е проповедањето, но важна улога игра и однесувањето. Како што рече говорникот, „проповедањето им кажува на другите што ние веруваме, но практицирањето на љубовта тоа го докажува“.
Тогаш, вниманието на делегатите го привлече едно значајно помошно средство во проповедањето — трактатите. Имаќи ги сѐ уште свежо во мислите објавите од претходниот ден, делегатите слушнаа искуства кои покажаа колку се моќни тие мали алатки. Беа охрабрени во секое време со себе да носат залиха од трактати, спремни во секоја прилика.
Понатаму, вниманието беше свртено кон пионерите, тие полновремени објавители на Царството кои напорно работат како светлоносци. Колку само ги цениме нашите пионери кои работат напорно! А нивниот број се зголемува. Дури и во земји каде што слободата на обожавање беше дозволена неодамна, пионерските редови растат. Пионерите беа охрабрени да ја ценат нивната предност. А оние кои сѐ уште не се пионери беа подбудени да ја разгледаат својата ситуација. Можеби и тие би можеле да ги уредат своите работи така за да ја пуштат нивната светлина во полновремената служба.
Да се биде носител на светлината честопати вклучува жртви, и тоа беше истакнато во наредниот говор: „Да се служи на Јехова со самопожртвуван дух“. Павле се обратил: „Подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога“ (Римјаните 12:1). Оние кои поднесуваат прогонства покажуваат самопожртвуван дух. Пионерите секојдневно прават жртви со цел да останат во полновремената служба. Навистина, сите вистински христијани прават жртви, зафаќајќи се во Јеховината служба наместо во себичните, материјалистички тежнеења на овој свет. Таквиот правец резултира во богати благослови од Јехова.
Дискусијата послужи како прикладен вовед во она што следеше — говорот за крштение. Оние кои беа крстени на обласниот конгрес „Светлоносци“ сигурно нема да го заборават овој говор. Нивното крштение ќе биде секогаш најважен настан во нивниот живот. Беа потсетени дека тие го следат примерот на Исус Христос кој се крстил на 30-годишна возраст. Уште позначајно, кандидатите за крштение беа среќни да се потсетат дека ‚ги отфрлиле сите дела на мракот‘ и донеле одлука да ‚Му служат на Господа‘ (Римјаните 12:11; 13:12). Тие стоеја радосно пред конгресниот собир и дадоа јавна изјава пред да заминат за крштение (Римјаните 10:10). Ние се молиме Јехова да ги благослови сите оние кои во текот на Обласниот конгрес „Светлоносци” го симболизираа своето предание на Јехова со крштение во вода.
Во сабота попладнето беше време за некои искрени предупредувања. Тие беа во облик на говори под наслов „Избегнувај ги замките на алчноста“, „Дали некој ги расипува твоите корисни навики?“ и „Чувај се од секаков вид идолопоклонство“. Овие три говора открија некои тактики кои Сатана ги употребува за да ги ослаби христијаните. Јуда Искариотски бил апостол, но го издал Исус за пари. Младиот Самуил пораснал во самиот центар на Јеховиното обожавање, но неминовно бил во допир со едно многу лошо друштво (1. Царства 2:12, 18-20). Идолопоклонството може да вклучи работи како што се неморал и алчност (Ефесјаните 5:5; Колосјаните 3:5). Да, лакомоста, лошото друштво и идолопоклонството се опасни и мора да се избегнуваат.
Конгресната програма потоа го промени својот тек. Следниот говор постави повеќе интересни библиски прашања и воедно одговори на нив. На пример, можеш ли да објасниш дали ќе бидат воскреснати оние кои не ја прифатиле вистината, а умреле пред големата неволја? Што може да направи христијанинот ако тој или таа не може да најде прикладен брачен партнер“? За да го продлабочат своето библиско познавање, делегатите беа охрабрени во потполна мерка да го употребуваат Индексот на публикации на Стражарска кула, особено поднасловот „Прашања од читателите“.
Христовата присутност и откровение
Завршниот дел од програмата во саботата, со серија предавања под наслов „Фрлање светлина на Христовата присутност и откровение“ се осврна на пророштвото. Беа прегледувани карактеристиките на „знакот“ кој ја докажува присутноста на Исус Христос (Матеј 24:3). Во вториот дел беа дискутирани денешните активности на ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45-47). Беше истакнато дека, од 1919 класата на робот верно го предводела делото на проповедање на добрата вест за Царството. Потоа било собрано големо мноштво од сите нации да учествува со помазаните христијани во одразувањето на Јеховината светлина. Говорникот заклучи: „Нека сите ревно продолжиме да го поддржуваме верниот и разумен роб. Само на тој начин, еден ден, сите луѓе слични на овци ќе бидат во можност да ги слушнат радосните зборови: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25:34).
Последниот говорник дискутираше за значењето и за примената на откровението од Исус Христос (1. Коринтјаните 1:7). Какво доживување ќе биде тоа откровение! Големиот Вавилон ќе биде уништен. Големата битка помеѓу Сатановиот свет и Исус и неговите ангели ќе заврши со уништување на овој систем. Конечно, самиот Сатана ќе биде фрлен в бездна и ставен во неделотворност. Но, за Божјиот народ, со свадбата на Јагнето на небото и создавањето на нова земја, тоа ќе биде ослободување. Говорникот ги израдува присутните со објавувањето на новата брошура Дали Бог навистина се грижи за нас? Каква извонредна помош ќе биде за оние понизни поединци кои имаат потреба да го спознаат нашиот грижлив Творец и неговите намери со нас!
Христијански домаќинства
Недела. Веќе настапи последниот ден на конгресот. Меѓутоа, имаше уште многу што требаше да се изнесе. После разгледувањето на дневниот стих, вниманието беше свртено кон христијанското семејство со серијата предавања: „Да се грижиме едни за други во христијанското домаќинство“. Првиот дел им помогна на посетителите да ја сознаат тајната како да се има успешно христијанско семејство: да се стават духовните работи на прво место. Вториот дел ги охрабри семејствата заеднички да ги извршуваат задачите, било тоа да вклучува присуство на состаноците, служба на проповедање, семејна студија или рекреација. А третиот дел од серијата предавања ги потсети делегатите за нивната предност и одговорност да се грижат за постарите. „Нашите постари браќа и сестри се богатство за собранието“, рече говорникот. Да го цениме нивното искуство и да ја имитираме нивната беспрекорност.
Како наредно беше разгледано значењето на изразот „со здрави мисли“ (1. Петрово 4:7). Оној кој е со здрави мисли е урамнотежен, разумен, чувствителен, понизен и разбран. Тој може да разликува меѓу исправно и погрешно, вистина и лага. Што е уште поважно, тој се стреми да зачува добро духовно здравје.
Последниот говор во претпладневната програма во неделата ја разгледуваше нашата подложност на Бог и Христос. „Важноста да се биде во лојална подложност на Јехова Бог и неговиот Син Исус Христос не може доволно да се нагласи“, рече предавачот. Тој продолжи прикажувајќи како тоа влијае на секој аспект од нашиот живот. Што ќе ни помогне да останеме во подложнст? Четири својства: љубов, божествен страв, вера и понизност.
Недела попладне
Одеднаш, веќе беше недела попладне, време за последниот состанок од конгресот. За многумина изгледаше дека конгресот штотуку започнал, а веќе се приближуваше кон својот крајот.
Јавното предавање беше со наслов „Следете ја светлината на светот“. Присутните беа почестени со одушевувачко објаснување на улогата на физичката светлина во одржување на животот. Потоа предавачот ја покажа поголемата важност на духовната светлина. Физичката светлина нѐ одржува во живот неколку децении, но духовната светлина може да нѐ сочува во живот за цела вечност. Разгледувањето на Јован 1:1-16, стих по стих, каде што Исус е назначен како светлина на светот, беше врвниот дел од предавањето. Денес, во последните години од овој злобен систем, поитно е од кога и да е порано да се следи Исус во оваа улога.
После краткото прегледување на студискиот материјал од Стражарска кула доделен за таа недела, дојде време за заклучниот говор. На наша радост, говорникот прикажа дека постојат уште многу работи кои треба желно да се очекуваат во претстојните денови. На пример, тој објави нова аудио касета, драмата Ревно да се извршува Божјата волја. Но тоа не беше сѐ. Во тек е нова серија на видео касети со наслов Библијата — книга на факт и пророштво од кои прва е со тема: Библијата — точна историја, веродостојно пророштво.
Најпосле, предавачот објави дека во 1993 ќе има четиридневни обласни конгреси, вклучувајќи специјални меѓународни собири во Африка, Азија, Европа и Јужна Америка. И покрај тоа што обласниот конгрес „Светлоносци“ заврши, делегатите можеа да почнат да прават нови планови за следната година.
Така дојде времето конгресните делегати да си одат дома. Се разбира, тие беа поодлучни од кога и да е порано да продолжат да ја одразуваат светлината во овој затемнет свет. После три дена исполнети со добри духовни работи, зборовите од последниот стих цитиран во завршниот говор имаа големо значење: „Јехова е Божествениот, и тој ни дава светлина. . . . Дајте му фалба на Јехова, народе, бидејќи е добар; бидејќи неговата љубезна доброљубивост е до неодредени времиња“ (Псалми 118:27, 29, NW).
[Слика на страница 15]
Конгресна програма на руски
[Слики на страници 16 и 17]
Членовите на Водечкото тело говореа на многу конгреси
Јапонските делегати беа меѓу оние кои присуствуваа во Санкт Петерсбург, Русија
Возбудливата библиска драма ја нагласи потребата да се прави она што е исправно во Јеховини очи
Нови светлоносци го симболизираа своето предание на Јехова преку крштение
Конгресни делегати задлабочени во програмата, Санкт Петерсбург
[Слика на страница 18]
Делегатите беа возбудени кога ја добија новата брошура „Дали Бог навистина се грижи за нас?“